Немаа пари да заминат во Индонезија, ама освоија сребро и две бронзи за Македонија

Еден сребрен и два бронзени медала освоија средношколците од Македонија на 34. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2022), која од 7 до 15 август се одржува во Јогјакарта, Индонезија. Сребрен медал за Македонија освои Благојче Павлески, матурнат во „Јахја Кемал” во Скопје, а Марко Танески, исто така од Прилеп и Тео Китановски од Скопје освоија бронзи. Без финансиска поддршка, тие не успеаја да отпатуваат во Индонезија, туку ја претставуваа Македонија онлајн.

– Македонскиот тим го постигнаа историски највисокиот резултат во повеќегодишната традиција на ова натпреварување – соопштија од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), организатори на нашето претстваување.

На натпреварот успешно се претстави и средношколката Софија Велковска. Учениците се предводени од лидери се д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). ИОИ 2022, после две години онлајн изданија, се одржува како хибриден настан, а повеќето од 90-те тимови се присутни во Индонезија. На настанот учествуваат вкупно 352 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање во земјите учеснички.

Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ и долгогодишен член на управниот комитет на Интернационалната олимпијада вели:
– Во текот на вчерашниот ден, гледајќи ги во живо како се менуваат резултатите од натпреварот, кога во одредени моменти Благојче беше и со освоен златен медал, сфатив дека вреди што како Здружение трошиме огромна енергија за организација на домашните натпревари и за подготовка на талентираните учениците за интернационалните натпревари.

Според него, резултатот остварен на ИОИ2022 е продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

– За жал, заради задоцнета поддршка за патување од страна на институциите, и енормното зголемување на цената на авио билетите, нашиот тим наместо во живо учествуваше на олимпијадата онлајн, од просториите на ФИНКИ. Благојче, бидејќи е пласиран високо на ранг листата меѓу најдобрите учесници од светот, ќе добие покана за да учествува на камп во Сингапур во текот на септември – вели Јованов.

Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и компаниите „Мелон технологии“, „Нетцетера“ и „Семос едукација“. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Јованов вели дека врвните резултати не доаѓаат случајно, туку со долгогодишна работа и со насочено развивање на образованието.
– За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се маргинализира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја – дециден е Јованов.

Следната, 35. ИОИ ќе се одржи идната година во Сегедин, Унгарија. Во наредниот период нашите тимови ќе учествуваат на Балканска олимпијада за јуниорите и сениорите, и двете во Романија, Европска олимпијада за јуниорите во Украина (онлајн) и на Европска олимпијада за девојки во Турција.

Сподели