Околу 200 деца од источниот ден на Македонија кои живеат во социјално загрозени семејства и деца со попреченост ќе добијат новогодишни пакетчиња. Донаторската акција ја организира Иле Михајловски, одделенски наставник во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе со помош на донации од хумани луѓе од неговиот град, неколкумина од други градови од земјава и од повеќе сограѓани кои живеат во странство.

Дел од пакетчињата ги доставува преку карго, а другите лично до училиштата кои потоа ги доставуваат до учениците. Синоќа, по завршување на смената во школо, со другар замина во Куманово да ги достави пакетчињата за учениците.
– Имаме уште два дена да израдуваме повеќе деца, па повелете зголемете го купчето радост! Од вкупната донација 11 пакетчиња се за деца со посебни потреби, а другите се наменети за деца од социјален ризик најмногу по руралните средини, 7 села и градовите Свети Николе, Крива Паланка и Куманово – вели Михајловски.

Со досегашната донација карванот ќе израдува:
– 30 деца од Куманово;
– 30 деца од Крива Паланка;
– 33 деца од с. Горобинци;
– 18 деца од с. Црнилиште;
– 26 деца од с. Амзабегово;
– 20 деца од с. Пеширово;
-19 деца од с. Мустафино;
– 9 деца од с. Кадрифаково;
-11 деца со посебни образовни потреби.
Заинтересираните може да се вклучат во донаторската акција во директен контакт на Фејсбук-провилот на наставникот Иле Михајловски на линкот.

(В.И.И.)





