Разговор со Ана Стојаноска, авторка на „Лебед“, книгата за декември во „Браќа Миладиновци“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје вечерва во 19 часот ќе организира разговор со писателката Ана Стојаноска, авторка на „Лебед“ – книга за месец декември во библиотеката. Фрагменти од романот ќе чита актерот Никола Настоски, а разговорот ќе го води критичарката и новинарка Александра Јуруковска. Разговорот е дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“, а на крајот на месецот романот „Лебед“ ќе биде тема на Клубот на читатели.

– Лебед“ е и љубовен роман и роман за креацијата. Авторката ја слика љубовта како носечка оска и на животот и на уметноста: таа ги покажува „сите лица на љубовта“: хетеросексуалната и хомосексуалната љубов, родителската безусловна љубов, пријателската љубов и љубовта кон музиката, балетот и воопшто кон одреден уметнички израз кој бара љубов, посветеност и пожртвуваност (впрочем, како и секоја љубов). Особено значајно е проникнувањето на љубовта и креацијата, како предуслов за успех на уметнички план, освен вродениот талент – вели Лидија Капушевска Дракулевска.

Ана Стојаноска (1977, Прилеп) е театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија. Автор е на деведесет студии објавени во македонската и странската периодика. Коавтор е на неколку монографии. Пишува проза, поезија и драмски текстови. Стојаноска е актуелна претседателка Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Сподели