Да го искористат периодот за жалби во Министерството за култура и да конкурираат на повиците за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по бројните реакции на резултатите од Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.
– Го имаме предвид фактот дека пазарот е мал и има свои правила. Но, оние што веќе се докажале на пазарот и ја добиле поддршката на почетокот на нивните кариери, не треба да го изгубат чувството дека поддршка сега му е потребна и на некој друг – рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека субјективното толкување на конкурсот ja девалвира суштината дека тоа е поддршка, а не целосно финансирање на сите пристигнати пријави.
– Во спротивно не би бил доволен ниту целиот годишен буџет на Министерството за култура – вели Костадиновска-Стојчевска.
Таа ги повика сите незадоволни да ја искористат правната можност за жалба, меѓу нив и организаторите на „Офф-фест“ кои најавија дека годинава ќе ја откажат манифестацијата.
Во однос на реакциите во издавачката дејност, Костадиновска-Стојчевска рече дека стручната комисија била исправена пред предизвикот да направи квалитетна и коректна селекција со намален буџет. Таа посочи примери на автори кои со години се поддржувани од Министерството за култура за нивните дела, за преводи на нивните книги и за учество на меѓународни маниефестации и саеми.
Комисиите поддржале голем број проекти со кои се одбележуваат јубилеите: 120 години од Илинденското востание, Година на Ацо Шопов, 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и други. Костадиновска-Стојчевска ги повика институциите од културата, невладиниот сектор и секој уметник одделно, да обрнат внимание на отворените повици за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови кои одвојуваат сè повеќе средства за поддршка на културата, особено за земјите од Западен Балкан.





