Во барот „Нагоре“ во Струмица вечерва во 21 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи „Комплицирано е“ на Кирчо Арсовски од Куманово. Изложбата ја реализира Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ како втора од проектот „Ѕид на уметноста“ во кој струмичани имаат можност да се запознаат со уште еден од уметниците во Македонија кои создаваат авангардна и неконвенционална уметност.
Изложбата ќе биде продажна, а ќе бидат претставени 30 дела. Целта на проектот е да претстави уметници од Македонија кои создаваат минијатури, цртежи, графики, кроки скици и дела со помал формат, а не секогаш успеваат да бидат презентирани во поголеми простори или галерии.

– Кирчо Арсовски е еден од најдобрите поп андерграунд автори во Македонија, медиумот кој го претставува е инфантилен, што би рекле тинејџерски, претставува политички и сексуални фрустрации, а опусот и тематика му се препознатливи, баш поради тоа што користи евтини материјали, а неговиот израз и лесното поп изразување не е тенденциозно, традиционално, ниту претенциозно, баш како во музиката на ТБ Трачери. Тој е лесен во цртањето како во гитарското перце, со неколку ликовни рифови прави како што големите мајстори покриваат огромни платни површини – вели Митко Гогов.
Изложбата ќе биде отворена еден месец, а секој заинтересиран може да купи дело по пристојна цена.






