Џулиен Мур, Катрин Денев, White Noise… овации на отворањето на фестивалот во Венеција

Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска денеска ќе ги има првите проекции за светската критика и за публиката во Венеција, во 19.30 и во 22 часот. Официјалната премиера на филмот ќе биде утре во киното „Драсена“ со почеток во 14.15  часот

Пишува: Сребра Ѓорѓијевска, наш специјален известувач од Венеција

Најстариот филмски фестивал во светот во Венеција вчера ги крена своите завеси, ги отвори своите врати, ги распосла црвените теписи за филмските ѕвезди. Млади филмофили, студенти, светски ѕвезди, продуценти што бараат начин да ги продадат своите филмови, филмски критичари – секој со своја приказна се упатил кон островот Лидо, каде ве пречекува беспрекорна организација.

Филмот White Noise („Бела врева“) на Ноа Баумбах со Адам Драјвер во главната улога го отвори фестивалот во големата сала на фестивалот. Американскиот актер привлече големо внимание кај публиката, а заедно со Баумбах му се вратија на фестивалот во Венеција по 2019 година, кога заедно со Скарлет Јохансон беа номинирани за филмот „Брачна приказна“. Филмската екипа во која беше дел и актерката Грета Гервиг, беше поздравена со стоечки овации.

Адам Драјвер

Славната француска актерка Катрин Денев ја прими наградата „Златен лав“ за кариера. Со стоечки овации ја поздрави публиката во големата сала на фестивалот, а таа емотивно изјави:
– Јас сум горда и благодарна што ја добив оваа награда. Венеција многу ми значи во мојата кариера. Овде беше прикажн мојот прв филм воопшто.

Катрин Денев

На прес-конференцијата дента таа го носеше беџ со знамето на Украина. На отворањето на фестивалот со видеопорака се обрати украинскиот претседател Володомир Зелински. Тој рече дека „руската инвазија врз неговата држава не е  хорор што трае 120 минути, но војна што трае 189 дена“.

Ѕвезда на 79. Венециски фестивал дефинитивно е Џулиен Мур, претседателка на жирито на главната програма.
– Тажно е кога се гледа филм дома, среќна сум што се вративме во киносалите – рече Мур.

Росио Муњоз

Богатата италијанска кинематографија има многу љубители меѓу младите. Тоа можеше да се види и по нивните реакции и како си ги пречекуваа своите актери. Секој голем фестивал, каков што е овој во Венеција на пиедестал ја става домашната кинематографија и и отстапува простор во поважните програми. На вечерта на отворањето, во програмата „Хоризонти“ беше прикажан италијанскиот филм „Принцеза“.

Најголеми филмови најавени и со билборди и со медиумски простор се: „Бардо“ на Алехандро Ињариту, „Коски и се“ на Лука Гвадањино, „Китот“ на Дарен Аронофски. За денеска на програмата е премиерата на филмот „Тар“ на Тод Филд, со Кејт Бланшет во главната улога.

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска денеска ќе ги има првите проекции за светската критика и за публиката во Венеција, во 19.30 и во 22 часот. Официјалната премиера на филмот ќе биде утре во киното „Драсена“ со почеток во 14.15  часот. По повеќе од две децении Македонија може да се пофали со мнозински македонски филм во една од натпреварувачките програми на големиот фестивал од А категорија. „Најсреќниот човек на светот“ е копродукција заедно со Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Сподели