Искра Димитрова во фокусот на „Македонски визуелни уметници“

Разговор со уметницата Искра Димитрова ќе се одржи вечерва во 19.30 часот во КСП Центар Јадро во Скопје. Модератор ќе биде историчарот на уметноста Владимир Јанчовски, кој ќе направи преглед на творештвото на Димитрова со фокус на некои од највпечатливите дела, меѓу кои и нејзиниот последен голем проект „Траги“ , што беше претставен во Чифте амам во 2019 година.

Визуелната уметница Искра Димитрова се вбројува меѓу уметниците кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена над три децении, со дела во различни медиуми како перформанс, видео и инсталација, изложувани на самостојни и групни изложби во земјата и странство.
– Во фокусот на нејзината работа е истражување и преиспитување на релациите со природниот амбиент, со фокус на телото како непосредна природа и искуство, како и живиот свет и еколошките проблеми во урбаната средина. Со различен пристап кон специфичната тема, делата зборуваат за границите помеѓу приватниот интимен простор и јавното, за позицијата на жената, како и функционирањето на медиумската сфера и начините на креирање на јавното мислење – дела кои таа ги обликува како просторни интервенции, инсталации и акции. Во последните години работи на долгорочни активистичко-уметнички проекти кои се однесуваат на градежната експанзија и узурпацијата на приватниот, но и јавниот простор – велат организаторите.

Искра Димитрова (1965, Скопје) завршила филозофија на Филозофскиот факултет во 1988 година и скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1990 година. Самостојни изложби/мултимедијални имала во Скопје, САД, Југославија, Англија, Хрватска во Јапонија.

Со уметнички проекти учествувала на бројни групни изложби во еминентни институции во Македонија и низ светот. Во 1999 година била неофицијален претставник на Македонија на Биеналето во Венеција, а 2007 со изложбата „Глобални феминизми“, на која учествуваа 40 уметнички, меѓу кои Тања Бругера, Ејми Катлер, Трејси Емин, Катаржина Козирја, Пипилоти Рист, Кара Уокер и други, се отвора новиот дел на Бруклинскиот музеј. Во таа пригода, делото на Димитрова беше меѓу само четирите за кои имаше посебен осврт и во „Њујорк тајмс“.

Владимир Јанчевски (1984, Скопје) живее и работи во Скопје, како куратор во Музејот на современата уметност. Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011). Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015). Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции. Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура.

Во текот на 2021 година, КСП Центар-Јадро реализираше проект кој вклучуваше разговори со визуелни уметници и дизајнери, кои пред пошироката јавност ја претставија својата богата продукција. Во рамките на 20-те предавања/презентации, уметници и дизајнери од повеќе генерации направија преглед на своето творештво преку избор од своите најрепрезентативни проекти. Проектот беше заокружено со издавање на репрезентативна публикација со транскрипти од снимените разговори и богат визуелен материјал, а беше организирана и групна изложба во Загреб. Оваа серија на разговори се реализира со финаниска помош на Министерство за култура.

Сподели