Средошколците од Математичко-информатичката гимназија од Скопје и денеска ќе ја бојкотираат наставата. Бојкотот почнува пред училиштето во 13.30 часот, времето кога им почнува втората смена, кога учениците и професорите што ги поддржуваат ќе дадат изјави за медиумите.
Талентираните ученици од вторникот одбиваат да одат на настава поради незадоволство кое се акумулира подолго време, а ексалира со избор на нови професори во понеделникот. Вчера, додека учениците даваа изјави за медиумите, Советот на родители на гимназијата имаше состанок со дриректорката Јулија Гајдаџиева.
– Советот на родители заврши без никаков резултат. Директорката не оствари ниту најмал контакт со нас. Родителите си заминаа разочарани и со поддршка кон нас – велат учениците од МИГ.
Од Министерството за образование и наука велат дека проблемите треба да се решат интерно во рамките на школото. Учениците засега единствена поддршка наоѓаат во медиумите.
За проблемите почна јавно да се зборува на почетокот на второто полугодие кога учениците две недели немаа настава по стучните предмети зашто не им беа продолжени договорите на истакнатите стручни наставници кои ги предаваат стручните предмети. Според Законот за математичко-информатичка гимназија, за истакнато стручно лице се смета ако предавачот бил ментор на ученик кој бил награден на престижен меѓународен натпревар, запишан е на докторски студии или веќе е доктор на науки на соодветната област.
Талентираните ученици се незадоволни од изборот на професорите и нивната честа промена што влијае врз квалитетот на наставата. Поддршка вчера им дадоа и проф. д-р Зоран Мисајлески кој предава математика на Градежниот факултет во Скопје и Миле Јованов, професор на ФИНКИ, претседател на Здружението на информатичарите на Македонија кој самиот конкурирал на огласот и бил одбиен без образложение.
Учениците вчера рекоа:
– Во трета година 80 отсто од предметите ни се стручни. На местото на старите професорите доаѓаат други со послаби квалификации за работа во оваа гимназија – велат тие.
Очекуваме одговори од директорката Гајдаџиева за коментар на ситуацијата. Во моментот кога ќе добиме изјава, веднаш ќе ја објавиме.





