Кога музиката ја ставаме на носач на звук, таа станува сведоштво за идните генерации

Следен предизвик за диригентката Дијана Имери Илкоска е концертното промовирање на новиот камерен ансамбл – ID chamber orchestra на 9 ноември во камерната сала на Филхармонијата

Изданието „Филхармонија во срцето“ од концертот на Елена Дојчинова и Владимир Лазаревски под диригентство на Дијана Имери Илкоска ќе биде промовирано вечерва во 19.30 часот во Филхармонијата. Цедето е резултат на соработката меѓу здружението Con:Tempo и Филхармонијата.

Дијана Имери Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Носител на бројни награди во повеќе дисциплини, Имери Илкоска соработува со многу оркестри. Асистира на реномираните диригенти Маестро Јерухам Шаровски (Израел), како и Маестро Тимоти Редмонд (Велика Британија). Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија) кој за неa ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“

На отворањето на новата сезона ќе биде промовирано цедето „Филхармонија во срцето“, проект за кој рековте дека баш ви е при срце. Ве возбудува ли што јавноста ќе добие носач на звук, посебно што во последно време се’ поретко имаме такви изданија?

– Среќна сум и возбудена што, пред сè, ние како уметници – изведувачи се стекнуваме со вакво издание, кое всушност е еден вид документација на она што го создадовме пред скоро една година, а тоа е концертот насловен како и самиот албум – „Филхармонија во срцето“ што се случи на 18 ноември 2021 година. Бидејќи, како што и сите знаеме, концертот е единствен и неповторлив момент и доживување и како таков е прекрасен и бесценет додека трае. Но кога истиот тој момент, во кој сите даваме дел од себе и своите чувства кои се двигател во оваа уметност, ќе се стави на носач на звук – тогаш оставаме зад себе многу повеќе од моменти и воздишки, оставаме наследство, еден вид сведоштво кое ќе остане на идните генерации. Тоа е голема одговорност, но и убавина, бидејќи во денешно време ваквите изданија се вистинска реткост и подвиг само на вистинските ентузијасти и вечни сонувачи. Лично мене ми претставува огромна среќа и задоволство себеси да се сврстам меѓу нив.

Како дојдовте до идеја да се објави токму овој концерт во издание на Con:Tempo?

– Овој албум е плод на една нова сорабока помеѓу Филхармонија и дискографската куќа Con Tempo. Особена чест ми претставува што тие одлучија токму овој концерт да биде прво издание од нивната сорабтка. Со огромно задоволство го поддржав и прифатив нивниот предлог со надеж дека ова ќе биде само почеток на уште многу идни музички креации. Покрај тоа, сметам дека е особено важно што покрај делата на Антонин Дворжак и Антон Аренски – капитални дела од светската литература за камерна музика, на албумот се најде и дело од еден од најистакнатите македонски композитори Томислав Зографски.

Последните неколку години Филхармонија се труди да ги привлече и младите да бидат поредовна публика со интересни атрактивни програми и настани. Како да ги привлечеме да бидат почесто во гледалиштето?

– Сметам дека современиот и модерен пристап околу програмскиот концепт на Филхармонија вродува со плод. Младата генерација е сè почеста публика на концертите на Филхармонија, бидејќи ја има можноста да проследи разновидна и богата програма која ја има за сечиј вкус: од светските класици и железниот репертоар на симфониската музика, па сè до современи дела со длабока и иновативна содржина од светски автори кои се живи и сè уште творат, па некогаш и самите тие лично, со задоволство ги проследуваат концертите кај нас. Тука, се разбира се и ексклузивните гости – солисти и диригенти кои се активни и барани на светската музичка сцена, а со тоа го привлекуваат вниманието и на нашата млада публика. Сметам дека од клучна важност е и улогата на медиумите во привлекувањето на млада публика која би требало да е присутна на културни и уметнички збиднувања, затоа што уметноста ги гради младите во вистински личности, вплотува мир и љубов во нивните души. Па затоа треба сите ние, со особен акцент на медиумите како многу важен сегмент од општественото живеење, да размислиме каква младина создаваме, колку и како инвестираме во нивниот потенцијал и развој, бидејќи за жал фокусот во медиумите е на погрешните и површни нешта. Начинот на кој што во овој момент делуваат, со црни статистики и политизирање на секој сегмент од животот, не води кон негување и создавање култура, а најголимиот одраз на културата ни се младите.

Што ве очекува во новата сезона? Какви нови предизвици?

– Во тек се подготовките за моите следни настапи, кои есенва ќе ги има во поголем број. Меѓу нив би сакала да го издвојам концертното промовирање на новиот камерен ансамбл – ID chamber orchestra, со кој ќе свириме прекрасна програма и интересно и иновативно претставување на истата. Концертот ќе се одржи на 09 ноември во камерната сала на Филхармонија, па ја поканувам публиката да дојде и да присуствува на овој за нас посебен концерт. Секако тука би ја издвоила мојата соработка со Филхармонија – преку концертот за деца насловен „Магичен глас“ кој ќе се одржи на 26 ноемри во големата сала на Филхармонија. Секако ова е само мал дел од многуте идни возбудливи настани кои нема да ги откријам во овој момент, за кои верувам дека ќе предизвикаат голем интерес.

Сподели