Куќата-музеј на Личеноски да го добие своето заслужено место и да инспирира многу млади луѓе

Кога прв пат влегов во куќата на Лазар и Зое, сфатив дека ù е потребна љубов, таму се чувствува атмосфера на креативност – рече евроамбасадорот Дејвид Гир, на дебатата „Think Forward: Затоа што културата е важна“, што се одржа во Europe House Скопје

Лазар Личеноски има една карактеристика што ја ниту еден македонски автор. Тој е пејзажист и најголем дел од своето творештво го поминал во Белград, се вратил во Скопје после војната, но само една слика има направено со мотив од Белград. Сите слики што ги насликал во Белград се од мотиви од Македонија – рече Викторија Васева-Димеска, вчера на дебатата „Think Forward: Затоа што културата е важна“, што ја организира Делегацијата на Европската Унија во Europe House Скопје. Историчарката на уметноста Васева-Димеска, се согласија присутните, најдобро го познава творештвото на нашиот великан, чија важност, но и состојбата со Куќата-музеј беа во фокусот на дебатата.

– Кога ќе се реновира куќата на Личеноски, мојата сугестија е да не служи за големи собири, затоа што, факт е дека при уметничките дела така се оштетуваат. Ако успееме да ја вратиме во живот куќата на Личеноски, тоа ќе биде навистина голем подарок за Македонија. Затоа што таа не е спомен-куќа на Личеноски, но на целата наша ликовна култура. Ова ќе биде единствената спомен-куќа во Скопје. Ја имаме на Никола Мартиновски во Крушево, а од „четворицата јавачи на апокалипсата“ (Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димо Тодоров и Димитар Аврамовски Пандилов), Личеноски ја подарија на државата. Од срце сакам ова да успее – рече Васева-Димеска.

На дебата, што ја модерираше Ана Зафирова, домаќин беше евроамбасадорот Дејвид Гир, а учествуваа Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, институцијата под чија капа е Куќата-музеј, министерката за култура Бисера Стојчевска-Костадиновска, Ема Петрова-Николовска, советник конзерватор на штафелајно сликарство при Националниот конзерваторски центар и Оливера Ливриниќ, раководителка на секторот за заштита на културното наследство при Министерството за култура.

Низ примери на светски уметници и како нивните држави им одаваат почит (Рембрант, Да Винчи, Сезан, Кало,  Реноар, Пикасо, Магрит…), амбасадорот Гир ги истакна заложбите на Европската Унија да помогне во реализација на овој капитален проект за зачувување на културното наследство. Третиот роденден на Europe House Скопје одличиле да биде во чест на Личеноски, за да му се оддаде почит на прекрасниот уметник.

– Поминаа три години откако ЕУ Инфо центар стана Europe House и ме радува што местото од локација што информира за тоа што прави ЕУ, стана место каде што се разговара со младите. Денес е место каде што одржуваме стотици настани, а се радувам што од   година ќе се прошириме и во Велес, Струга, Тетово и Битола. Куќата на Личеноск имора да се зачува, на неа и треба помош. Таму се наоѓаат едни од најубавите мозаици што сум ги видел. Сакавме да поттикнеме млади уметници да твроат и многу сме им благодарни што создадоа дела и ја направија изложбата. Посакуваме Куќата-музеј да го добие своето заслужено место, но во исто време и да стане динамично, живо место кое ќе инспирира многу други луѓе – рече Гир.

Меѓу гостите на дебатата беа многу амбасадори на земји кај нас. Евроамбасадот сподели како прв пат се сретнал со творештвото на Личеноски.

– Прв пат видов дело на Личеноски додека чекав да ме прими претстедателот Стево Пендаровски. Се фасцинирав од слика на која имаше стог сено и невреме што надоаѓа. Подоцна среќавав негови слики и во различни домови и тие ми предизвикуваат радост. Кога прв пат влегов во куќата на Лазар и Зое, сфатив дека ù е потребна љубов, таму се чувствува атмосфера на креативност. Тоа е едно многу силно чувство. Многу ми се допаднаа сенките и светлината, тие мали детали во ателјето. Па оној систем што го имала Зое како му симнувала чај, ракија што и да е, чувстувате како тие вчера да биле во куќата. Посакувам кога ќе се реставрира да се сочува таа интимност на куќата. Сликите ми предизвикуваат радост.

Куќата на Лазар Личеноски е изградена во 1961 година, во сопственост и на име на Лазар Личеноски. Со Решение за тестаментални и законски наследници, куќата поминува во сопственост на Владата во 2015 година, односно на Министерството за култура. Станува дел од Националната галерија на Македонија како нова организациона единица.

Старова-Ќерими се осврна на сите чекори што се преземен.. Таа се заблагодари на Делегацијата што поттикнува да се крене гласот и со соодветна финансиска поддршка од амбасадите на европски земји.

– За да не замине големината на нашите дејци во заборав треба постојано да дејствуваме за зачувување на нашето културно наследство, што ни го предадоа со верување дека ќе бидеме достојни исправени со голеината на нивните дострели. Има во историјата на големите градови паметници што не се поставуваат според службени декрети, туку се изблик на животот и творештвото на генијот, на голем човек, и тие остануваат гордо во наследство на идните генерации. Таков е случајот со куќата-паметник, куќата-музеј на колосот на македонското сликарство Лазар Личеноски. Куќата на прекрасната Зое Личеноска, голема познавачка на македонската резба и сопруга на сликарот. За оваа куќа, единствена и неповторлива од ваков вид, малку е да се рече дека треба да биде постојана грижа на целиот град, на целата земја – истакна таа.

Таа истакна дека 122 дела на Личеноски се наоѓаат во депоата на Галеријата, но не се во состојба да бидат изложени. 36 мозаици се реставрирани и пет зграфити. Старова-Ќрими истакна дека куќата има извонреден етнолошки материјал што треба да се реставрира, да се направи реконструкција на фазата архитектура, која е финансиски најпотребна за да може да биде оспосебена да може внатре да се изложат.

– Културното наследство не прашува за криза, но прашува за наоѓање сили нешто да се направи. Сакам куќата да биде постојано отворена. Сигурно и авторот да беше жив ќе го делеше моето мислење. Нашата идеја е оваа куќа да биде едукативен простор. Моја главна визија е куќата на Личеноски да биде како примерот на куќата на Моне во Живерни – рече Старова-Ќерими.

Министерката Стојчевска-Костадиновска и се заблагодари на Европската Унија за поддршката.

– Тоа што го направивте досега е ветер во грб за заложбите за зачувување на културното наследство. Денешната дебата е од огромна поддршка. Од голема важност е интересот што го покажуваат амбасадите во нашата земја, заеднички да најдеме нови модели и грижа.

Оливера Ливриниќ од Министерството за култура се осврна на техничките можности и на процесите што досега се направени врз куќата.

Ема Петрова-Николовска се осврна на конзерваторските проблеми во врска со делата на Личеноски.

– Тие дела долго не беа заштитени. Дури беше жива Зое, таа себично ги чуваше и внимаваше на нив, но периодот отпосле имаше големо влинание. Се сеќавам уште млада вработена кога одев кај Зое, таа толку се грижеше за нив. Сега веќе се во незавидна состојба и ќе треба многу сериозен стручен тим да работи. Оваа прилика ја користам да кажам дека кај нас има голема потреба од едуцирање на стручен кадар, особено за штафелајно сликарство. Благодариме што неодамна добивме лабораторија за оваа намена, која поседува можеби 5 или 10.000 ликовни дела што се во лоша состојба поради условите за чување – истакна таа.

Петрова-Николовска потсети дека куќата била проектирана пред земјотресот од архитектот Славко Брезовски, за користење и работа на Личеноски. Повеќе од 60 мозаици, зграфита, во тоа ателје изработи безброј ликовни творби се создадени таму.  На самиот влез на дворот се вграени камења од Скопското кале, а самата локација ја прави уште попосебна.

Освен 122 дела има и упште дела, недовршени или пак дела на други автори, подароци на авторот од други уметници-колеги. Ана Зафирова истакна дека  голема вредност има и тој, затоа што другарувал со многу врвни уметници и интелектуалци, меѓу кои и Иво Андриќ, кој лично го мотивирал Личеноски да пишува свои мемоари од кои ние денес имаме повеќе информации за него.

Целата дебата може да ја проследите на следниот линк.

Сподели