Најубаво ми е кога се замислувам како да сум една од ликовите, како патувам во далечни и волшебни земји, кога книгата завршува со среќен крај – вели третоодделенката Ана Ружова од Гевгелија

Осумгодишната Ана Ружова ја запознавме за време на Фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“, кој гостуваше последната есен во нејзиниот роден град, Гевгелија. Слатко девојче со љубопитни очиња, што сакаат да откриваат нови светови. Со поглед ги голташе сите изданија што ги имавме со нас, но пофокусирана беше на книгите со повеќе страници, со многу повеќе страници. Нејзината домашна библиотека веќе брои 80-ина наслови, но сака да биде што побогата. 200 се најмногу страници што ги прочитала во еден ден, тоа е нејзиниот рекорд.

Нејзината мајка Васка ни сподели дека Ана која учи во трето одделение во ООУ „Крсте Мисирков“ не може да си го замисли секојдневието без книга в рака. Иако течно чита само две години, таа веќе има прочитано илјадници страници детски книги. Од мала родителите на Ана ѝ читале сликовници и книги. Tие претпоставуваат дека оттаму ѝ е љубовта кон книгата денес, посебно што самите не се многу страстни читатели.

Најмногу сака да чита магични приказни, авантуристички и детективски книги. Се разбира, и распустот не ѝ помина без да прочита некое ново дело.

– За Нова година добив многу книги, сега ја читам „Момо“ од Михаил Енде, а ги прочитав „Хобит“ од  Џ.Р.Р. Толкин, „Пурпурното Море“ – љубовни бајки од целиот свет, „Ромео и Јулија“, „Приказна за д-р Дулитл“ од Хју Лофтинг – ни набројува Ана.

Што ѝ е најубаво кога читш книги? Таа вели:

– Најубаво ми е кога се замислувам како да сум една од ликовите, како патувам во далечни и волшебни земји, кога книгата завршува со среќен крај.

Поголемиот дел од книгите Ана си ги купува од книжарницата, ги добива на подарок, но изнајмува и книги од библиотека. Вели дека многу се радува кога добива книги за подарок за роденден. Најинтересните книги ги има прочитано по два пати – меѓу кои „Хари Потер“, „Петар Пан“, „Малечката Нини“

Не ѝ е лесно да избере една омилена книги, но ни ги наброја следните: „Кифличката Мирна“ од Оливера Ќорвезироска, „Хари Потер“ од  Џ. К. Роулинг, „Малечката Нини“ од Софи Шерер, „Бамби: животот во шумата од Феликс Салтен“ и „Вљубениот облак“ од Назим Хикмет.

Токму кифличката Мирна ѝ е омилен лик од книгите што ги прочитала. Ова дело на Ќорвезироска таа го има прочитано и повеќе пати. Вели дека сè ù било интересно со оваа книга и затоа ја прочитала повеќе пати. Од книгите што не ги прочитала, Ана би сакала да ја прочита „Малиот принц“. Таа многу сака да ги раскажува книгите што ги читала. Ама е тажна што многу од другарчињата не изразуваат желба да слушаат и затоа најчесто им ги раскажува на своите родители.

– Децата не се заинтересирани и повеќе сакаат да си играме. Сакам да им кажам да почнат да читаат, бидејќи ги пропуштаат најголемите авантури и магични приказни раскажени во книгите – вели слатката Ана.

И таа сака да поминува време пред телевизор или на телефон, но најмногу еден до два часа. Во слободно време и чита сликовници и на својата помала сестричка Бојана. Освен што сака да чита, Ана оди и во основното музичко училиште „Васо Карајанов“ во Гевгелија, каде што учи да свири пијано. На училиште најмногу сака да учи македонски, англиски јазик и ликовна уметност, а најмалку – математика.

На прашањето дали лектирите ти се интересни, Ана вели:
– Интересни се, но многу се кратки.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.