Дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност во Скопје на почетокот на идната година за првпат ќе бидат во престижниот простор „Кунстхале“ (кој е дел од Музеум Квартиер)во Виена. Поставката ќе биде на 1.000 квадратни метри, а според концептот, осум меѓународни уметници треба да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу делата и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција.
Уметниците веќе избираат дела од колекцијата – Брук Ендру од Австралија, Јане Чаловски и Христина Ивановска од Македонија, Синиша Илиќ од Србија, Иман Иса од Австрија и Ѓулсун Карамустафа од Турција. Фотографии од Скопје и од МСУ прави Елфи Семотан од Австрија, а Барби Марковиќ од Србија прави патопис низ градот и музејот.

Мира Гаќина и Сабина Саболовиќ
Најголемиот дел од уметниците веќе го посетиле градов и почнале со фотографирање и избор на дела. Брук Ендру и Иман Иса ја искористиле посетата да одржат и уметнички разговори за поширока публика. Синиша Илиќ, пак, ја истражувал колекцијата и правел избор на дела, додека Барби Марковиќ, во своите истражувања за музејот и Скопје, собирала информации кои понатаму ќе и послужат околу креирање тeкстови поврзани за изложбата. Елфи Семотан, една од најреспектибилните и најпознати фотографки на денешницата, направила фотографии од музејот и од неколку клучни локации на Скопје.
Уметничката директорка на „Кунстхале“, Сабина Саболовиќ, веќе два пати го посетила МСУ и заедно со директорката Мира Гаќина и со дел од кураторскиот тим работеле на подготовки за големиот проект. Нашиот тим бил на возвратна работна посета во Виена каде со колегите од „Кунстхале“ го разгледале просторот каде ќе бидат поставени делата од МСУ.
– Во „Кунстхале“ имавме неколку работни средби на кои разговаравме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници, претходно веќе беа во МСУ и почнаа да ја прават селекцијата. Сега истражуваме каков е интересот за гостување на овој проект и во други сродни музеи низ Европа и пошироко. Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе биде претставено и пред нашата публика, по завршувањето на изложбата во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа и реакција кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот Шчо делат, Таниа Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес – вели Гаќина.





