Талиа Василова, „Идолите на Халки“: Кога сум на сцена, се чувствувам силна

Талиа е едно од децата идоли на Халки, децата кои Умно.мк со поддршка на Халкбанк од Скопје ги промовира, за нив да се чуе и види и тие да бидат вистинските идоли на новите генерации

Милозвучниот глас на 12-годишната Талиа Василова од Кавадарци нема да ве остави рамнодушни, особено кога ќе ја чуете во живо. Таа ужива во секоја изведба, ја сака реакцијата на публиката, а нејзина омилена македонска пејачка е Калиопи.
Талиа од мала почнала да свири пијано во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“, но во оваа учебна година заедно со родителите одлучила повеќе да се посвети на соло пеењето. Талиа е ученичка во седмо одделение во ОУ „Гоце Делчев“.

– Јас почнав со пеењето некаде на 5-6 години, слушав песни, ги учев текстовите и лесно ги запамтував. Ми помагаат и моите родители кога вежбам за некој настап, тоа ми е многу важно. На почетокот малку имам трема, ама кога ќе застанам на сцената, се чувствувам силна и си велам дека можам тоа да го направам и да не ми е срам од публиката. И, на пример, кога на крајот ќе ми аплаудираат, јас се чувствувам добро и задоволно од мене, од тоа што сум го испеала – вели таа.

Настапувала и на детските фестивали „Си-до“ во Битола, „Езерски бисери“ во Струга, како и „Гроздоберче“ и „Ластарчиња“ во Кавадарци.
Од три години Талиа посетувала часови по балет и има освоено први места на државно и меѓународно ниво. Таа седум години била дел од балетот, од кои една година во клубот „Бенус“, а останатите – во клубот за танци „Линеа“.

Талиа е едно од децата идоли на Халки, децата кои Умно.мк со поддршка на Халкбанк од Скопје ги поддржува, за нив да се чуе и види и тие да бидат вистински идоли на новите генерации деца. Таа вели дека сака и да штеди понекогаш и најчесто си ги троши парите за да си купи сјајчиња за усни, но и поубави алишта кога сака да се дотера за настап, вели таа.

Талија редовно настапува на натпревари за пеење. Повеќе ги сака настапите во живо, какви што ги имала во Хрватска, Бугарија, Србија, но и на успесите од онлајн-натпреварите многу се радува – учествуваше на натпревари за пеење организирани во Русија, Украина, САД. Токму со песната на Адел Someone Like You на онлајн-натпревар во Италија таа освои прво место.

Заедно со нејзиниот брат од мали го имаат формирано и составот „Танини“ и заедно настапуваат на хуманитарни концерти. Во триото најпрво беа Талиа, брат и Никола и другарот Никола, но откако тој се отселил од Кавадарци, останале двајцата.

– Кога почнавме да снимаме песни и ги стававме на „Јутјуб“, јас бев 8 години, а тој – 11. И двајцата избиравме песни што ни лежат. Јас да ги испеам, тој да ги исвири. Добро се сложуваме, не се караме – се смее Талиа.
За песната „Две златни лири“ од Каролина Гочева, тие имаат снимено видеозапис.
Заедно со брат Ѝ учествувале на фестивалот „Калиопи фан-арт“ и добиле награда – брат и да свири на некој од нејзините концерти, а Талиа да пее.
– Многу ја сакам Калиопи. Ги слушам нејзините песни. Таа има многу тешки песни, некои не можам да ги научам. Таа има посебен глас на кој се одушевувам – вели Талиа.

Кога оди на натпревари ја сака атмосферата на дружење со децата од различни земји.
– Музиката е таа што нè спојува. Кога настапуваат другите, сите ми се убави и убаво пеат на свој начин.
Oсвен музиката, Талиа ја сака и кошарката. На училиште го сака ликовното образование и физичкото. Таа настапи и на последниот натпревар „Пинкови ѕвездички“ со песната од „Кели фемили“ – Every Baby Needs a Mama, Needs a papa.

Талиа веќе се подготвува за своите следни предизвици. Во новата сезина на „Дајте музика“, таа настапи со своја авторска песна – „Пред да зборуваш“. Освен што ја сака музиката, Талиа многу сака да тренира и кошарка. Таа е член на клубот „Јасмин“ од Кавадарци, со кој издвојуваат победи.
Следни нејзини активности се подготовките за новогодишната претстава мјузикл во рамките на хорот на ОМБУ „Лазо Мицев – Рале“. Талиа посакува средното образование да го продолжи во средно музичко училиште.

Сподели