Печатени учебници ќе има и за учениците од 4. и 5. одделение

Секој ученик ќе има можност да одбере да учи од печатен или од електронски учебник, односно од верзијата која цени дека ќе му обезбеди поголема ефективност во воспитно-образовниот процес, велат од МОН

Печатени учебници годинава ќе има и за учениците од 4. и од 5. одделение, покрај електронската верзија која ќе биде исто така достапна, велат од Министерството за образовани и наука за Умно.мк. Наставните програми за двете одделенија се според новата наставна програма за основно образование која почна да се спроведува лани во 1. и 4. одделение. Реформите продолжуваат годинава со нови наставни програми за 2. и 5. одделение. На прашањето од какви учебници ќе учат учениците од 4. и 5. одделение, oд МОН одговараат:

– Освен во печатен формат, учебниците ќе бидат достапни и во електронска верзија преку e-ucebnici.mon.gov.mk, така што секој ученик ќе има можност да одбере да учи од верзијата која цени дека ќе му обезбеди поголема ефективност во воспитно-образовниот процес.

За првачињата лани имаше печатени учебници. За четвртоодделенците беше одлучено да учат само од електронските верзии, со објаснување дека дигиталното образование е иднината и учениците на оваа возраст се подготвени да учат од дигитални уреди. Оваа одлука предизвика многу незадоволство, протести на незадоволни родители и здруженија на граѓани. Одлуката на МОН тогаш беше дека според новата концепција, печатени учебници ќе има само за најмалите ученици од 1. до 3. одделение, додека трае процесот на описменување. За останатите до 4. до 9. оддление беа предвидени исклучиво учебници во електронска верзија, со слобода кој сака да си направи фотокопија.

– Лани ќерка ми беше 4. одделение. Беше многу разочарана што нема да има книги. Се обидовме со електронската верзија една-две недели, никако не одеше… Видов-не видов, отидов во фотокопирница, ни ги испечатија. Платив 1.600 денари за фотокопии кои во второ пологудое веќе на ништо не личеа. Сите деца од нејзиното одделение учеа од фотокопии. Дури и наставниците не советуваа дека е најдобро да си ги испечатиме – вели Славица П. од Скопје.

Електорнскиот учебник за 4. одделение

Министерството завчера соопшти дека учебната 2022/23 година ќе почне на 1 септември и најави дека е можно доцнењето на учебниците. Деновиве беа објавени и наставните програми според за 2. и 5. одделение според новите реформи. На прашањето зошто олку се доцни, од МОН објаснуваат дека надлежна институција за спроведување на постапка за изработка на нови наставни програми е Бирото за развој на образованието. Откако БРО до МОН ќе достави нови наставни програми, Педагошката служба започнува со активности за спроведување на постапка за изготвување на нови учебници.

– Тоа е случај со учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение и сите тие се во различна завршна фаза на одобрување. На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комисии и треба да претрпат одредени измени или дополнувања. Откако авторот или авторите ќе ги имплементираат, ракописот со измените повторно се враќа кај рецензентите за да ја констатираат измената. Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници – велат од МОН.

Останатите ученици од 3. одделение и оние од 6. до 9. ќе учат според старата програма и учебници. Лани имаше многу негодувања поради дотрајаноста на книгите. На прашањето дали годинава ќе се печатат нови учебници по старата програма, од МОН велат:

– Вообичаено фондот на учебници се обновува или надополнува во согчасност со пријавените потреби на самите училишта по завршување на една учебна година. Така што, секое училиште коешто пријавило оштетени учебници, или пак зголемен број на ученици, ќе добие соодветен број на нови печатени учебници.

Сподели