Подготвувањето на новата поставка во овој сегмент беше во фокусот на Музејот на македонската борба годинава, вели директорката Даниела Николова
„Македонија во Првата светска војна од 1914 до 1918 година“ е новата, поточно освежената поставка во Музејот на македонската борба на која оваа институција годинава посвети најголемо внимание. Во фокусот на поставката е ставен артефактот, а концепцијата е едукативна и инклузивна. Во подготовка е нова веб-страница за овој период и каталог „Сеќавања – Македонија во Првата светска војна 1914-1918 година“.

– Кабинетските истражувања покажаа дека Музејот поседува предмети/артефакти (воени и социо-економски) кои потекнуваат од овој период. Од особено значење е донацијата на Влатко Милошевски кој донираше мапа и еден исклучителен албум со фотографии и пет разгледници од периодот на Големата војна. Водени од идејата и можноста да го прилагодиме овој дел од поставката со нови презентации, одлучивме предметот/артефактот да биде фокус на поставката – објаснува м-р Даниела Николова, директорка на Музејот.
Според неа, најголемо внимание посветиле новиот дел од поставката да биде едукативен и прилагоден за секој посетител, домашен и странски. Новиот дел од поставката е наративен, а приказната е раскажана преку предмети, документи и фотографии кои се во сопственост на музејот и одлично се вклопиле во поставката. Во конципирањето, Музејот на македонската борба соработувал со Државниот архив преку кој биле надополнети многу материјали.

Даниела Николова
– Податоците беа обезбедени преку истражувања базирани на научни критериуми кои ги реализираа колегите од Музејот во соработка со колегите од Државниот архив. Меѓуинституционалната соработка со сродни институции е особено важна. Одлична и конструктивна беше соработката со колегите од Државниот архив и директорот д-р Емил Крстевски. Ќе продолжиме да ја негуваме соработката меѓу двете институции – вели Николова.
Инклузивна, мултимедијална и прилагодена за сите посетители
Освежената поставка е инклузивна, мултимедијална и прилагодена за сите посетители. Преку посебна веб страница „Македонија во Првата светска војна 1914-1918 година“ посетителите ќе може да се информираат за секоја посебна тема од овој дел од музејската поставка.

– Во подготовки се и вмрежувања со музеи, меморијални центри, поставки на локално, регионално и глобално ниво, како и виртуелна прошетка на линијата на македонскиот фронт. Музејот ќе овозможи и мапирање на локални настани поврзани со овој период за да ги запознаеме и упатиме посетителите со другите понуди. Во подготовка е и каталог. Продолжуваме со измени и дополнувања на поставката следејќи ги потребите на посетителите. Тие се најважни, а особено учениците, студентите за кои мора да бидеме достапни и да се вклопиме во нивните едукативни и студиски програми – објаснува Николова.

Во подготовката на новата коцепција шест месеци интензивно биле вклучени кустосите, едукатор, водичи, стручниот кадар и техничките лица од музејот, во соработка со експерти и надворешни соработници. Сите посветено истражувале и кабинетски и на терен и во сродните институции. Врз основа на новата концепција, измените во овој дел од поставката е во рамките на годишната програма поддржана од Министерството за култура.
Донирани 600 предмети
Донациите се уште еден приоритетите на Музејот на македонската борба.
– Особено донациите на лични и семејни предмети кои ни овозможија да ја дополниме и збогатиме музејската колекција со речиси 600 нови предмети. Дел од нив се обработени и делумно дигитализирани, а поновите донаци се во фаза на обработка. Дел од предметите годинава се најдоа во постојаната музејска поставка, распределени во различни периоди. Збогатувањето на музејските збирки за нас е од исклучително значење. Затоа обработката на предметот и неговото поставување во простор бара истражување кое ни овозможува дополнително историско и музејско толкување – објаснува Николова.

Според неа, особено радува соработката со семејствата и личните донатори кон музејот, што укажува дека се враќа довербата кон институциите, што е од особено значење.
– Предметот во секој музеј е примарен и ја раскажува музејската приказна во одреден историски период. Секундарни се музејските материјали и реквизити кои ја дополнуваат нарацијата во музејската поставка, но не и секогаш. Затоа новите измени и дополнувања во поставката дообјаснување на исторските настани. Со вака поставената наративна структура музејските материјали се секундарни и служат за појаснување на музејскиот расказ, а примарни се предметите, артефактите – вели Николова.
Така музејскиот расказ во пракса би се основал на своевременниот дискурс за процесите, историските настани или личности, а експонатите, музејскиот амбиент и атмосфера би биле во функција на подобро читање на автентичните ракописи и/или на јасно наведените и објаснети историографски толкувања. Според Николова, посетителот го има клучот во поставката и слободно откривање на музејската приказна.

– Изборот е на посетителот, дали сака да ја разгледа поставката со музејски водич или самојстојно и слободно да го открива музејскиот расказ. Музеите впрочем се жив организам, кој се менуваат, допонуваат со материјали и нарации. Во сите аспекти ја негуваме инклузивноста и пристапноста во музејската поставка преку обезбедување на тактилни елеменити и разни помагала за знаковен јазик и пристапност за лицата со инвалидитет и мултиплекс склероза. Така ја следиме и почитуваме Конвенцијата за човекови права при Обединетите нации и разни други конвенции, како и Стратегијата на Министерството за култура во делот на инклузивноста – завршува Николова.





