Големата предност на малите универзитети: Втор уписен рок на УИНТ „Св. Апостол Павле“

Среќен сум што студирам во средина каде што се слуша и почитува нашиот глас. Универзитетот е на добар пат и верувам дека оттука ќе произлезат кадри што ќе бидат активни чинители во општеството, вели Бенјамин Аџиовски

Незаменлив и пријателски однос на професорите со студентите. Секој секого познава и по лик и по име. Ова е предноста на малите универзитети што тешко може да се постигне со неколку стотици студенти, вели Гафур Цаноски, постдипломец на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Вториот уписен рок за бруцоши на УИНТ е во понеделник и вторник (19 и 20 септември). Со неколкумина студенти на универзитетот разговаравме за можностите за студирање, академската слобода и за студентските размени во рамките на образовната програма Ерзамус+.

Фото: УИНТ

Бенјамин Аџиовски во октомври ќе биде четврта година на Факултетот за комјутерски науки и инженерство на УИНТ. Во изминатата академска година тој беше претставник во Универзитетскиот Сенат со мандат од една година. Тој вели дека на универзитетот има различни тела во кои членуваат многу студенти.
– Задоволен сум од односот на професорите, навистина гласот на студентите е на исто ниво со гласот на професорите. Сите проблеми се решаваат низ разговор. Одлуките се донесуваа со мнозински број на гласови, се почитува мислењето на другиот, се дава шанса на перспективните идеи и предлози – вели Аџиовски.

Според него, сиве овие искуства се многу важни за градењето на интегритетот на еден млад човек.
– Среќен сум што студирам во средина каде што се слуша и почитува нашиот глас. Универзитетот е на добар пат и верувам дека оттука ќе произлезат кадри што ќе бидат активни чинители во општеството – вели Аџиовски.
Тој засега нема план што ќе работи по дипломирањето, дали ќе остане во земјава или ќе замине во странство. Вели дека прашањето е отворено, бидејќи неговата професија нуди многу можности.

Елена Симоноска

Елена Симоноска наскоро ќе дипломира на Факултетот за комјутерски науки и инженерство. Таа лани беше претседателка на Факултетското студентско собрание, исто така со мандат од една година. Вели дека често одржувале состаноци самите студенти, но често имале и средби со службите од факултетот.
– Ни излегуваа во пресрет за сè. Во Скопје учествувавме на интеруниверзитетската конференција на која имаше претставници од сите универзитети во земјава. Беше навистина интересно да се чуе како функционираат другите – вели Симоноска.

Најголемите предизвици со кои се соочиле лани биле поттикнати од пандемијата, односно од новиот начин на кој се одвивала наставата.
– Немаше можност од целосна реализација со физичко присуство, па применивме хибриден модел – дел онлајн, дел со физичко присуство. Но, за сè се договаравме со професорите и навистина добро функциониравме. Имаме претставници во сите тела и во Универзитетскиот Сенат и колегата навистина одлично се снајде на таа позиција – вели Симоноска.

Иако не била на некоја од програмите за размена на студенти во рамките на Еразмус+, нејзини блиски колеги биле во Словенија и Романија и се вратиле со одлични искуства.
– Кај нас пак дојдоа студенти од Азербејџан. Ова е навистина добар начин за размена на искуства и за дружење со студенти од други земји – вели таа.

Гафур Цаноски

Гафур Цаноски ќе биде претставник на студентите во Ректорската Управа во наредната академска година. Во моментот тој е на втор циклус на студии. Во наредната година од него се очекува да присуствува на седниците на Ректорската Управа еднаш месечно и да се обиде да влијае на прашањата кои ги засегаат студентите.
– За разлика од останатите тела, тука нивото е значително повисоко и се дискутира на поинаква проблематика, се решаваат круцијални прашања за универзитетот – вели Цаноски.

Според него, „Св. Апостол Павле“ е помал универзитет за разлика од останатите во Македонија. Но, во ова ја гледа предноста.
– На нашиот универзитет има прекрасна енергија. Односот на студент со професор или асистент е навистина нешто посебно, функционираме како семејство. Оваа комуникација би ја издвоил како една од најдобрите работи, пример како еден универзитет треба да функционира. Често се случува студентите со професорите да неформално да седнат во некое од кафулињата низ Охрид. Оваа комуникација за мене е непроценлива – вели Цаноски.

Фото: УИНТ

Теодора Чоневска наскоро ќе дипломира на Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност. Таа лани беше претседателка на Факултетското собрание. Поради пандемијата од ковид-19, најголем дел од студиите ги поминала онлајн. Поголеми проблеми немале, освен со распоредот за наставната програма што за кратко време го решиле.
– Навистина немавме никаков проблем. И кога ќе се појави некоја препрека, сите одлично комуницираат и за кусо време се надминува. Короната спречи многу работи, инаку во минатото се организирале проекции на филмови, екскурзии, факултативни посетни на Куќата на Робевци на пример, се организирале друштвени игри и многу активности од различен карактер – вели Чоневска.

На прашањето што би им препорачала на студентите што сè уште не одлучиле каде да студираат таа вели:
– Не е лесно, но ќе имате одлични услови за студирање, прекрасен однос со професорите и асистените. Што е најважно, ќе имате пишување код, практична настава, ќе научите да работите уште додека студирате.

УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид годинава ќе прими вкупно 440 студенти. Од нив 80 може да се запишат на Компјутерски науки и инженерство, распоредени според квотите и избраните години за студирање. На Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност може да се пријават најмногу 80 студенти. На Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика се предвидени места за 120 студенти, а по 80 ќе може да се запишат на Факултетот за информатички системи, визуелизација, дигитална мултимедијална и анимациска техника и на Факултетот за информатички и комуникациски науки. Повеќе информации на линкот.

Сподели