Кога годинава се соочив со програмата од национален интерес за театарската дејност, прво што ми падна на ум е: На нашиот национален театар не му се потребни непријатели однадвор, ги имаме во доволен број дома.
Пишува: Трајче Кацаров
Кога кутриот А.П. Чехов тргнал кон Ница, по топло сонце и сув воздух, како терапија во лечењето на офтиката, француските писатели ги вклучиле сирените за тревога. Толку многу се исплашиле што меѓусебната комуникација и онаа со книжевната јавност, ја сведувале на апелот: „Затворете ги вратите, руската култура напаѓа!“ А кутриот ле, кутар Чехов, само барал пристан каде ќе може барем за кратко да дише со полни гради.
На тревогата што ја кренале француските писатели, може да и’ се пријде од две страни: Од страната на националните книжевни вредности и од страната на загрозувањето на високата позиција на светското книжевно скалило. Француските писатели преку апелот покажале сериозна загриженост за националната литература. Ако сакаш нешто да го имаш, треба да го негуваш, да го чуваш. Знаеле тие што имаат и колку тоа ги привилигира во однос на другите нации. Покажале страв, што значи се покажале подготвени, да бидат будни, во ниту еден миг да не заспијат на ловориките од минатото.
Стравот е голем непријател на конфорот. Конфорот е непријател на прогресот. Со сите четири кренати, не се стига далеку. Дима синот рекол: „Како можеш да стигнеш до целта, ако не знаеш каде одиш“. Знаеле Французите каде оди нивната култура, но не знаеле каде оди Чехов. Ги надигнале сирените за тревога и останале без ниту еден белег што може да ја открие колебливоста во своите вредности.
***
Кога годинава се соочив со програмата од национален интерес за театарската дејност, прво што ми падна на ум е: На нашиот национален театар не му се потребни непријатели однадвор, ги имаме во доволен број дома.
Ако видикот ни проектира слика во која се гледа како скандинавските, француските, германските, руските драматичари ни се приближуваат, никому од актерите и режисерите, како и на проектаните на националниот интерес во културата, нема да им дојде да ја надигнат „гајдата“ чии звуци ќе апелираат да се стави резе на вратата на националната драматургија.
Ако Французите се плашат да не падне сенка врз нивните национални книжевни вреднисти, ние се плашиме да не фрлиме сенка надвор од дворот. Се плашиме да не предизвикаме сомнеж за нашето „космополитско расположение“.
Старо правило е, без национална драма нема национален театар. Нека го применуваат правилото нациите на кои им е потребен националниот театар. Нам ни се доволни партиските.
П.С. Како што ќе дојде некоја од двете најбројни партии во нашава Страдалница, на власт, така помошните тела-комисиите по одделни дејности во Министерството за култура – за литература, театар, музјски вредности, библиотеки и сл. се составуваат од редот на партиското членство. При изборот на членовите не се поаѓа од компетентноста, туку од тоа кој колку е подготвен, колку е храбар, да ù нанесе удар, штета на опозиициската партија, т.е. на нејзините членови во ролјите на писатели, актери, режисери, музичари, сликари и сл.
Фото: Pixabay