На фотографот Љупчо Иливски е посветен омажот кој вечерва во 19 часот ќе се одржи во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје
Што попрво… дали претставата „Колобан“ од МОТ или ротацијата на ѕвездите над Кокино или пеликаните од Преспа… Сите фотографии имаат една заедничка вредност – сите поминале низ душата на авторот, вели фотографот Александар Кондев за делата на неговиот колега Љупчо Илиeвски кому е посветен омажот што вечерва во 19 часот ќе се одржи во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Кондев е куратор на изложбата „Сеќавање за трагачот по убавината“ во чии рамки ќе бидат изложени триесетина фотографии, како избор од богатото творештво на Илиевски. На отворањето пред присутните ќе се обратат Кондев и Гоце Ристовски, новинар, рецензент, сценарист.

Љупчо Илиевски
– Смртта на колегата Љупчо Илиевски нè затече токму во моментот на подготовките на нашите активности, каде тој беше дел од екипата за реализација. Неговиот фотографски опус остави забележителна трага во македонската фотографија. Тој беше ангажиран фотограф кој работеше систематски и во циклуси како оние за МОТ, приказната за изгубениот лустер на „Офицерскиот дом“, бајковитата приказна за Кокино која одигра голема улога во пропагирањето на овој локалитет и се појави како книга на поштенските марки и презентирана дури во National Geographic, циклусот за убавината на Преспа како и последниот – „Крстови“ – вели Кондев.
Фотограф со уметнички стил и силен авторски печат
Љупчо Илиевски (1955-2022) спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација фотографи, кој негува специфичен израз. Роден е во Прилеп, а со фотографија се занимава од 1980 година. Во 1987 година се вработил во Македонската радиотелевизија камерман-снимател. Илиевски е автор на повеќе од 10 самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Присутен е на повеќе филмски фестивали, неговиот потпис стои и под поштенските марки на тема – Теракотни икони и Кокино.

Александар Кондев и Елизабета Кузмановска
– Ние не бевме само колеги. Љупчо е мој ученик од „Фото-клуб 25“. Потоа активно соработувавме, станав близок со семејството и посебно ме радуваше што неговата ќерка Фросина има чувство за фотографија и активно твори. Времето е најдобриот критичар. Ако едно дело и после 20 или 30 години е актуелно, значи тоа дело има вредности… Љупчо имаше истражувачки дух. Лустерот од „Офицерски дом“ го пронајде во Битола, направи убава изложба, го персонализираше… И трагедијата беше во тоа што пред некоја година, лустерот го украдоа или се уништи. Трагите кои ги остави авторот се уметност и историја. Или Кокино… тој не снимаше документи. Кокино му влезе под кожа и тој фотографски ја доживеа приказната и стана дел од неа – вели Кондев.

Изложбата се отвора во рамките на манифестацијата „Денови на европско Скопје“, а ја организира Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка од Универзитетот за туризам и менаџмент. Елизабета Кузмановска е долгогодишна новинарка во МРТ, соработничка на Дирекцијата за култура и уметност и авторка на манифестацијата „Денови на европско Скопје“. Таа со години соработуваше со Илиевски, исто како и Дирекцијата за култура и уметност – подготовка на изложба, фотографирање настани од областа на културата, програмски содржини, фотографирање на гости-музчари, уметници, концертите на Блуз и Соул феситвалот, на Скопско лето, на Есенски музички свечености итн.

– Неговата соработка со поранешниот директор Мирко Стефановски и сегашниот Никола Глигоров прерасна во едно нераскинливо пријателство што резултираше со многу успешни проекти и манифестации. Маестро Љупчо Илиевски секогаш беше директен и уникатен во идејата, перцепцијата и презентацијата – вели Кузмановска.
Она што го даваат учениците нема цена
Манифестацијата „Денови на европско Скопје“ годинава се одбележува по петти пат. Кузмановска се сеќава кога првично му ја кажувала идејата на која тој за кратко се надоврзал.

– Така и почна, на мускули. Но, во едно се согласивме – да направиме работилница со учениците од средните училишта, на која ќе создаваат фотографии за Скопје и што беше најважно за него, ќе учествуваат на изложба. Кога работеше со младите беше посебна приказна, ништо не му беше пречка, времето, заморот, обврските на работа и дома… За сè наоѓаше време, целта беше единствена, само да им ја исполни желбата и замислата на учениците. Ги учеше како се прави фотографија, како се работи со фотоапарат, ја раскажуваше историјата на градот Скопје… Па ќе ми речеше: „Еј, Бети, она што го даваат учениците, не се плаќа со ниедна пара, ова нема цена.“ Мислам дека беше пресреќен. Секоја година ја работеше како да му е прва, ентузијастички и со голема љубов – раскажува Кузмановска.

Вели дека Љупчо Илиевски бил и другар и колега и соработувал со новинарите скоро од сите редакции во Македонската телевизија.
– Направивме неколку заеднички прилози. Го изнамолив за некои фотографии, беше тежок да даде фотографија за да ја употребиш, но беше професионалец од највисок ранг. Неговите уметнички дела се документаристички, истражувачки, уметнички и уникатни. Филозофијата му беше во гените (син на познатиот професор доктор Митко Илиевски, омилен професор кај студентите на катедрата по филозофија), секогаш сакаше да зборува за филозофија и за познатите светски филозофи. Не знам многу за неговиот животен пат, но едно знам – дека фотографијата му беше посебна пасија, животен сопатник и предизвик. За Македонија направи многу, ја претстави во светот со своите фотографии на посебен начин. Ги фотографираше нејзините убавини: небо, звезди, крстови, езера, планини, птици, карпи, цркви, манастири, села, полиња, порти, ликови, носии, мртва природа, театарска уметност, мегалитската опсервсторија Кокино, камените карпи Куклица… И сите беа од истражувачи карактер, сите имаа своја светлосна приказна – вели Кузмановска.






