Ангажирајте се, прашувајте, барајте одговори – им порача евроамбасадорот Гир на младите амбасадори

Секој европски амбасадор има одредени области што му се поблиски во кои најмногу сака да учествува – за мене тоа се зелената агенда и човековите права насочени кон младите – како што се правата на студентите – вели 21-годишната Марија Бургиева, една од 12-те нови млади европски амбасадори.

Ангажирајте се, прашувајте, барајте одговори, мотивирајте ги вашите пријатели да учествуваат во јавни дебати – ова е дел од пораката што евроамбасадорот Дејвид Гир им ја упати на 12-те нови млади европски амбасадори. На неформален настан што се одржа во Europe House Скопје, на едно место се сретнаа новите, но и веќе постоечките млади европски амбасадори од претходните две генерации, како и претставници на здруженија, поединци што ги поддржуваат европските вредности.

– Вие не сте пропагандисти на ЕУ, туку го пропагирате тоа што на вас ви е важно. Користете ги Europe House во Скопје, Крива Паланка, Струмица и во новите градови каде ќе бидат отворени в година, како и сите пријателски здруженија за да ги постигнете вашите цели. Мојот татко учествувал во Втората Светска војна и тој никогаш не сакаше да зборува за тоа и мене ми беше јасно зошто оти тоа беше болно, оти сигурно се срамеше дека убил луѓе. Мирот и соработката е единствената иднина за нашиот континент. Тоа е задача на нашата генерација. Се сеќавам кога бев млад имавме некое старо радио и на него ги пишуваше радиостаниците – Париз, Рим, Прага, Будимпешта, Букурешт, Белград… Се сеќавам дека се прашувавме каде се наоѓаат Букурешт, Белград…Тоа беше резултат на големата поделеност на Европа во тоа време. Како помина време тие станаа дел од ЕУ. Нема да згрешам ако кажам дека ЕУ треба да биде унија што ги зближува луѓето и што значи просперитет и подобар животен стандард, иновација, демократија. Можете да посочиме 100-ина примери во кои ЕУ не постапила правилно и ќе бидете во право. Но, тоа е човечка органзација, затоа и се прават грешки – рече Гир и додаде дека е горд што припаѓа на генерација која со заемна соработка ги развива европските вредности.

2022 година е Европска година на младите  Полни со ентузијазам, оваа млада мрежа на активисти ќе продуцираат инспиративни настани – секогаш водени од идејата дека младинскиот активизам е најмоќната алатка за општествена промена.

Иван Дургутов (во средина)

Младиот Иван Дургутов е претставник на втората генерација млади амбасадори. Тој е презадоволен од ентузијазмот и активностите што се преземаат и како тоа влијае на младите од неговата генерација.

– Млади европски амбасадори е група на млади луѓе внимателно одбрана. Работиме на тоа да ги промовираме европските вредности помеѓу нашите врсници и тоа го правиме на најразличен начин – дали се тоа на социјалните е мрежи, дали преку граѓански активиизам и се што може да се направи за да им доближиме на младите дека Европската Унија е наш вистински пријател и единствен пат. Преку оваа мрежа имаме можност да ги подобруваме и сопствените вештини, кои во иднина ќе ни се од полза, а да има и мултиплицирање на сето тоа што го правиме. Во оваа насока сум многу благодарен на Делегацијата на ЕУ и на Europe House Скопје за целата поддршка – вели младиот амбасадор.

Мартин Николовски

Умно.мк ви претставува дел од новите амбасадори. Битолчанецот Мартин Николовски, новинар по професија, го објасни патот како се стигнува до оваа титула.

– Аплициравме прво на порталот WeBalkans, каде прикачуваме претходно снимено едноминутно видео на кое се претставуваме. Па потоа пријатели познаници од Западен Балкан гласаат за нас. Со оваа мрежа се обидуваме да допреме до што е можно повеќе млади да се вклучат во активизам.

Ангела Шаренкова (25) од Гевгелија вели дека сака да придонесе за својата заедница, посебно за Гевгелија, за младите, за волонтореството.

– Ова е преубава иницијатива, се собираат повеќе млади на едно место, едноставно реагираат на сите проблеми со кои се соочуваме. Бев многу возбудена кога дознав дека сум одбрана од толку многу млади од 6 држави. Јас имам завршено мастер меѓународни односи, после Политички студии, моментално се запишав и Графички дизајн, оти сакам и тоа да го научам поубаво. Дури сме млади треба да учиме што е можно повеќе – вели Шаренкова.

Марија Бургиева

За  21-годишната Марија Бургиева од Скопје, волонтерството и граѓанскиот ангажман играат голема улога во развојот на нејзината личност.

– Низ годините се имам посветено на социјалното претприемништво и преку овој нов канал може да се обидам да се сврти вниманието кон зелената агенда и кон посоцијална рамноправност. Баш деновиве учествуваме на конференција за човекови права. Секој европски амбасадор има одредени области што му се поблиски во кои најмногу сака да учествува – за мене тоа се зелената агенда и човековите права насочени кон младите – како што се правата на студентите – вели Марија.

Сподели