Сите фотографии на изложбата на Живко Јаневски ќе останат запаметени

Фотографиите за оваа изложба се снимени од средината на 1989 до 1994 година. Во нив е документиран периодот на осамостојување на нашата држава и времето на големите опшествени промени – вели Станимир Неделковски, кустос

Кога пред скоро 20 години фотографот Станимир Неделковски поминал во просториите на гигантот во стечај, Новинско-издавачкото претпријатие „Нова Македонија“, сакал да ги види работните простори на фоторепортерите и фотолаборантите за кои бил свесен дека заминуваат во историјата. Но, наишол на друго боатство – негативи од Живко Јаневски, еден од најистакнатите фотографи во поновата македонска историја.

Станимир Неделковски

Скоро три години траело истражувањето и обработката на материјалот кој Неделковски, денес кустос во Одделот за современа фотографија и филмски материјал при Музјеот на град Скопје, ќе го изложи на поставката „Точки на интерес“ закажана за 1 декември во 19.30 часот во Културно-информативниот центар во Скопје.

Изложбата е дел од еден пообемен истражувачки проект… Како ги пронајдовте фотографските материјали и како тие завршија во Музејот на град Скопје?

– При крајот на 2005 година веќе се навестуваше подемот на дигиталната фотографија. Како фотограф, имав големи интереси кон сè уште актуелниот аналоген пристап на фотографските техники. Во тоа време НИП „Нова Македонија“ беше во стечај. Издавачкото претпријатие требаше да се отсели од зградата, a со тоа и голем дел од работите затекнати во просториите да завршат на буниште. Ми беше значајно да видам во какви простории работеле фоторепортерите и фотолаборантите. Додека ја анализирав преостанатата фото-техника која требаше да се дислоцира од просторот, низ ходниците наидов на фотографии и филмски негативи во кутии расфрлани и подготвени за отпад. На една од нив, полна со големи и прилично исполнети жолти коверти беше испишано „ЦРНО БЕЛИ ЖИВКО“. Можев само да претпоставам што има во ковертите!

Што содржеа „жолтите коверти“?

– Кога веќе се расчистуваа кутиите, со дозвола од одговорните во тоа време ми беше дозволено да подигнам една која и така ќе завршеше во некој контејнер. Беше точна претпоставката дека во жолтите коверти има црно-бели негативи од фоторепортерот Живко Јаневски, тогаш од непознат период, кој до 2000 година ги извршуваше работните задачи „Нова Македонија“.

Што се случи со негативите?

– Долги години кутијата со жолти коверти „чекаше“. Беше очигледно дека тоа се филмски негативи кои треба студиозно да се обработат. Работните задачи во Музејот на град Скопје конечно овозможија услови за Проектот за истражување, обработка, документирање и презентирање на пронајдениот материјал под наслов „Меморијата на Живко Јаневски“. Со истражувачкиот проект направен е детален увид во тој материјал на фоторепортерот и доајен на македонската фотографија Живко Јаневски. Беше целосно дигитализиран фотографскиот материјал кој се наоѓаше во жолтите коверти (во верзија на преглед). По извршениот преглед воден од естетските вредности на авторот направена е концепција и избор за изложба, беа дигитализирани и обработени негативите за печатење.

Како кустос, во кој правец го насочивте истражувањето?

– Сознанието дека целокупниот материјал е работен за потребите на НИП „Нова Македонија“ го трасираше правецот на истражувањето – да ги пронајдеме фотографиите во дневниот весник „Нова Македонија“ и другите изданија на издавачкото претпријатие. Поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми во дневниот весник, а преку објавените фотографии се датира периодот на создавањето на фотографскиот материјал. Фотографиите за оваа изложба се снимени од средината на 1989 до 1994 година. Во нив е документиран периодот на осамостојување на нашата држава и времето на големите опшествени промени. На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички преставници од повеќе земји и организации и други бројни случувања околу Собранието, многу културни и спортски настани.

Што сè ќе биде застапено на изложбата?

– Познавајќи ја работата на Јаневски во периодот пред да се вработи во „Нова Македонија“, во овие фотографии се гледа неговиот сериозен пристап и објективност потребна за медиумот, со еден авторски субјективизам. Покрај документаристиката, овие фотографии имаат и ликовна вредност својствена за неговиот фотографски израз и се преклопуваат со темите и преокупациите кои ги имал во т.н. белградски период. Во филмските негативи, покрај раскажувањето на цели приказни во серии и континуитет на настаните и случувањата, евидентно е дека секоја фотографија може да функционира самостојно. Колку што се визуелен документ поради фотографското сведочење за нашата историја кој мора да биде сочувана, истовремено се и значаен напредокот на македонската современа фотографија. Материјалот не го презентира само времето во кој е создаден туку и големиот креативен напор и знаење на авторот.

Истражувањето во големиот материјал (285 црно-бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. Тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фото-журналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба. Вредно е ова истражување да продолжи, верувам дека материјали има и на други места во „жолти коверти“ кои не завршиле во отпад, независно дали биле „Точки на интерес“ на Живко Јаневски или на плејада фоторепортери кои поминале низ издавачките куќи.

При МГС е формиран Одделот за современа фотографија и филмски материјал. Кои се потесните задачи на Одделот и на кој начин е заштитено творештвото на Јаневски?

– Во рамките на одделението за современа уметност во Музејот на град Скопје постојат колекции, збирки на фотографии од Благоја Дрнков, Лазо Величковски, Иво Вељанов, Владимир Плавевски, Цветко Иванов и со тоа се наметна потреба за формирање на оддел за современа фотографија и филмски материјал кој ќе се грижи, обработува и презентира и афирмира фотографијата како уметност. Со ова истражување и изложба ќе се збогати збирката со 110 фотографии на доаjенот на македонската фотографија Живко Јаневски.

Живко Јаневски се занимавал и со уметничка и со новинска фотографија. Која Вас како фотограф повеќе Ве фасцинира? Може ли да издвоите неколку дела што за Вас се безвременски?

– Во фотографиите на Живко Јаневски нема строга граница помеѓу работниот ангажман во издавачката куќа и желбата за создавање на добра фотографија. Неговиот авторски печат при создавање на фотографијата не се разликува од периодот кога активно учествувал на многуте групни и самостојни изложби. Евидентно во филмските негативи покрај раскажувањето на цели „прикаски“ во серии од континуитет на настани и случувања, засебно секоја од фотографиите може да функционира самостојно. Материјалот не го презентира само времето во кој е создаден, туку и големиот креативен напор и знаење на авторот. Мислам дека сите фотографии на оваа изложба ќе останат запаметени.

Сподели