Фокус на Асоцијацијата за креативни индустрии на Форумот посветен на женското претприемништво

Асоцијацијата за креативни индустрии АКИ при Стопанската комора на Северна Македонија денеска во 10 часот во киното „Синеплекс“ ќе ги претстави своите мисија, цели и активностите. На средбата ќе зборуваат Калина Миљовска од Стопанската комора и Елена Бојаџиева-Цветковска, претседател на АКИ.

Претставувањето е во рамки на вториот Меѓународен форум за креативни индустрии и улогата на женското претприемништво во креативната економија што започна вчера, а го организира Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, со поддршка од Министерството за култура.

Асоцијацијата е формирана со цел да се даде поддршка, промоција и развој на активностите на креативните индустрии во нашата земјата, во рамки на Стопанската комора. Асоцијацијата во наредниот период ќе се залага за унапредување, развој, поттикнување, зачувување и негување на културата и културното наследство, преку учество и организирање разни видови активности и проекти со цел поддршка на постоечките индустрии, промоција на индустриите преку учество на манифестации, изложби, саеми, фестивали, конгреси, форуми, конференции и симпозиуми во областите во кои дејствуваат компаниите/организациите членки на Асоцијацијата, создавање нови работни места во креативните, уметнички и забавни дејности и индустрии, помош и активно учество при креирање законски измени и нови решенија на полето на креативните индустрии, како и подобрување на генералната економска слика на Македонија.

На вториот ден, денеска, ќе биде претставена Валентина Дисоска, претседателка на Националната платформа за женско претприемништво, Геновева Христова-Мари, ко-сопственичка и директорка на „Лигна Груп“, претседателка на Бугарскиот кластер за мебел, Софија Штерева, директор на „Креатек Бугарија“, како и Елизабета Јовановска, основачка на Best Online Assistant.

Форумот, кој на едно место собира претставници од креативните индустрии, претприемачи, иноватори, стопански комори, министерства, институции и други креатори на политики, како и претставници од граѓанското општество и меѓународните организации, беше отворен вчера.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на отворањето на форумот рече дека македонската економија има огромен, но, како што рече, „за жал неискористен потенцијал за развој, а тоа се токму креативните индустрии“.

– Во креативните индустрии имаме луѓе кои знаат и умеат, луѓе кои со своите дела веќе се имаат докажано на светската сцена, но, мора да направиме многу повеќе за да ги поттикнеме. Овој форум е вистинска можност за тоа, пред се, за врежување и запознавање на нашите креативци од чија синергија можеби ќе произлезат дела и проекти од кои сите ќе се гордееме. Иднината на европската, а и македонската економија е во иновациите и креативноста – изјави министерката.

Елена Бојаџиева Цветковска, претседателка на УМПАКИ, рече дека очекува дека овие два дена ќе бидат споделени многу интересни, успешни приказни од жени претприемачи и додаде дека идејата на овој форум е да биде платформа на споделување знаење и искуство и можности за соработка помеѓу организациите и засегнатите од една, и институциите од друга страна.

Јасмина Цанева Лазовска

На првиот ден на форумот говореа и Анета Антова Пешева, претседателка на МАСИТ, Влора Адеми, потпретседателка на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Димитар Смилјановски од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Мартин Каф, советник за креативни индустрии и туризам на српската премиерка и стратег за „Србија создава“ и Јасмина Цанева Лазовска, извршен директор на VM3D – Тренинг центар за 3D моден дизајн. Секој од нив ги посочи главните проблеми врз кои треба да се работи за да им се даде поддршка на жените што сакаат да се обидат во претприемништвото – фокус на образованието, на стекнувањето вештини, на менување на свеста.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и се реализира во соработка со киното „Синеплекс“, КЕА Брисел, Асоцијацијата на креативни индустрии АКИ, Синесквер, Ливинг роомс и Дуки Дасо, со медиумско покровителство на ТВ Телма, Иновативност.мк и Умно.мк.

 

 

Сподели