Чернодрински се врати дома во една драма на Стефановски, а Чернодрински е матицата на сите театарски уметници кај нас. Со самото тоа, враќањето дома, значи и враќање на домашниот автор, на откривањето нови гласови во македонската драма и театар, вели Ана Стојаноска, директорка на фестивалот во Прилеп
Сакам МТФ „Војдан Чернодрински“ да живее во ова време, да се спои со сите генерации, да покаже дека нема проблем да комуницира преку мобилни апликации, подкасти, социјални медиуми, дигитални формати, а истовремено да дејствува директно, би рекла дури и дрско, да покаже што е во ред, а што не во театарот денес, да им покаже правец на театарот и на драмата. Да не живееме во меурчето од сапуница дека сме најдобри, туку да работиме да бидеме најдобри – вели проф. д-р Ана Стојаноска, директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Пред неполни два месеца Стојаноска одлучи да се зафати со голем чекор и во наредните четири години да остави свој печат на театарскиот фестивал, што значи многу за историјата на македонскиот театар. Каков нов ветер ќе дувне на 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ и со кои предизвици ќе се зафати Стојаноска, повеќе во интервјуто за Умно.мк.

Кој беше Вашиот најголем порив и желба да се посветите на фестивалот?
– Да направам театарски национален фестивал од рангот на големите светски фестивали. Да покажам дека идентитетот и културното наследство не е во политичките одлуки, туку во креативната моќ на еден народ да си ја зачува сопствената театарска традиција. Добив и честитки, но и коментари дека го преземам фестивалот во најтешко можно време. Да, така е, време е на криза, свесна сум за тоа. Она што го знам многу повеќе од тоа е дека имам страст, енергија, емоција, способност да го направам тоа што го сакам. Истовремено, сум свесна дека сам човек ништо не прави, посебно не во театар. Затоа тргнав да ја „плетам“ или развивам мрежата на фестивалот. Да покажам дека театарот нè научи на креативниот потенцијал на заедницата. И пред сè, желба ми е, фестивалот да е убаво место за посетување, не само за театарските уметници, туку и за сите.
„Враќање дома“ е мотото на Вашата програма. Многу симболично од повеќе аспекти – враќање и Ваше на фестивалот со кој сте растеле, но и враќање кон суштината на фестивалот. Што ќе е најважно за Вас да постигнете во наредните години?
– Да се вратат дома сите театарски уметници и публиката, Прилеп да е домаќин на најголемиот театарски фестивал, гостите да се чувствуваат како дома, повозрасните што го посетувале фестивалот со години, да имаат причина плус да дојдат, помладите да сакаат да почнат да одат. Исто така, Чернодрински се врати дома во една драма на Горан Стефановски, а Чернодрински е матицата на сите театарски уметници кај нас. Со самото тоа, враќањето дома, значи и враќање на домашниот автор, на откривањето нови гласови во македонската драма и театар. Сакам фестивалот да е домот, базата, архивата на комплетната современа театарска продукција кај нас. И додека трае да е местото на одличен театар, дружење, создавање нови релации за соработки, но и место за размена на знаење и искуства во различни формати.

На фестивалот одамна му треба осовременување. Какви новини може да се очекуваат? Што сакате Вие да се промени?
– Сакам да живее во ова време, да се спои со сите генерации, да покаже дека нема проблем да комуницира преку мобилни апликации, подкасти, социјални медиуми, дигитални формати, а истовремено да дејствува директно, би рекла дури и дрско, да покаже што е во ред, а што не во театарот денес, да им покаже правец на театарот и на драмата. Да не живееме во меурчето од сапуница дека сме најдобри, туку да работиме да бидеме најдобри.
Од овој фестивал почнуваме со повеќе нови активности: за почеток имаме Автор во фокус. За оваа година е Коле Чашуле, за следната – Горан Стефановски. Авторот во фокус ќе биде застапен во сите активности во текот на целата година. Почнуваме со едукативни работилници за ученици од основните и средните училишта во Прилеп. Секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта. Актерите од театарот во Прилеп, наставници и професори под менторство на Милош Андоновски, познат македонски едукатор и театарски режисер почнуваат со работа од ноември и до почетокот на фестивалот и ќе направат свои презентации. Ќе следуваат неколку јавни повици за домашна драма, за независната продукција која работи домашни драмски текстови, за соработка со сродни институции и фестивали.

За прв пат, Фестивалот ќе биде „зелен/еко“ фестивал. Ќе покажеме дека грижата за заедницата тргнува од секој од нас. Целта е градот Прилеп да е град фестивал – да се отворат нови, алтернативни сцени (ги има Прилеп и знае како со нив), да се случува театар на улица, на плоштад, на театарските сцени, да се случува театар на утро, на пладне, попладне и вечер.
Се чини дека помладите генерации театарџии со години како да немаа можност да дадат свој придонес во организацискиот дел на фестивалот, а со тоа и дадат нова енергија. Дали планирате да ги ангажирате?
– Се разбира, мојот оперативен тим во старт е составен од една млада генерација која покажува дека точно знае што прави. Истовремено, ја имам и повозрасната генерација која ме советува. Младите се тука затоа што моја цел е тие да го наследат фестивалот. Затоа и ја создавам таа мрежа. Не сум од оние луѓе што мислат само за себе, напротив, работам на тоа да покажам дека фестивалот се сите луѓе што се вклучени во него. Во план се редица активности за враќање и на младата публика, но и на младите уметници.
Најавувате фестивал што ќе биде дисперзиран низ целата година, а не само во една недела на почетокот на јуни, како што е традиционално. Какви содржини би имало низ целата година?
– Го избравме 27-ми во секој месец како ден кога фестивалот ќе си објави дел од содржините што се во тек. Намерно е избран тој датум, затоа што 27 март е денот на театарот. На 27 октомври го пуштивме новото лого на фестивалот. Следниот месец ќе има повеќе активности од едукативни и креативни видеа, интервјуа, разговори… Исто така, не би сакала ниту една публика да е запоставена, па ќе ги користиме сите можности да направиме успешен фестивал. За многу брзо ќе биде прикажана и целата програма, освен селекцијата на театарските претстави. За таа цел, сакам да напоменам, дека во план ми е да ги гледам сите театарски претстави и од одгледаното да направам концепт врз кој ќе ја правам селекцијата, за овој фестивал ќе има и придружна програма „ОФФ актива“, но и еден целодневен Showcase на независната продукција што игра домашни драмски текстови.
Има уште многу нови планирани активности, би им препорачала на гледачите, да нè следат и да дознаат што и како ќе донесе Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, наредната година во Прилеп.





