Пишува: Александра Јуруковска
Трибина со наслов „Менталното здравје и важноста од истото“ ќе се одржи вечерва во 18 часот во Домот на културата „Иван Мазов – Климе” во Кавадарци. На трибината ќе говорат: д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, универзитетски професор, психотерапевт и претседателка на Комората на психолози, д-р Мирослав Пендароски, универзитетски професор и психотерапевт и м-р Тина Васков, клинички невропсихолог и психотерапевт. На присутните ќе им се обрати и Нина Костовска.
Организатор на настанот е Здружението за психологија, советување, психодијагностика и едукација „Когитацио рационалис“ од Кавадарци.
Студиите, стручното усовршување и работење, како и мотивација да се даде сопствен придонес во средината во која живее, посебно во сферата на психологијата се главниот поттик за иницијаторот на трибината и основач на „Рационалис“ Атанас Иваноски, магистер на психолошки науки и лиценциран психолог. Тој е дециден дека менталното здравје игра клучна улога во животот на секој човек.
– Менталното здравје е од суштинско значење за една личност да може да живее исполнет живот во кој ќе ги реализира сопствените потенцијали. Денешниот човек е во постојана потрага по себеси, како и во потрага по начините кои ќе ја подобрат неговата добросостојба. Токму менталното здравје има важна улога во постигнувањето на таквата цел – вели Иваноски.
На прашањето дали психичкото здравје сѐ уште е табу тема во општеството во кое живееме, Ивановски додава:
„Преку поведенијата на луѓето и нивните артикулирани ставови, кај голем дел од нив се забележуваат чувствата на страв и срам како резултат на нивните ирационални уверувања дека ќе бидат отфрлени од останатите и дека нивната човекова вредност ќе биде помала доколку посетат психолог. Токму затоа, верувам дека психолозите и сите релевантни чинители на општеството, имаат морална обврска да дејствуваат во насока на подобрување на менталното здравје кај граѓаните“.





