За да се подигне квалитетот на книгите, неопходно е да се отвори пазарот во сопствената средина и така да ја донесе најдобрата конкуренција. Тоа е огромен поттик за младите, талентирани генерации што доаѓаат – вели Јунаковиќ
Легендата на некогашната југословенска илустраторска школа, Свјетлан Јунаковиќ ќе биде гостин на 3. издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2021“. Тој ќе одржи мастерклас на 7 јуни, со почеток во 18 часот, на зум-платформата. Оваа прва средба со македонската млада илустраторска средина што ја реализира „Литера“, е повод и за нашиот разговор со сликарот, скулптор, илустратор и најдобро познат сеопфатен уметник по неговите детски сликовници. Јунаковиќ е професор на Академијата за применета уметност во Загреб.

Свјетлан Јунаковиќ (фото: Ромео Ибришевиќ)
Ви значи ли оваа нова соработка со Македонија и фестивалот „Литера“ и дали и по долги години професорска работа, сè уште го имате ентузијазамот за работа со младите?
– За мене работата со младите, заинтересирани луѓе е многу важен, креативен дел од моите уметнички дејствувања. Не е тоа само пренесување на моите лични искуства и подучување, тоа е всушност еден интересен реципроцитетен однос каде давате, но и добивате. Речиси сè што им зборувам на студентите и за мене самиот е една одредена потпора и потврда дека може и мора да се продолжи, наспроти бројните проблеми од кои најголемите се во нас самите и во нашата работа. Имав бројни одлични професори и ментори, колеги со полно искуство кои со мене го делеа знаењето, па мислам дека е во ред и јас да го пренесам понатаму. Не е фраза ако кажам дека ми е драго што добив прилика нешто да им пренесам на младите македонски илустратори и студенти. Ќе се обидам да ги охрабрам да продолжат и да напредуваат во една многу убава, но и многу тешка работа.
Кај нас сè уште немаме насока за илустрација на Факултетот за ликовна уметност. Каков е интересот во Хрватска за студирање илустрација, особено таа за деца?
– Многу ми е тешко да одговорам на тоа прашање. Со тоа многу и не се занимавам, односно не сакам да се занимавам. Тоа од моето дејствување, кое во најголем дел е уметничко, би ме одвело во тоа што го овде го нарекуваме култура, односно во кадрова политика, располагање со пари, позиции и разни ресурси. Имаме министерство чија работа и грижа е тоа. Со резултатите се среќаваме секој ден: сè помалку има (добри) издавачи, недостигаат вистински книжарници, се увезуваат главно и евтини и прилично безначајни книги. Насоката илустрација на Академиајта може да биде движечка сила на некои добри насоки во илустрацијата, ама тоа не е доволно, бројни млади илустратори и по студиите би требало да добијат можност да се реализираат. Не само преку книгите, за добрите илустратори има работа насекаде околу нас.

Свјетлан Јунаковиќ (фото: МУО Загреб)
Илустрацијата е организирана преку две студиски програми кои се задолжителни за сите студенти на Графички дизајн. До пред неколку години тоа беа и изборни предмети за сите студенти на загрепскиот Универзитет, но поради големиот број студенти, се откажав од тоа. После втора година на студии, студентите по графика можат да бираат „класа“ (работа со ментор, речиси индивидуална настава) на применета графика што јас ја водат, така што илустрацијатата е многу присутна. Има многу студенти кои на дипломските студии работат илустрација, а имав и една колешка која докторираше на таа тема.
Некои студенти по завршувањрто на Академијата направија многу добри илустраторски кариери, сфаќајќи колку всушност илустрацијата е присутна во најразлични медиуми. Имав и студентка (Венди Верниќ), која пед неколку годима е наградена на најважниот саем на детската книга во Болоња, како најдобра млада илустраторка до 35 години, што ѝ донесе интересни книги за илустрирање, бројни изложби и контакти, а меѓу другото, беше и гостинка на „Литера“ во Скопје.

Илустрации на Јунаковиќ на сликовници и книги на повеќе јазици
Веруваме дека Вашето искуство и знаење можат да ни помогнат да ја подобриме и состојбата кај нас. На што најмногу треба да се обрне внимание?
– Нешто на што би се фокусирал да ги пренесам моите искуства и знаење е содржината, а помалку како да се спакува таа иста содржина: при тоа мислам на квалитетот на илустрацијата, на квалитетот на сликарско-графичките вештини, на креирање приказни и на начини на интерпретирање на одредени текстови и теми. На релативно малите пазари многу е тешко да се очекува големи продажби, големи издавачки потфати. Илустрираните книги (особено тие за деца) затоа се идеален производ за продажба во другите земји! Преводите не бараат многу работа, ликовниот јазик е универзален во целиот свет. Еден од моите најзначајни издавачи Bohem Press од Цирих секогаш ми зборувал, да продавав книги само во Швајцарија, одамна би пропаднал! За да се подигне квалитетот на книгите, неопходно е да се отвори пазарот во сопствената средина и така да ја донесе најдобрата конкуренција. Тоа е огромен поттик за младите, талентирани генерации што доаѓаат.

Колку е важно каква илустрација им нудиме на децата? Ако знаеме дека визуелизацијата е многу важна и лесно ја памтиме, дали сте задоволен како тоа изгледа на Вашиот пазар, на пример?
– Илустрацијата е присутна секаде околу нас, на нашите телефони, таблети, компјутери, телевизори, во театар, во рекламеите што не следат насекаде. Се разбира дека добрата сликовница има своја едукативна функција, може да послужи како пропусница за прва посета на музеј или галерија, за подобро разбирање на светот и односите меѓу луѓето. Децата што растат со одлични сликовници во поголемиот дел од својот живот ќе имаат поквалитетен избор на животниот простор (архитектура), храна, превоз и воопшто, начин на живот. Ќе бидат побогати за тоа што го нуди уметноста: разбирање, љубопитност, уживање во убавото, развивање емоции, поквалитетно согледување на светот во нас и околу нас. Не сум задоволен колку на тоа поле се работи во Хрватска, тоа би требало да биде организирано, масовно и квалитетно пристапување кон децата преку книгата.

Свјетлан Јунаковиќ (фото: Ромео Ибрашевиќ)
Сметате ли дека треба да ја подобриме соработката помеѓу земјите и уметниците од регионот?
– Секако! И не само соработката помеѓу земјите од поранешна Југославија, но и соработка и разбирање и со Европа пошироко.
Кои штандови најмногу ве одушевуваат кога одите на големи саеми за книга?
– Кога во почетокот на деведесетите почнав да одам на големи саеми, сè ште имаше многу разлики во типот на книгите и илустрациите што се нудеа… веднаш можевте да препознаете француски, англиски или руски штанд. Денес шетате на саеми и гледае многу слични проекти на речиси сите штандови. Тоа е резултат на одличното информирање преку интернет и увидот во сите водечки трендови во илустрацијата и обликувањето на книгите. Ризикот дека ќе работите многу слично со други колеги исчезнува кога ќе се свртите кон себе самиот, своите теми, својот начин на поглед на свет. За тоа помага и работата на други медиуми и така се губи можноста за често повторување на истите цртачки начини или маниризам.

Има ли културата добра поддршка од државата кај вас? Како пандемијата влијаеше на тоа?
– Мислам дека никогаш нема да најдете уметник кој на ова прашање би ви одговорил позитивно. Секогаш може подобро и повеќе. Бев слободен уметник повеќе од 27 години, но никогаш ништо не сум барал, зашто секогаш работев за странски пазар, главно со приватни издавачи и галерии. Така ми беше наједноставно. Сега сум редовен професор на универзитет, па не учествував во програмите во кои Министерството за култура им помага на уметниците во време на пандемија. Знам дека програми за помош постојат и дека некои мои поранешни студенти со таа помош се многу задоволни. Хрватска ја организираше поддршката на повеќе нивоа и мислам дека тоа е многу добро!





