Владимир Ангелов: Летното кино е полн погодок, ја исполнуваме празнината што ја создаде пандемијата

Мислам дека е дојдено времето, а и имаме капацитет да почнеме да дигитализираме самите, во Кинотеката. За реставрацијата ќе мора да „повикаме пријател“, но да почнеме прво со дигитализацијата – вели Владимир Ангелов, директор на Кинотеката

Неодамна италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри му го врачи одликувањето Витешки ред Ѕвезда на Италија. Одликувањето го доделува италијанскиот претседател Серџо Матарела, по препорака на министерот за надворешни работи на Италија, за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура, во случајов, кинематографија во Македонија. Владимир Ангелов четири години е првиот човек на Кинотеката на Македонија, а повеќе од 25 години работи во оваа институција, единствена од ваков тип кај нас. Минатата недела италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри на отворањето на „Неделата на италијанскиот филм“ во Кинотеката му го врачи одликувањето.

Ви значи ли ова признание, особено што доаѓа од странска држава?

– Секако дека многу ми значи. Ми значи секое признание. Не мислам само на признанија како што е ова одликување од странска држава, а знаеме дека државните одликувања не се даваат тукутака. Под признанија мислам на сето она што значи препознавање на мојот ангажман во културата, заштитата, а зошто да не кажам и забавата. Тоа придонесе и за моето назначување за директор на Кинотеката, но и за член на повеќе жирија на домашните филмски фестивали, за селектор на програмата Европски перспективи на ИФФК Браќа Манаки…

Владимир Ангелов

Па и кога ќе ме прашаат за мислење за некој филм или кога некој автор ќе побара мое мислење за некое филмско сценарио, за завршен филм, за филм што е во процес на изработка, сето тоа го сфаќам како признание за мојата работа. И да се вратам на одликувањето… Навистина годи, и на приватен и на професионален план. Пораснат сум и живеам во маало со голема театарска и филмска култура. Во моја непосредна близина се Драмскиот театар и Факултетот за драмски уметности. Луѓето, „маалските“, се идентификуваат со овие институции и многумина го избраа филмот и театарот за своја професија. Јас сè уште сум дел од она што остана како маалски живот и во моето маало бев дочекан како првиот маалски витез.

Кинотеката меѓу првите ги отвора своите дворови за публика и од лани ја продолжува мисијата да биде место за филмофилите. Подготвени ли сте за нова сезона на отворено?

– Веќе ја започнавме втората сезоната на отворено и ќе продолжиме додека имаме услови за тоа. И без пандемијата ќе почневме со проекции на отворено. Пандемијата само малку ни ги искомплицира плановите за отворање на оваа „летна сцена“ или летно кино. Секоја година по малку ќе создаваме сè подобри услови. Уште следната недела треба да пристигнат 15-тина лежалки, правиме модуларни сцени… Летното кино си има своја душа и убавина и многу ми е мило што наиде на убав одговор кај публиката.

Ова е една од ретките институции што се прилагодија на работа на отворено. Какво искуство беше летната сцена минатата година?

– Летното кино лани беше полн погодок. Мислам дека исполнивме една празнина што ни се наметна во онаа изолација и самоизолација. Инаку не е лесно да се излезе од зоната на комфорот. Најдобро ни е да си пуштаме филмови во киносала. Сè е наместено, публиката влегува и се пушта филмот. На отворено е комплицирано, па дури и тоа да во твојот двор. Врне, не врне, дува, не дува, прскано, не прскано против комарци, вади ги столиците, враќај ги назад, чекај да се стемни за да може да почне проекцијата, после секоја проекција се собира аудиото… Но, уште нè држи ентузијазмот.

Што да се очекува во наредниот период во однос на програмскиот дел?

– Континуирано ќе презентираме врвни кинематографски достигнувања, стари и нови. Во тек е Филозофскиот филмски фестивал и многу ми е мило што се отвори со еден филмски класик – „Толпа“ на Кинг Видор – филм од историските читанки. Миксот на старо и ново веќе се применува и на големите фестивали и мислам дека тоа е одличен рецепт. Продолжуваме со јапонската кинематографија, ретроспектива на Тарковски (во соработка со ФФФ), следи и ретроспектива на еден од најголемите светски режисери од немиот период – Украинецот Александар Довженко, нè чека Недела на германски филм, Скопје филм фестивал, соработка со традиционалното, би рекол легендарно, кафе-кино на Скопско лето, сакаме да иницираме еден нов филмски фестивал со нов концепт, сакаме да прикажеме повеќе рокументарци од времето на СФРЈ (Новиот бран – 40 години отпосле, Панкрти, Булдожер и Лајбах и уште некои рокументарци – чекаме и да видиме кои гости ќе дојдат за овој циклус), започнуваме соработка со „Кроација рекордс“ и ќе прикажуваме концерти, планираме соработка со Фестивалот на Југоисточна Европа, со Белдокс…
Промоциите на реставрираните филмови „Мирно лето“ и „Фросина“ во јуни ни се многу значајни затоа што се дел од една поширока европска иницијатива наречена Сезона на филмски класици. И уште многу други филмови и соработки…

На какви проекти е фокусирана Кинотеката периодов? Дали се работи можеби дигитализација на одредено творештво?

– Имаме други планови во врска со дигитализацијата која што досега ја извршувавме во странство. Мислам дека е дојдено времето, а и имаме капацитет да почнеме да дигитализираме самите, во Кинотеката. За реставрацијата ќе мора да „повикаме пријател“, но да почнеме прво со дигитализацијата.

Насловна фотографија: Арбнора Мехмети (Слободен печат)

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели