Во новата учебна година во Математичко-информатичката гимназија се запишале 32 ученици на македонски наставен јазик и 29 ученици кои ќе ја случаат наставата на албански јазик, вели директорката Јулија Гајдаџиева
Шеесетина ученици, талентирани за математика и пририодни науки денеска ја почнуваат наставата во прва година во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје. Меѓу нив е и Дамјан Давков, основецот од Штип кој веќе неколку години постигнува фантастични резултати во математиката, а лани освои сребрен медал и стана најмладиот медалист од Европа во историјата на Интернационалната олимпијада по математика. Третата генерација ученици, заедно со претходните две и годинава ќе учат во објектот на средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ во скопската наслеба Карпош. Со директорката на школото д-р Јулија Гајдаџиева разговараме за изминатите години, за досегашните резултати, за предизвиците.
Во новата учебна година во МИГ се запишале 32 ученици на македонски наставен јазик и 29 ученици кои ќе ја случаат наставата на албански јазик. Сите ученици полагаа приемен испит на почетокот на јуни, пред да почнат уписите во останатите средни училишта во земјава.

Јулија Гајдаџиева
– Освен одличен успех од основното училиште, услов да се запишат во гимназијата е да ги положат приемните испити по математика и физика. Станува збор за селектирани талентирани ученици по природните науки. Тоа се потврди и во изминатите две години, во МИГ се запишаа ученици кои имаат освојувано медали на меѓународни олимпијади и државни натпревари – вели Гајдаџиева.
Просторно-технички ограничувања
Секоја година сè поголем е интересот за упис во гимназијата. Според Гајдаџиева, интересот би бил уште поголем кога би имале свој простор, подобри услови за дружење и соработка, опремени кабинети.
– Во моментот гимназијата се наоѓа во училиштето „Здравко Цветковски“, па просторно и технички сме доста ограничени. Успехот на учениците би бил поголем кога би имале свој простор. Сепак, и во овие услови во изминатите две години учениците на МИГ го оправдаа епитетот дека во гимназијата се образуваат талентирани ученици по математика, информатика и физика, освојувајќи медали на меѓународни олимпијади и државни натпревари, како по стручните предмети така и по општообразовните – вели Гајдаџиева.
Според неа, иако МИГ постои релативно кратко време, учениците имаат постигнато бројни успеси. Во фокусот на гимназијата се природно-научните предмети, но учениците постигнуваат резултати и во спорт. Меѓу нив се Деа Хоџа, дел од македонската кошаркарска репрезентација за девојки под 16 години кои во Тбилиси, Грузија освоиле прво место, тука се и Димитар Данев, Огнен Симовски и Сара Тошевска кои постигнале добри спортски резултати во земјава и во странство.

– Наши ученици нè претставуваат на општински, регионални и државни натпревари по математика, физика, хемија, програмирање, информатика и англиски јазик. Ивона Зикова и Емилија Николовска учествуваа Европската женска математичка олимпијада. Емилија учествуваше и на Меѓународната Блаканска олимпијада по физика, Европска олимпијада по физика, Европската женска математичка олимпијада и други натпревари каде освојува медали. Таа беше дел од тимот што се подговуваше за олимпијадите по хемија – објаснува Гајдаџиева.
Тимови од МИГ освоиле многу награди и на државните натпревари, а една од нив е државниот натпревар и учеството на Македонската олимпијада по информатика на кои учествувале Емилија Николовска, Марко Стефаниов, Софија Велкова, Јована Трифуновска, Сара Тошевска, Јован Михов, Бојан Дамјановски и Давид Каранфилов. Убави резултати постигнале и на натпреварите по програмирање каде посебно се истакнле учениците Алек Панчевски и Славо Протогеров. Кристијан Стојмановски и Стефан Наумовски пак учествиувале на државниот натпревар по англиски јазик што ги организира ЕЛТАМ.
Горда сум на моите ученици
Во просториите на гимназијата кон крајот на минатата година здружението „Споделено знаење“ кое се занимава со умножување на статиите на Википедија на македонски јазик била одржана обука и уредувачки настан на тема „Википедија: Вештини за користење на вики-алатката за превод и изворно уредување“. Според Гајдаџиева, позитивните успеси на учениците на натпреварите се должат на посветеноста, на дисциплинираната и континуирана работа на менторите со учениците и взаемната соработка. Учениците се активни и во областа на филозофијата и социологијата.

МИГ засега не функционира како стандрадните средни училишта во Македонија.
– Во гимназијата се ангажирани посветени и докажани професори како по стручните така и по општообразовните предмети, кои несебично го пренесуваат своето знаење на учениците. Иако програмата во гимназијата по стручните предмети е на високо ниво сепак учениците мора да се носат и со овој предизвик. Учебници нема, затоа што оваа програма е посебно изготвена само за МИГ од страна на Бирото за равој на образованието и Министерството за образование и наука – вели Гајадџиева.
Таа се надева дека и во иднина фокусот на учениците ќе продолжи да опфаќа поголеми цели и ќе постигнуваат одлиќни резултати. Како благодарност за нивниот труд претходната и оваа година, учениците заедно со свидетелствата добиле и дипломи.
– Јас навистина сум горда на моите ученици. Тие се нашите идни инженери, програмери, научници и затоа во такви таленти треба да вложуваме да им овозможиме услови за развој и надградување. Учениците што ќе завршат во МИГ, поради програмата што ја изучуваат ќе имаат предност при упис на било кој факултет во нашата земја, но и надвор од државата. Тие се нашите амбасадори – вели Гајдаџиева.





