Мултимедијален проект на Тања Балаќ: Какво наследство им оставаме на нашите деца?

Видео и серија драматични пораки, придружени со дисторзирани црно-бели фотографии на мали деца се дел од драматичната изложба на уметницата Тања Балаќ отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје

Сè уште се опоравувам од нечија грешка…Чуј ме што одбивам гласно да кажам… Моето детство скриено позади… Остави ми ги дланките на мене… Серија драматични пораки, придружени со дисторзирани црно-бели фотографии на мали деца се дел од драматичната изложба на уметницата Тања Балаќ отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Сите напишани на англиски јазик обединети во насловот на изложбата They don’t open their eyes, Балаќ дава дополнителна интернационална нишка за проблемот кој нè засега сите, поттикнати од појдовната точка – какво наследство им оставаме на нашите деца?

Дита Старова-Ќерими, Тања Балаќ, Натали Рајчиновска-Павлеска и Маја Чанкуловска-Михајловска

– Дали имаме право да им оставиме куп огромни нерешливи проблеми? Толку сме окупирани со своите работи што воопшто не гледаме дека тие ги затвораат очите, не сакајќи да се соочат со реалноста што им ја сервираме ние возрасните – објаснува Балаќ.

Поставката е дополнета со видеото Next generation. Уметницата вели дека не смееме да молчиме пред сè поголемата зависност од социјални мрежи и интернет, намалена концентрација поради зголемената дисперзија на вниманието, намалена физичка активност наспроти сè поголемиот сајбербулинг и сè почестите психички нарушувања, фокусирани на сопствениот изглед, недостаток на емпатија, зголемена анксиозност и депресија…

– Секоја генерација има право на свои проблеми и барање на сопствено решение. Пред наши очи стануваат идни конзумеристи на гигантските компании со сомнителни содржини. Пораката во видеото Next generation е токму таа – да го свртиме вниманието кон овој проблем кој веќе зазема вознемирувачки димензии, а тоа го потврдуваат стручни истражувања – вели Балаќ.

Замижаните очи како метафора

Натали Рајчиновска-Павлеска, куратор на проектот, објаснува дека со видеото Балаќ пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики.
– Согледувајќи ја (не)прагматичноста на самоодредливото, на индивидуализмот како неминовен елемент на посакуваните и очекуваните политики на еманципација, мерло-понтиевски се наметнува прашањето: Кој ги гради вредностите, а кој разликите? – потенцира Рајчиновска-Павлеска.

Европската Унија како парадигма за совршената заедница на различностите… полека се распушта пред ветената иднина на новите генерации. Замижаните очи како метафора на видливоста, на јасноста, не се слепи при вид, тие мижат бидејќи неизвесноста е она што ги очекува.
– Во таа преплетеност на изложеното (ветувањата) и очекувањата (неисполнетото), индивидуата (следната генерација), чија слобода на говор иманентно му припаѓа на идното време, се себемултиплицира, но и се удвојува до исчезнување, пред неможноста да се вгради (како индивидуа) во структурата на конструкциските системи. Следните генерации, во суштина, не се нешто што доаѓа „потоа“ туку феномен на немоќта на утопиското, на определеноста на границите на слободата во кои перспективната мисла е предодредена од „големите наративи“, дефинирана како агенс на една политичка перспектива или плуралитет на „едното“ изнесено како визија за мноштвото. Според тоа, „следните генерации“ изложени како концептуална сугестија во овој експериментален видео проект не се „идни“, тие се манифестација на минати стратегии, показност за неисполнивоста на „големиот“ создавач на сликите, сликите на светот, онака како што е замислен во неговата контролабилна структура – вели Рајчиновска-Павлеска.

Неуморлива авторка

Историчарката на уметност Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија ја нарекува Балаќ неуморлива, бидејќи нејзините авторски проекти се развиваат и доследно прогресираат без застој. Таа е присутна во полето на сликарството, но и на новите медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметноста.

– Мултимедијата и филмот (експериментален и документарен) за Балаќ се подеднакво важни како и сликарството. Мултимедијалниот проект „Следната генерација“ поаѓа од длабоките етички размислувања околу дигиталната еволуција која ни го измени начинот на размислување и нашето разбирање за поимот време, при што интернетот ни го овозможува она лажно чувство на виртуелна леснотија. Замижаноста на очите на едно дете говори многу за невиноста на следната генерација, неизвесноста, очекувањата, индивидуалноста, но и опомената, односно критиката за последиците од минатите кон сегашните генерации и со мноштво прашања за вредносните системи кои ги оставаме во наследство на идните генерации – вели Чанкуловска-Михајловска.

Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство, каде подоцна и магистрирала. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Зад себе има повеќе самостојни изложби кај нас и во странство: Виена, Белград, Париз, Берлин, Истанбул, Софија, Малме, Марибор, Москва… Учествувала на бројни групни изложби, во Македонија и во странство: Франција, САД, Полска, Бугарија, Србија, Русија, Шведска… а нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Тања Балаќ минатата година со еден интегрален пресек на нејзиното визуелно творештво се претстави на ретроспективната изложба во Национална галерија и монографијата „Тања Балаќ – 30 години уметничко творештво“.

Сподели