Законот предвидува награда за наставниците од средните училишта, но не и за менторите што се вработени на високообразовните институции и ги спремаат средношколците за престижната Меѓународна олимпијада
Универзитетските професори што ги подготвуваат средношколците за Меѓународната олимпијада по хемија IChO планираат да се откажат од менторирање на учениците со кои во последните пет години редовно освојуваат медали под знамето на Македонија. Понижувачкиот однос, затворените врати во Министерството за образование и наука на кои наидуваат со години, Законот за средно образование кој не им ја овозможува ниту скромната парична награда се само дел од причините за овој чекор, велат од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ), здружение акредитирано за организирање на учеството на македонскиот тим на престижниот натпревар. Проблемот е во тоа што законот предвидува награда за наставниците од средните училишта, но не и за менторите што се вработени на високообразовните институции.

Проф. д-р Миха Буклески, на една од олимпијадите
Борбата е започната од 2015 година кога СХТМ ја презема организацијата за составување и подготовка на тим за учество на најреномираната олимпијада по хемија (International Chemistry Olympiad – IchO), вели д-р Миха Буклески, префесор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
– Тогаш за прв пат на транспарентен начин беше составен тимот за учество на IChO. Првите две години од МОН ја преземаа одговорноста за обезбедување спонзорство за покривање на трошоците поврзани со патот и котизацијата. Но, од 2018 година почнаа сериозните проблеми. Со големи напори и мака успеваме да обезбедиме спонзорства за да може да учествуваме на оваа олимпијада – објаснува Буклески.
Вели дека многу пати се обиделе да стапат во контакт со претходниот министер за образование, Арбер Адеми, но безуспешно. Надежта се разбудила со доаѓањето на новата министерка.
– Но, повторно немавме успех. По неколкуте телефонски јавувања во кабинетот на министерката и пораки испратени преку електронска пошта (по упатство на секретарката), се откажавме. Фрустрирачки е кога достоинствено се обидувате да стапите во контакт со надлежното министерство, а тоа не вродува со плод – вели Буклески.
Подготовките за IChO-2021 се во полн ек. Според Буклески, и овој пат учениците го добиваат највисокиот квалитет во однос на подготовката. Осум универзитетски професори од Институтот за хемија работат со 8 ученика кои беа избрани на квалификациониот натпревар. Секој од нив покрива различно подрачје од поблиската специјалност за да може на најсоодветен начин да им пренесе знаење.

Од подготовките на Институтот за хемија
– И сето ова се прави на доброволна основа, без финансиски надомест. На сето тоа, како организатори сме обврзани да обезбедиме средства за котизација. За наша „среќа“ оваа и претходната година, натпреварите се одржаа на далечина, па немавме патни трошоци, но трошоците за котизација останаа. Селекциониот натпревар се одржа на 25 мај и по сумирањето на сите досегашни резултати, ќе се состави тимот за учество на IChO – објаснува Буклески.
Седум години собрале искуство, полека се оспособувале, се подобрувале, го подигнувале квалитетот за да стигнат на ниво споредливо со нивото на многу европски земји.
– Со огромен труд, напор и работа, со над 400 испратени писмени барања и молби за спонзорства, успеавме да се избориме за првиот бронзен медал во 2018 година и со уште поголема работа, да го одржуваме тој успех. На крајот, кога наградите за сиот овој труд ќе отидат на погрешна адреса, разочарувањето е големо – објаснува Буклески.
Тој алудира на Законот за средно образование, односно на Член 24-б, став 3, според кој МОН на ученикот и на наставникот што го подготвувал за натпреварот поединечно им доделува парична награда од 50% од просечната нето-плата за освоено прво место, 40% за второ место и 30% за освоено трето место. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци. Врз основа на овој член МОН објавува јавен повик за да се пријават медалистите и нивните ментори за да ја добијат заслужената парична награда.
– Тука почнуваат проблемите на менторите. Оние вистинските, што три месеци ги подготвуваат учениците да постигнат врвни резултати, се оневозможени да си ја подигнат наградата. Оваа предност ја користат наставниците вработени во средните училишта. Според тоа, се подготвуваат измени во правилникот за организирање на подготовките. Размислуваме да ги препуштиме во рацете на оние за кои се наменети наградите, а СХТМ и понатаму би го организирал составувањето на тимот. Но, засега ова останува само како предлог, а Државната комисија за натпревари по хемија која е дел од СХТМ, ќе донесе конечна одлука како ќе постапи – вели Буклески.

Професорите-ментори Миха Буклески и Марина Стефова со учениците
МОН со години најавува дека оваа нелогичност ќе се смени со измените за ЗСО, како што беше случајот со новиот Закон за основно образование, донесен во јули 2019 година. Со измените се овозможи парична награда да им следува на ученикот-медалист, наставникот и менторот. Според Буклески, крутоста на институциите е најголемиот проблем.
– Слепото држење до правилници и прописи е она што нè повлекува надолу, создава апсурди и нè обесправува. Тоа е она што го уништува ентузијазмот и на крајот остава горчлив вкус. Секако дека треба да има правила и законски одредби според кои ќе се постапува, но кога се соочуваме со исклучоци, треба да имаме поинаков пристап. Затоа постојат комисии кои одлучуваат по однос на барања кои излегуваат од предвидените рамки и се „посебни“ или исклучителни ситуации. Законите и прописите ги креираме ние, па кога ќе увидиме дека тие создаваат апсурдни ситуации, треба да ги промениме или подобриме – дециден е тој.
Буклески се навраќа на случајот од минатата година кога освојувачот на бронзен медал на IChO-2020, кој заради неажурноста на надлежните и онеспособената интернет страница на МОН, остана без наградата која му следува.
– Инаку сега тој е меѓу најдобрите студенти на Факултетот за хемија и технологија во Љубљана. Ѝ подаруваме скапи „производи“ на западната економија. По сето ова, се чини дека погрешно упатените награди се полоши отколку воопшто да ги нема. Имено, без финансии за учество (пат и котизации), нема можност за постигнување успех, па тогаш и да ги има наградите, нема кому да се доделат. Едноставно и економично, зар не? – вели Буклески.
Фото: архива на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија





