На полето на културата државата секогаш може подобро

Уметничката галерија во Тетово е сместена во Стариот турски амам што потекнува од 15 век – годинава нè погоди невреме и двапати претрпевме поплавување во внатрешноста, вели директорот Илир Куртиши

Меѓународната уметничка колонија е единствениот начин на кој Уметничката галерија во Тетово ја збогатува својата колекција. Годинава колонијата се одржа по 14. пат. Ова е еден од централните настани за Уметничката галерија во годината од повеќе различни аспекти, вели Илир Куртиши, директор на институцијата. Во интервјуто за Умно.мк тој зборува за важноста на меѓународната соработка, состојбата на Уметничката галерија како институција, на Стариот амам кој е преадаптиран во Уметничка галерија.

Летово на Шар Планина се одржа 14. Меѓународна уметничка колонија што ја организира Уметничката галерија на Тетово. Зошто е важен овој континуитет?

– Самиот факт дека е 14. по ред покажува колку е значаен. Откога е онована Галеријата, меѓународната колонија е главен настан не само за институцијата, туку и за поширокиот аудиториум. За нас како институција е важна бидејќи е единствениот начин за збогатување на уметничката колекција. За уметниците е важна за размена на искуства, за афирмација и промоција. А за пошироката јавност во Тетово и во целата држава секоја година нудиме нешто ново во духот на ликовната уметност. Различни дела од различни уметници од земјава и од надвор. Оваа година присутни беа 16 уметници. Од Бугарија присуствуваше Мишел Валчева, од Албанија – Едмонд Драми и Ермелинда Лупи, од Косово – Хајруш Фазлиу, Дренојта Бериша Рефки Голопени, Аргенита Фетаху и Рук Салиху. Од Украина ни дојде Снегана Мелник. Сепак поголемиот дел на учесниците го сочинуваа уметниците од нашата земја – Сафет Спахиу, Елма Шерифи, Страхил Петровски, Јасмина Крстоска, Драгица Чекорова, Енкела Положани и Рејан Етеми.

На овие уметнички собири не се случува само уметност. Како колониите придонесуваат за меѓусебна соработка, мултукулура, разбирање на различностите?

– Покрај уметничкото создавање, уметниците престојува заедно и се дружеа пет дена. И во текот на тие денови спонтано организиравме различни активности, доаѓаат гости, нè посетуваат. Овие денови се навистина интензивни и поминуваат во интеракција, во можност за меѓусобно запознавање и размената на искуства е голема. Инсистирав да запазиме целата екипа да биде создадена од различни држави и култури, не заборавајќи да внесам и помлада енергија во екипата, па вклучивме и помлади уметници. Половина од учесниците припаѓаа во оваа група помлади уметници.

Уметничката галерија во Тетово е сместена во Амамот, импресивен споменик на културата од османлискиот период изграден покрај реката Пена. Тука реализирате ликовни, археолошки, етнолошки изложби. Во каква состојба е објектот, потребна ли е конзервација од каков било тип?

– Изложбената просторија на Уметничката галерија е токму овој објект – Стариот турски амам кој потекнува од 15 век, автентичен и репрезентативен објект. Ова година нè погоди невреме. Двапати претрпивме поплавување во внатрешноста. Беа предизвикани штети за кои потребно е во што поскоро да ги санираме и поправиме. Објектот е генерално во добра статичка кондиција. Но, неопходно е да се преземат некои помали интервенции на кровот, што се однесува на изложбената просторија. Но, проблем е што немаме сопствени простории за администрацијата, па принудени сме да импровизираме канцелари во изнајмен објект за кој секој месец плаќаме кирија.

Колку сте задоволен од поддршката што ја добивате од Министерството за култура за реализација на програмите? Може ли подобро?

– Ние исклучиво се финансираме од Министерство за култура. Дали сме задоволни од финансирањето – не би рекол дека сме задоволни. Може уште подобро. Но, сепак оваа година стоиме многу подобро од претходните години. Се надевам дека овој тренд на зголемување на финансиските средства ќе продолжи и следната година ќе биде уште подобро.

Какви се плановите до крајот на годината?

– Останаа уште неколку проекти за реализација – сопствената изложба на уметникот Невзат Бејтули-Кица и проектот „И ние сме уметници“- работилница за деца со попречености. Ни останува проблемот со недостаток на админиатративни простории. Многу е битно да имаме наши соодветни простории за подобро и поефикасно работење. И покрај напорите што ги правам се надевам дека до крајот на годината ќе најдеме некое решение, во соработка со Владата и со Министерството за култура.

Илир Куртиши

Фото: Уметничка галерија – Тетово

Сподели