Во македонската амбасада во Париз вечерва во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Синергија низ времето“ од мултимедијалниот ликовен уметник Страхил Петровски. Куратор на изложбата е историчарот на уметност, Златко Теодосиевски. Во текстот од каталогот, тој пишува дека креативноста на Петровски секогаш предизвикува рој мултиплицирани значења, впечатливи асоцијации, провокативни предизвици, често дилеми.

– Неговите „брзини“ на мислата се непредвидливи, не секогаш докрај дофатливи, а резултатот умее напати да биде херметичен. Човек треба да умее да се снајде во неговата уметност. Дури и во „едноставноста“ на неговото сликарство, „акцијата“ некогаш ве зашеметува, ве остава без здив. Но тоа е суштината на уметноста, нели? – вели Теодосиевски.

Страхил Петровски
Според него, најновата видеоинсталација е зашеметувачки визуелен „кружен тек“ во(н) времето и просторот, каде не знаете дали сте вие во центарот на движењето или пак движењето иницирано од уметникот едноставно ве зграпчило и ве врти центрифугално и центрипетално низ својата патека, циклично забрзува и успорува оставајќи ви дел од секундата да се ориентирате и видите дел од опкружувањето, за да веднаш потоа повторно фрли во нова рунда вртежи.

– Можеби и ќе се прашате: каде брза овој Страхил? И зошто и ние мораме да „летаме“ низ времето со него како ставени во оној акцелератор викан синхротрон во ЦЕРН? Низ какви трансмутации намислил да нѐ „прошета“ уметникот и какви менувања ќе предизвика во нашата сушност? Не мораме, се разбира, да прифатиме ништо од тоа, но уметниците – Страхил особено – „летаат“ и во мислите, за нив реалното време како да не постои а светот, па и уметноста, се само движење, акција, синергија. Страхил, очигледно, молскавично се движи низ времето, минато и сегашно, ги собира во лет импресиите од неговите „патувања“ и ги складира во свеста, или потсвеста, да му бидат при рака кога ќе му затребаат. Ако останеме настрана, ако не го следиме – загубата е наша, ускратени сме од едно несекојдневно доживување на интерполација на едно уметничко дело, ова на Страхил, во друго уметничко дело, она на Суботин, Денковиќ и Мазев, наречено Спомен-костурница во Велес – вели Теодосиевски.

Предновогодишна атмосфера во Париз / Фото: Страхил Петровски
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2000 година завршил постдипломски студии на истиот факултет. Реализирал 15 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Тетово, Виена, Париз, Белград, Њујорк, а учествувал на 75 групни претставувања. Добитник е на многубројни награди, од кои најзначајни се: Откупна награда НУБ „Св. Климент Охридски“, ДЛУМ – Цртеж за во 1998 и 2022 година, Зимски салон на ДЛУМ, 11 Ноемвриска награда на град Куманово во областа на современата ликовна уметност и други. Работел како соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година е соработник-конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони преи Националниот конзерваторски центар. Член се ДЛУМ, ИКОМОС и ИКОМ. Вработен е како консултант конзерватор-реставратор во Националниот концерзваторски центар и како вонреден професор по предмети за фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

Фото: Страхил Петровски





