За мене секоја страница е нова земја која сум имал можност да ја посетам и истражувам, бидејќи кога патувам сакам да научам од прва рака, лице во лице, што е можно повеќе за тоа што ме опкружува. Засега сум завртел преку шеесетина страници од таа жива книга и се надевам дека ќе завртам многу повеќе – вели писателот, сликар, стрип уметник Владо Јаневски, кој живее во Сиднеј
Македонскиот јазик сè уште е јазикот на кој најдобро пишува, иако повеќе од три децении живее во Австралија. Владо Јаневски има шест книги – романи и раскази. „Мртвите знаат најдобро“, „Чудо зад аголот“, „Под друга капа“, „Made in Jabana“ се дел од неговите наслови објавени од македонски издавачки куќи. Тој е и сликар, илустратор, стрип уметник, светски патник и до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија.
Годинава ја доби наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ за сценариото „Под друга капа“, лани – наградата „Пегаз“ за роман на годината во Македонија за 2020-та, за романот „Мртвите знаат најдобро“.
Своите ликовни дела ги изложувал во Сиднеј. Објавувувал карикатури во познатиот австралиски магазин The Bulletin with Newsweek. Автор е и на стрипови, меѓу кои е и „Палавковци“, што го почна во март годинава.

Роден битолчанец, живеете во Австралија повеќе од три децении, но се чини дека светот е Вашиот дом, ако се земе фактот дека буквално сте светски патник со посетени повеќе од 60 држави. Се чувствувате ли граѓанин на светот?
– Израснат сум во Битола, но потекнувам од Прострање и Велмевци, две прекрасни села во западна Македонија. Од Битола ми остана она што е најкарактеристично за Битола – сè уште си умеам да муабетам по битолски, но умеам и по скопски, бидејќи во Скопје студирав, се вработив и живеев до пред да заминам за Австралија. Граѓанин на светот? Мислам дека секој би требало да се чувствува како граѓанин на светот, особено денес кога во голема мера сè е дигитализирано и може да се биде во инстант-контакт со кој било дел од тој свет, да се биде виртуелно на кое било место од оваа планета. Патувањето во живо, меѓутоа е друга приказна, тоа е како вртење страници од возбудлива жива книга исполнети со интересени доживувања и авантури. За мене секоја страница е нова земја која сум имал можност да ја посетам и истражувам, бидејќи кога патувам сакам да научам од прва рака, лице во лице, што е можно повеќе за тоа што ме опкружува. Засега сум завртел преку шеесетина страници од таа жива книга и се надевам дека ќе завртам многу повеќе. Меѓутоа моментално, заради пандемијава, паузирам со патувањето. Верувам дека наскоро ќе дојде подобро време и пак ќе продолжам да патувам.
Имате пет книги, романи, збирки раскази, добар дел од нив наградувани во Македонија. И покрај години поминати во Австралија, вие сепак, сè уште творите на македонскиот литературен јазик. Ја одржувате ли на тој начин папочната врска со татковината?
– И покрај повеќето години поминати надвор од Македонија не сум престанал да творам на македонски литературен јазик. Неговото негување и активно познавање за мене е од голема важност, бидејќи македонскиот јазик е всушност срцето на татковината и сè додека добро го владееш јазикот, го одржуваш тој мост, тогаш тоа срце не престанува да чука во тебе таму каде што си. За мене, делата што ги пишувам на македонски помагаат да се одржува тој мост и сè додека тој мост постои и тоа срце чука се чувствувам како дома дури и ако сум на крајот од светот.

Лани ја добивте наградата „Пегаз“, што ја доделуваат „Арс ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“. Ви значи ли колку во Македонија се чита вашето писмо? Дали имате некоја книга и преведено на англиски?
– Се расплакав кога дознав дека сум ја добил наградата „Пегаз“ за најдобар роман во конкуренција од преку 60 романи. Се разбира, ми беше драго што мојот роман „Мртвите знаат најдобро“ беше награден, но најмногу се радував што таа награда беше признание што сум успеал да го одржам тој многу важен мост за мене, македонскиот јазик. Сакам да верувам дека се читаат моите романи. Мислам дека во Македонија се пишуваат добри дела и тамошната читателска публика почнува да го цени тоа. Што се однесува до преводи, моментално има интерес „Мртвите знаат најдобро“ да се преведе на српско-хрватски и шведски јазик. Но сето тоа уште е во некоја рана фаза. Превод на аглиски би бил добар потег бидејќи мислам дека романот има потенцијал да биде читан на еден поширок пазар, особено англискиот. Но засега тоа се само планови. Што се однесува до преведувачите во Македонија, забележувам дека има добри, но исто така се забележува дека не може секој да направи издржан превод. Треба добро да се засукаат ракавите за да се преведе некој роман или поетска збирка без притоа да се изгуби уметничката вредност на делото.

Може ли во Австралија да се живее од уметност? Какво е местото на уметникот во тоа општество?
– За да преживее во Австралија уметникот најчесто треба да биде мајстор за сè. Ретки се оние што исклучиво се занимаваат со уметност и живеат само од средствата заработени од неа. Повеќето работат најразлични работи додека не добијат шанса да го прават она што го сакаат. Во тој поглед не сум исклучок. Затоа во мојот живот освен за уметност има место и за наука – се работи за соживот меѓу научникот и инженерот од една страна и уметникот од друга страна. Писателот и сликарот во мене им се многу благодарни на инженерот и научникот што ставаат леб на масата за тие да можат намира да создаваат без да се плашат дека утре може да завршат на улица. Финансиската стабилност во уметноста, барем за мене, е многу важна бидејќи кога знам дека мојата егзистенција не е доведена во прашање тогаш имам слобода како уметник да го творам и создавам она што јас го сакам, а не она што пазарот го диктира. Во исто време, благодарение на таа финансиска сигурност можам да патувам и да го видам светот, што за еден уметник е особено важно.

„Палавковците“ е Ваш нов стрип, што го објавувате во магазинот Везилка. Каква е реакцијата на публиката?
– Се израдував кога ми беше подадена рака за соработка од страна на тимот на магазинот Везилка. Сè започна благодарение на стрипот „Палавковците“ кој сега се објавува таму. Набрзо таа соработка се прошири и сега сум ангажиран како уредник за книжевност и уметност во Везилка. За стрипот, освен во Везилка има интерес и се објавува и на други портали во Македонија и, се разбира, на својата фејсбук-страница каде за кратко време успеа да заживее и создаде неколку стотини свои следбеници кои ја посетуваат страницата. Таму секој ден се објавуваат нови епизоди. Се работи за чист хумор кој има за цел да ви открадне насмевка, па и малку да ве натера да размислувате. Со намера сум во блиска иднина да направам книга со доживувањата на „Палавковците“ и да го побудам интересот на некоја од издавачките куќи во Македонија или пошироко, бидејќи стрипот освен на македонски се објавува и на англиски јазик.
Кое е најубавото место што сте го посетиле?
– Тешко прашање. Сите места се убави на свој начин. Ако треба да издвојам, наместо едно има неколку места што веднаш ми паѓаат на памет – на пример, Јапонија во пролет, за време на фестивалот на расцутените цреши, кога се прашуваш дали ова е сон, потоа најубавата градина Кукенхоф во Холандија кога се наоѓаш изгубен во море од прекрасни цвеќиња, водопадите на Нијагара, прошетката по Кинескиот ѕид, минатото што не се заборава во Рим, чувството дека си граѓанин на светот кога скиташ низ улиците на Париз, Лондон, Мадрид, Хонг-Конг, ѕирнувањето во секое катче на секогаш возбудливиот Менхетн, истражувањето и откривањето со свои очи на невидената убавина на Арктикот, незаборавното Охридско Езеро од балконот на куќата со прекрасен поглед што засекогаш останува врежано во сеќавање и уште многу други вакви места.

Во која земја/град/место ви се случило културен шок?
– Велат дека се очекува да доживееш културен шок кога ќе се преселиш во некоја земја. Веројатно многумина што дошле да живеат во Австралија го имале тоа чувство. Во мојот случај мислам дека не се работеше за културен шок, бидејќи и додека живеев во Македонија умеев да ѕирнам и следам што се случува во светот и затоа не бев изненаден/шокиран од тоа што затекнав кога дојдов тука. Меѓутоа има места по светов што сум ги посетил и во некоја рака ме шокирале, на пример големата сиромаштија што ја видов во делови на Африка или Камбоџа, но има и места што ме оставиле со подзината уста, тука, пред сè, мислам на Јапонија, и тоа од повеќе позитивни аспекти – почнувајќи од нивото на беспрекорната организираност, големата хигиена, па сè до невиденото чувство на сигурност, имаше моменти кога си мислев дека во Токио, во тоа море од луѓе можеш буквално да го оставиш паричникот или лаптопот на маса во некое кафуле без страв дека ќе ти бидат украдени како што тоа е случај во повеќето од другите места по светов.

Дали пишувате нова книга периодов?
– Штотуку го завршив романот, „Смртта не е крај“ и добив позитивен одговор од мојот издавач „Арс Ламина“ дека наскоро би требало да излезе од печат. Секогаш се радувам кога уште едно дело е успешно завршено. Станува збор за независен втор дел од победничкиот роман на минатогодишниот конкурс за наградата „Пегаз“, „Мртвите знаат најдобро“, во кој се продлабочува приказната за главниот јунак Фуриозо. Додека го чекам неговото објавување преокупиран сум и со финализирање на погоре спомнатата книга за Палавковците и се надевам дека и таа книга во скора иднина ќе ја види светлината на денот. Оваа година, како и претходната, ми поминува во пишување, неодамна го завршив сценариото по мојот роман „Под друга капа“ и бев пријатно изненаден кога дознав дека сум добил награда за најдобро сценариото на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт Фест 2021“. Освен што се занимавам со пишување, уживам кога работам и како илустратор. Моите илустрации би требало да се појават во една интересна книга за деца на позната авторка од Македонија со која од неодамна почнав да соработувам. Книгата мислам дека треба да излезе од печат во текот на оваа година.





