Сите „жители“ на селото ќе бидат облечени во костими карактеристични за средниот век, а неколкумина ќе демонстрираат занаетчиски вештини на ковање, острење, резбарење и слично
Средновековно село со подвижен логор, кожарство, ковачки занает, книговез, иконопис, па дури и средновековна битка ќе се одржат викендов во Крива Паланка во рамките на „Средновековниот фестивал“. Крива Паланка ќе се врати во средновековието и ќе ги пречека сите заинтересирани постетители што сакаат одблизу, во живо да видат како се живеело во старите времиња. Фестивалот го организира Градскиот музеј на Крива Паланка во рамките на прекуграничниот проект „Одржливо користење на културното наследство на Дупница и Крива Паланка“ кој двете општини го спроведуваат веќе две години како дел од ИНТЕРРЕГ ИПА програмата меѓу Македонија и Бугарија.

Во средновековното село ќе бидат претставени повеќе карактеристични занаети за овој период на балканските народи: кожарство, ковачки занает, книговез, иконопис, грнчарство, резбарство, кулинарство (зачини). Сите „жители“ на селото ќе бидат облечени во костими карактеристични за средниот век, а неколкумина ќе демонстрираат занаетчиски вештини на ковање, острење, резбарење и слично, објаснува Драган Величковски, директор на музејот во Крива Паланка.

Драган Величковски
– Во рамките на фестивалот ќе има анимации за деца и работилници за изработка на средновековни шлемови, мечови, а сите деца и млади посетители ќе може да се облечат во облека на средновековните воини и витези, да се мечуваат или да стрелаат како нив. Посебен дел од фестивалот ќе претставуваат средновековните битки, каде што посебно избрани учесници, соодветно облечени и вооружени ќе демонстрираат начини на поединечно и групно војување со оружје од средниот век и ќе симулираат битка за напад на воено утврдување – раскажува Величковски.

Според него, на фестивалот ќе учестуваат различни категории луѓе – занаетчии, готвачи, музичари, стручни музејски експерти кои детаљно го познаат средновековниот начин на живот и особено на употребата на средновековното оружје. Ќе гостува групата „Фреја“ која негува специфичен тип на нордиска музика базирана на средовековната традиција. Важни гости на фесивалот се музејски работници од музеите од Лесковац, Србија, Ќустендил, Бугарија и од Виница кои ќе раководат со едукативните програми за изработка на средовековна облека и оружје.
– Се на сé, многу наши пријатели и драги гости ќе учествуваат на фестивалот – објаснува Величковски.

Концепциски, фестивалот е базиран на обичниот живот на средновековниот селанец. Кои биле неговите потреби, каков бил неговиот живот, што јадел и што сé користел како основни орудија.
– Се разбира дека во неговиот живот сеприсутно било војувањето. Често бил мобилизиран во разни доброволни и платенички војски и морал да владее одредени лични војнички вештини. Сите тие негови карактеристики и атрибути ќе се обидеме да ги претставиме на фестивалот – објаснува Величковски.
Во рамките на овој проект општината изградила пешачка патека кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ која им користи на домашните и на странските туристи при посетата на овој туристички бисер.

– Втората најважна активност во овој проект е организација на еден ваков средовековен фестивал, а Општина Крива Паланка нé избра нас како најквалификувана институција да го организираме настанот. Со оваа одлука од една страна ние и општината сме пионери во делегирање на една вака сложена проектна активност на една јавна музејска установа, а од друга страна го потврдува приматот кој нашата општина го има како лидер во спроведување на европски проекти – вели Величковски.

Главната цел на фестивалот е да ù се претстави нешто ново на кривопаланечката публика и за сите гости што викендов ќе го посетат градот. Нешто досега невидено што особено ќе биде интересно за помладата публика.
– Верувам дека тие веќе имаат некакви познавања за животот на средновековниот човек, преку онлајн- содржини, а и многу популарни филмови се направени на оваа тематика. Сакаме дел од тој впечаток да им го преточиме во живо. Верувам дека програмата ќе биде интересна за најмладата публика. Самото организирање на фестивалот и нашето запознавање со трендовите и тенденциите во соседните и подалечните земји ни наметна размислување дека култуно-историското минато треба и мора да се презентира на еден ваков популарен и забавен начин. Веќе размислуваме во следните години да организираме вакви фестивали со содржини од различните историски и цивилизациски епохи – завршува Величковски.
Програмата на фестивалот прочитајте ја на линкот.
















