Македонскиот јазик е бисерен ѓердан, колку и како ќе го зачуваме – зависи од нас

Изнаоѓањето начини за мотивирање на учениците е движечка сила, длабоко вметната во емоционалниот и социјалниот дел од личноста на секој успешен наставник, вели Фила Вероска-Стојковска, наставничка по македонски јазик чија ученичка освои прва награда на 55. Детски Рацинови средби

Училницата е брод со чие кормило управува наставникот давајќи насоки на движење. Како ќе се плови во светот на литературата и јазикот, многу зависи од наставникот – од неговата љубов и страст за својата професија, вели Фила Вероска-Стојковска, наставничка по македонски јазик во Основното општинско училиште „Кочо Рацин“ во Охрид. Нејзината ученичка, осмоодделенката Надица Тасеска освои прво место на литературниот конкурс „Рацин – поет на болката и љубовта“ на 55. Детски Рацинови средби, манифестација која традиционално се одржува во Велес. Ова е само еден од натпреварите на кои учествуваат учениците на Вероска-Стојковска и постигнуваат одлични резултати. Со неа разговараме за мотивацијата да им влева љубов за мајчиниот јазик на учениците, да ја сакаат литературата и оние што имаат талент – да творат.

Фила Вероска-Стојковска

Кон средината на ноември во Велес со собраа сите Рацинови следбеници кои твореа на тема „Рацин – поет на болката и љубовта“. Надица Тасеска ја освои првата награда на литературниот конкурс во категорија основни училишта.

– Ова е награда од изворот на љубовта и почитта кон Коста Солев Рацин, инспирирана од силата на Рациновиот стих. Посебно ни е значајна како горди наследници на неговото дело бидејќи и нашето училиште го носи името на големиот Рацин – вели Вероска-Стојковска.

Извадок од наградената творба на ученичката Надица Тасеска

„Рацин – љубов преточена во мугра и темнина,
поезија – приказна горка обвиткана со светлина,
стихови – болка и љубов претворени во нов зрак,
поет – тело и душа, оган распламтен во карпа мрак.

Атоми на болка се откинуваат од поетовата душа,
шепот од тага и патила на аргатите се слуша.
Каракамен, солзи за недоткаена кошула ѕвонат,
срцата што страдаат за мугрите бели сонат…“

Надица Тасеска во Спомен-куќата на Рацин во Велес

Мотивираноста се гради постојано

Велес секоја година го отвора портите за сите Рацинови следбеници кои творат во чест на безвремениот поет. Вероска-Стојковска е одушевена од беспрекорната дводневна организација на јубилејните 55. Детски Рацинови средби.

– Да се биде дел од една ваква манифестација е привилегија и чест, бидејќи тогаш Велес дише за Рацин, живее со Рацин кој се слави низ детската мисла. Богатата програма започна со дефилето „Цветен пат за Рацин“, имаше грнчарски и книжевни работилници, дружење со детски автори, едукативни игри, предавање и беседа за Рацин, посета на спомен-куќата на Рацин, а на крајот, како круна на дводневното чествување беше свеченото доделување на наградите во салата „Бели мугри“ во библиотеката „Гоце Делчев“. Најсилен впечаток остава сеприсутноста на Рацин низ богатата програма преку која се чувствува дека Велес е Рацин, дека сите сме Рацин а тоа е радост за очите и за душата – вели таа.

Ученичката и наставничката пред муралот на големиот поет

Ова не е единствениот конкурс на кој учествуваат учениците на Вероска-Стојковска. Учествувале на повеќе конкурси меѓу кои Републичкиот литературен фестивал „Ракатки 2022“. Наставничката вели дека главни ликови во оваа успешна приказна се децата, творци на прекрасна поезија и проза. Искажувајќи ја својата бесконечна љубов кон родниот крај, ученичката Надица Тасеска освои прва награда со својата поетска творба посветена на Охрид.

Таа освоила прва награда и на литературната манифестација „Жуборења од Радика 2022“ во организација на Здружението за афирмација и развој на реканскиот крај – Рекански порои, а ученикот Петар Илоски од осмо одделение освоил втора награда. Манифестацијата била збогатена со културно-уметничка програма, рекански фолклор и традиција.

Вероска-Стојковска десетина години работи како наставник по македонски јазик во родниот Охрид. На прашањето што најмногу ја поттикнува да ги мотивира своите ученици да го сакаат јазикот, да учествуваат на конкурси, да творат на мајчин јазик таа вели:

– Изнаоѓањето начини за мотивирање на учениците е движечка сила, длабоко вметната во емоционалниот и социјалниот дел од личноста на секој успешен наставник. Мотивацијата ја гради и развива наставникот со своето однесување на наставниот час, со кое дава свое обележје на процесот на реализација на наставната материја. Детската мисла ми е предизвик и затоа целта на часовите ми е да допрам до срцата на учениците преку убавината на македонскиот јазик низ поетските и прозните дела на нашите автори. Мотивираноста се гради постојано, преку разните техники преку кои се развива критичкото мислење, преку приближувањето одредени литературни периоди и нивните претставници, емотивните впечатоци по прочитани литературни дела, анализата на ликовите, разните дискусии, можноста за јазични и литературни истражувања, средбата со автори. На тој начин, особено кај учениците кои се вљубеници во пишаниот збор се јавува желба да творат на мајчин јазик создавајќи своја уметност – објаснува Вероска-Стојковска.

Англискиот јазик не е виновен за целокупната негрижа за сопствениот јазик

Според неа, во целокупниот спектар улоги на наставникот, спаѓа и улогата на ментор преку која ученичкиот афинитет добива поддршка и поттик истиот да се развива. Наставникот треба да ја открие дарбата на ученикот мислата да ја претвора во поетски или прозен израз, а тоа бара постојана работа и следење.

– Секој наставник треба да ги забележи карактеристиките на учениците коишто имаат афинитет кон литературата: јасно изразување, богат израз, занес, моќ на соживување, способност на поинаков начин да се перципираат предметите и појавите, сензибилност… Многу е важна поддршката на наставникот во самостојната творечка работа на ученикот. За таа цел, наставникот треба да настојува постојано да создава атмосфера која поволно влијае на развојот на таквите ученици кои се препознаваат на часовите во редовната настава, но нивниот развој бара индивидуален пристап. Тоа се реализира преку литературната секција која ја негува љубовта на учениците кон пишаниот збор – вели Вероска-Стојковска.

Анализите и тестирањата на основците во Македонија подолго време покажуваат слаби познавања на македонскиот јазик, проблем со разбирање на прочитаниот текст. Под огромен наплив од англиски јазик, интензивно користење на интернет и социјални мрежи, децата пишуваат „незнам, неможе, прецедател…“. Вероска-Стојковска вели дека секој човек светот го осознава преку мајчиниот јазик, така што љубовта и грижата кон него започнува да се учи во општествената заедница. Училиштата имаат огромна улога во создавањето вистинска личност со сите морални и научни квалитети и вредности и ја имаат улогата на правилно проучување и употреба на македонскиот литературен јазик.

– Англискиот јазик и развојот на технологијата не се виновни, вината е во целокупната негрижа за сопствениот јазик од страна на општествената заедница. Сведоци сме дека на медиумите постојано се слушаат и пишуваат некои неправилни јазични форми и погрешно се употребува акцентот. Непознавањето на правописните правила се огледало на она што ги опкружува учениците, зашто опкружувањето е модел од кој тие учат и имитираат. Сиромашниот речник кај учениците се збогатува преку негување на културата на читање, а за жал учениците сè помалку читаат лектирни дела, а уште помалку слободна литература. Македонскиот јазик е бисерен ѓердан, колку и како ќе го зачуваме – зависи од нас. Но сите треба да сме свесни дека со нас не започнува или завршува тој круг, зашто ние сме само еден бисер во тој бесконечен ѓердан – децидна е Вероска-Стојковска.

Сподели