Благоја Варошанец е нов претседател на МНК ИКОМ

Благоја Варошанец е избран за претседател на МНК ИКОМ, на редовното Изборно собрание што се одржа неделава во Музејот на Македонија. За секретар е избрана Ана Вишинова (Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје), и за членови на Извршниот одбор – Страхил Петровски (Национален конзерваторски центар Скопје), Наде Геневска Брачиќ (Завод и Музеј – Битола) и Валентина Тодороска (Археолошки музеј на Македонија), а за претседател на Собрание на МНК ИКОМ е избрана Ирена Колиштркоска Настева (археолог-пензионер), со мандат од 2023-2025 година.

Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) со седиште во Париз е меѓународна мрежа на музеи и музејски професионалци формирана во 1946 година, која денес брои над 40.000 професионални индивидуални членови во над 141 земја во светот, 119 национални комитети и 30 меѓународни комитети. ИКОМ го востановил Меѓународниот ден на музеите во 1977 година, со цел да ја подигне јавната свест за улогата на музеите во развојот на општеството, и оттогаш овој настан постојано добива на значење.

ИКОМ – Меѓународен совет на музеите е организација формирана со цел да се создаде мрежа на музеи и на музејски професионалци од земјите од целиот свет, кои се грижат за културното и за природното наследство. Во таа мрежа се вклучила и Македонија со формирањето на Македонскиот национален комитет на 12 мај 1993 година и тој е верификуван од Извршниот совет на ИКОМ во Париз.

Сподели