Како родителите да препознаат дали децата им се изложени на сајбер-булинг? Кои се придобивките од дигитализацијата и како таа влијае на комуникацијата меѓу родителите и децата? Како да се препознаат лажните вести и кои се последиците врз животот на младите? Како родителите да го регулираат времето кое децата го поминуваат на мобилни уреди и да обрнат внимание на онлајн-сигурноста на децата?
Ова се дел од темите кои беа опфатени во стручните разговори во рамките на изложбата „Проѕирниот човек“, на Гете-институтот од Скопје што се одржаа во „Јавна соба“. Дебатите насловени „Родителство во дигитален свет – надежи и стравови во однос на влијанието на технологијата врз младите“ ги водеа стручни лица, а од другата страна беа родителите на деца кои секојдневно користат интернет и со тоа се движат во дигиталниот свет.

Стручните разговори ги водеа Арбен Гудачи – експерт за заштита на податоци, проектен менаџер и правник, Радмила Живановиќ – акредитиран психолог и психотерапевт на EAGT – Европската асоцијација за гешталт терапија и EAP- Европска асоцијација за психотерапијa и Владимир Петрески од Фондацијата „Метаморфозис“, уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите со обемно искуство во проверка на факти и справување со лажни вести.
Видеозаписот од настанот е достапен на социјалните медиуми на Гете-институт – културна институција на Сојузна Република Германија која својата дејност ја извршува низ целиот свет и го афирмира учењето на германскиот јазик во странство како дел од меѓународната културна соработка.





