Универзитетот „Св. Апостол Павле“ е мултикултурна средина за студирање за младите – имаме домашни, а и студенти од цел свет, европските земји, Медитранот, САД, азиските земји, Африка итн., кои учат и функционираат заедно, работејќи тимски

Проф. д-р Устијана Речкоска-Шикоска е проректорка на Универзитетот за информатички науки и технологии УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Таа е редовен професор во ИКТ областите компјутерско инженерство, информациони системи и мрежи. Со неа разговараме за развојот на овој релативно млад, но успешен универзитет, за новите програми што ги подготвуваат за новата академска година, но и што е тоа што ги привлекува и студентите од странство да доаѓаат да студираат во Охрид.

Каква приказна е УИНТ во Охрид? Дали сте задоволни од тоа како се развива?

-„Св. Апостол Павле“ е државен универзитет кој постои од 2009 година и е единствен од ваков тип во земјата, па и регионот. Тој е специјализиран универзитет за информатички науки и технологии, застапени се модерни информатичко-комуникациски технологии на петте факултети кои егзистираат и тоа: Факултет за компјутерски науки и инженерство; Факултет за комуникациски мрежи и безбедност; Факултет за информациски системи, визуелизација, мултимедија и анимација; Факултет за информатички и комуникациски науки; Факултет за применети ИТ, машинско учење и роботика. Наставата се изведува на англиски јазик.

Проф. д-р Устијана Речкоска-Шикоска

Застапеноста на домашни и странски студенти, домашен кадар со богато меѓународно искуство, како и интернационален реномиран кадар, го прават УИНТ интересна и напредна средина за студирање, секако и прекрасната локација во градот Охрид, градот каде е формиран и најстариот Свети Климентов универзитет во Европа.

Иако релативно млад универзитет, УИНТ станува сè поинтересно и попривлечно место каде младите ја пронаоѓаат својата цел да студираат модерни ИКТ науки, на уникатен начин, а со завршувањето на студиите на УИНТ се стекнуваат со меѓународно признати дипломи, како дипломирани инженери од областите на ИКТ науките, во зависнот од тоа на кој факултет од петте се определиле да студираат. Секако нудиме и атрактивни едногодишни и двегодишни студиски програми на постдипломските студии, како и докторски студии.

УИНТ има богата соработка со сите универзитети во нашата држава, регионот и светот. Нашите студенти по дипломирањето се успешни приказни по целиот свет, каде и да имаат желба да го продолжат својот понатамошен професионален живот, вработени во најуспешни светски компании (Google на пр.), покажувајќи исклучителни резултати. Тие се нашите најголеми амбасадори. Имаме исклучителна меѓународна соработка со реализирани меморандуми за соработка со над 76 земји, што отсликува интересна приказна на национално, но и на меѓународно ниво.

Дали подготвувате нови студиски програми за новата академска година?

– Секако, како и цел период од самото постоење на универзитетот, така и сега подготвуваме интересни и нови студиски програми во рамките на факултетите на универзитетот, кои ги пратат светските трендови од ИКТ областите, а во тесна врска со она што се бара на пазарот на трудот. Нашите дипломци, магистранти се оние кои насекаде се ангажирани уште за време на студирањето да работат во најуспешните домашни и светски ИТ компании и институции, универзитети.

Кои факултети се најинтересни за студентите?

– Секој од петте факултети и интересните студиски програми се мотивирачки за нашите студенти – дали тоа е ќе бидат Компјутерските науки и инжинерство, или Безбедност на мрежи, можеби Визуелизација и анимација, или пак Роботика, па и Бизнис интелегенција, како и Е-Влада. Во студиските програми се имплементирани и интерсните програми за Е-влада, како и изработка на Дигитални решенија во повеќе интересни области, како што се економијата, правото, здравството, туризмот. Функционира и Центар за дигитални уметности. Во сите студиски програми има голема застапеност на практична работа со бројни ИТ-компании со кои имаме успешни долгогодишни соработки во земјата и светот.

Каква придобивка е што универзитетот прима и странски студенти? Охрид сигурно е привлечна дестинација за нив.

– Универзитетот „Св. Апостол Павле“ е привлечна, мултикултурна средина за студирање за младите – имаме домашни, а и студенти од цел свет, европските земји, Медитранот, САД, азиските земји, Африка итн., кои учат и функционираат заедно, работејќи тимски. Ги изучуваат најмодерните ИКТ трендови, насекаде низ светот се успешна приказна. Успешни во тимската работа, на која секогаш посветуваме големо внимание. Во близина на универзитетот, кој инаку е лоциран во центарот на Охрид, се наоѓа и Студентскиот дом, кој нуди сместување и храна за студентите, со поглед на прекрасното Охридско Езеро, со солидни услови, што е и добар мотив за студентите од другите градови на државата, а и светот.

Се прилагоди ли универзитетот лесно за онлајн-студирањето во изминатите речиси две години?

– За нас онлајн-наставата и не беше нешто ново – уште од 2011 година се изведуваше првиот курс на далечина од областа на сајбер-безбедноста во рамките на интернационален практикум со Универзитет во Норвич, Вермонт, САД, како единствен не само во државата, туку и во регионот во тоа време. И до ден денес имаме успешни онлајн соработки, настава, проекти итн. на пример со Државниот универзитет во Флорида, САД, универзитети и институции со земји буквално од целиот свет, така што воопшто не претставуваше проблем онлајн-учењето ни за нашите студенти, ни за нашиот кадар.

Неодамна престојувавте во Флорида, САД. Кои беа Вашите активности таму?

– Ми беше чест, задоволство и предизвик да бидам визитинг професор на Државниот универзитет во Флорида (Florida State University FSU, Tallahassee, Florida) изминатиот семестар. На eдно од поканетите предавања зборував на тема My Science – My life, My story – Big Data, Internet of Things (IoT) analytics, IoT Security, Cloud of Things како глобален тренд во изнаоѓање паметни и безбедни решенија со примена на информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) во денешницата, кои секако ќе помогнат во секојдневниот живот на луѓето, особено после пандемијата која за жал го затекна светот, па треба да „рестартираме“ повеќе важни стопански гранки.

Наставата ја изведуваме онлајн, што и не е така чудно за нас, со оглед на тоа што имаме позитивни долгогодишни искуства, јас лично, како што споменав, но и како Универзитет – изведував учење на далечина со наши и студенти од САД уште 2010-2011 учебна година, со навистина одлични резултати и од двете страни. Сега веќе започнуваме со делумно активирање на некои испити со физичко присуство, но повторно можност за онлајн вклучување. Знаете, денешните наши студенти се посветени, вредни, интелигентни и искрени, инженерски ориентирани, млади кадри, со кои успешно изведуваме онлајн-настава, предавања, вежби, одбрани на дипломски, магистерски работи, полагања на колоквиуми, испити, истражувачки проекти, онлајн квизови, секако сме многу поангажирани и наставниот кадар и администрацијата, но мислам дека сме навистина успешна приказна и во овие услови, за што говорат наши бројни студенти кои со стекнатите дипломи, знаења, едуцирање, па и воспитување секако се многу успешни дома, но и во светски рамки, во реномирани светски универзитети и ИКТ компании, универзитети, банки, итн.

Еден посебен дел од Вашите ангажмани е Offensive Security. Колку е ова атрактивно кај нас и дали се обидувате младите да ги вмрежите и соработувате со други сродни универзитети глобално?

– Секако, Offensive Security, Digital Forensics,  се неизмерни извори на ИКТ предизвици за истражувачка работа, но и за работа со моите драги студенти, со кои, покрај бројните информатички науки и технологии кои ги обработуваме и применуваме, работејќи на алгоритми и податочни структури, интернет програмирање, Cloud, Edge & Fog Computing, работиме со особен интерес и во овие области од безбедност на мрежи, како на прв, така и на втор циклус студии, соработуваме со повеќе сродни универзитети од САД, Канада, Англија, Австралија, Јапонија, европски земји, како и од регионот. Веќе 9 години сум назначена за Координатор за Cyber Security во регионот (прв и единствен од овој тип во тоа време) за Универзитет во Вермонт, САД, што ми дава особен предизвик да продолжам посветено и со голем ентузијазам да работам со моите драги студенти и колеги и во двете земји, а и низ светот.

Со оглед на тоа дека имате студенти од различни земји, како се вклопуваат според вас различните менталитети, култури, обичаи во однос на наставата која ја водите и изведувате?

– Имаме навистина прекрасни искуства – студентите од целиот свет поминале низ нашите предавања, вежби, работа на проекти, одбрани на тези, па и публикување на истражувања – предизвикот е голем – ние сме една голема фамилија, каде секој го прифаќа и почитува другиот без разлика од каде доаѓа. Многу пати сум се наоѓала во улога на „мајка“ да помогнам на студенти дури и во тешки ситуации, во отсуство на нивните родители, што сум го правела со голема одговорност, но и задоволство. Наставата е комплетно изведувана на англиски јазик, од навистина солиден наставен, а и административен кадар – модерни сме. Целиот тим на универзитетот е исклучително посветен, работиме со голем ентузијазам и желба да одиме напред, веќе 12 години, што не е период за занемарување, релативно млад и не така голем универзитет како што се вели понекогаш за нас – но секако единствен од ваков тип, не само во земјата, туку и во регионот.

Што Ви претставува поголем предизвик – да работите со студентите или да бидете проректор?

– Мојата професија учител ми е најдрагото од сè, уживам во својата професија, ги сакам студентите искрено, со нивните целокупни знаења, карактерни особини, потреби и имам разбирање за нивните чувства и ставови на млади луѓе, веќе интелектуалци на свој начин – пред сè треба да имаме педагошка компонента во нас како професори, па потоа и едукативна, со што успешно се постигнува целта да произведете прекрасни млади професионалци препознаени дома и низ светот – соработувам со сите мои минати и сегашни студенти, без разлика каде се наоѓаат во моментот и тоа ми дава желба за напред. Како проректор работам посветено и пожртвувано за мојот универзитет, со цел да одиме напред заедно со целиот тим на УИНТ, секако дека чувствувам задоволство со академските функции, но повторно поради потребата да помогнам на студентите – тие се мојот мотив и живот!

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.