„Првите кралеви на Европа“ со антиквитети од Македонија на изложба во Северна Америка

Изложбата ќе трае две години, а на неа се застапени стотици артефакти од 23 балкански музеи

Археолошки предмети од неолитот, енеолитот и од железното време пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци ќе бидат дел од големата балканска изложба „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europe) која две години ќе биде поставена во неколку музеи во САД и во Канада. Изложбата ќе биде отворена 21 септември на Институтот за древни студии во Њујорк. Поставката ќе биде составена од стотици други артефакти од 23 балкански музеи, ќе го прикажат постепениот општествен развој на предисториските заедници на овие простори. Изложбата е резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, Музејот од Гевгелија и Заводот и музеј – Прилеп. Национален координатор на изложбата е Гоце Наумов.

Фото: Адам Ваго

– За првпат македонски археолошки предмети ќе бидат изложени во Северна Америка. Тие ќе претстават врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми карактеристични за разни етапи на предисторијата. Овие предмети, заедно со уште стотици други артефакти од 23 балкански музеи, ќе го прикажат постепениот општествен развој на предисториските заедници кои од егалитарните племенски организации во неолитот постепено се трансформираат во првите европски кралства во железното време на Балканот – вели Наумов.

Изложбата ја организира Филдовиот музеј каде ќе биде поставена во 2023 година и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (2024 година).

– Оваа досега најголема изложба на балканската предисторија во светот се очекува да ја видат околу еден милион посетители и ќе им овозможи на многумина да се запознаат со некои од најрепрезентативните артефакти од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време на Балканот – вели Наумов.

Изложбата е проследена со зборник што го уредија Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон, а го објави престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.

Сподели