90 години од раѓањето на поетот што „и ѕвездите ги учеше да шепотат на македонски“

Големиот поет, есеист, преведувач и публицист Анте Поповски е роден на денешен ден, 3 јуни 1931 година. Еден од најплодните македонски автори на 20 век дипломирал медицина, но цел живот се занимавал со литература. Работел како директор на НИП „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, а во два мандати и претседател на Друштвото на писателите на Македонија. На почетокот на 1990-тите, тој бил еден од основачите на политичката партија МААК. Поповски бил член на МАНУ од 2001 година.

Негови попознати дела се: Оковано време (статии и коментари, 1991) Меѓу животот и знаците (есеи, 1991) Провиденија (поезија, 1995), Окото, светлините (есеи, 1996), Одблесоци (поезија, 1955), Вардар (поезија, 1958), Самуил (поезија, 1963), Непокор (поезија, 1964) и Света песна. Неговата поезија е преведена на десетина светски јазици. Тој е двоен добитник на највисоката поетска награда „Браќа Миладиновци“, потоа на Гоцевата Повелба, 11 Октомви, Кочо Рацин и Други. Почина во Скопје во 2003 година.

Во негова чест група македонски интелектуалци и креативци, поддржани од семејството ги востановија манифестациите „Антево перо“ на која се доделува и истоимената награда за  исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис) и „Антево слово“ – за најдобра песна.

 

ПЛОДОВИТЕ И ЗБОРОВИТЕ

Нашите татковци беа излезени од нивјето

и од македонскиот јазик,

со оцет и молитва ја бришеа потта од челото

и со снопови под мишка

се нишаа од лето до лето.

Туѓите зборови ги врзуваа во алови крпчиња

-своите ги криеја како најголемо богатство:

нив ги сметаа подарок од божјото провидение,

Затоа секој нивни збор

беше и сина птица и златен штит…

Јадеа солена лобода и беа како деца:

постојано сакаа нешто ново да им се кажува

за Обединета Македонија и веднаш потоа

се лутеа: во големи суши не се зборува,

велеа тие. Во големи суши не се зборува!

Место луѓето плодовите треба да зборуваат…

А сите знаеја: плодовите и зборовите

од еден ист корен излегоа…

Сподели