Катаклизмата што го зафатила регионот пред еден и пол милениум ја опишал Марцелинус Комес, хроничар на Источното римско царство
Вкупно 24 тврдини, некои од нив сосе жителите, биле разурнати во катастрофалниот земјотрес во 518 година, во која настрадал и Скупи – главниот град на провинцијата Дарданија. Скопје денеска бележи 59 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Но, историјата памети и други природни непогоди кои го погодиле регионов. Годинава се навршуваат 1.504 години од земјотресот во Скупи во 518 година.
Катаклизмата што го зафатила регионот пред еден и пол милениум ја опишал Марцелинус Комес, хроничар на Источното римско царство, кој најголем дел од својот живот го поминал на дворот во Константинопол. Во своето дело „Хроники“, тој запишал:

„518 (XI Индикт), Време на конзулот Магно сам. Во провинцијата Дарданија, од долготраен земјотрес во еден момент биле урнати 24 тврдини. Од нив две потонале заедно со жителите, четири биле разурнати, откако загубиле половина од зградите и жителите, на 11 од нив од несреќата им биле уништени една третина од куќите и исто толку од населението, а на седум им биле уништени една четвртина од куќите и исто толку народ, а соседните тврдини биле напуштени од страв пред уривање. Потполно била разурната и метрополата Скупи, иако без загуба на населението, коешто веќе претходно побегнало пред непријателот. Тогаш, во една тврдина во областа Каниса, што се нарекува Сарнунто, земјата ги отворила своите недра, зоврела како жешка печка и од неа избликнала нагоре горечка и непрекината водена струја. Од тој земјотрес биле расцепени мошне многу планини од целата провинција, карпи биле откинати од нивните масиви и дрвја биле соборени од корен. Во должина од 30 милји земјата распукала 12 стапки и отворила длабока провалија, каде настрадале некои од жителите на тврдините, коишто сè уште бегале од карпите што се уривале или од нападите на непријателот.“
Во 527 година Скупи се спомнува со статус на провинциска метропола
Според археологот Ленче Јованова, која повеќе од три децении го истражува Скупи, ахеолошките докази за интензивни градителските зафати во Скупи во првата половина на 6 век се контрадикторни со некои од податоците познати од античките извори. Таа објаснува дека во хрониката на Марцелин Комес е забележано дека метрополата Скупи била скоро потполно уништена во катастрофалниот земјотрес од 518 година, којшто ја погодил провинцијата Дарданија. Но, Скупи не се споменува меѓу градовите чии фортификации биле повторно изградени или обновени во време на градителските зафати на Јустинијан. „Таквите податоци и малата истраженост на локалитетот Скупи во претходниот период, придонеле да се заклучи дека урбаното живеење во Скупи потполно замрело по земјотресот во 518 година, по што градот продолжол да живурка само како скромна рурална населба“, вели Јованова.
Но, археолошките истражувања на доцноантичкиот културен хоризонт на Скупи во последните години, сè повеќе ги демантираат ваквите тврдења. Јoванова го спомнува податокот од Синекдемот на Хиерокле, датиран околу 527 година, каде Скупи се спомнува со статус на провинциска метропола.
– Произлегува дека последиците од земјотресот не биле толку фатални, така што животот во градот наскоро повторно бил нормализиран – вели таа.

Откриените културни хоризонти и архитектонски структури на југоисточниот бедем, но и во централното градско подрачје на Скупи потврдуваат дека урбаното живеење, иако видоизменето, продолжило во текот на речиси целиот 6 век. Според Јованова, ваквиот хронолошки развој и расплет на случувањата во Скупи е потврден со колективниот наод на монети од централното градско подрачје.
– Хронолошки, депото завршува со монета на Маврикиј Тибериј од 583/4 година, што може да послужи како terminus post quem non за крајот на развојниот пат и организираното урбано живеење во Скупи. Оттука произлегува дека процесите и времето на дефинитивно замирањето на градот се идентични и синхрони со сличните случувања како во поголемите македонски доцноантички градови, Стоби, Хераклеја, Лихнид и Баргала – вели Јованова.
Животот бил обновен
Но, дали во културните слоеви на Скупи може да се издвојат елементи кои би укажале на случувањата во катастрофалниот земјотрес во 518 година, таа проценка треба да ја направат стручњаци кои се занимаваат со сеизмички инженеринг и работат на таа проблематика. Археолозите ги забележуваат и евидентираат урнатинските слоеви.
– Многу е тешко да се оцени, особено во тој 6 век, кога времињата се многу немирни. Има многу движења на племињата од север, има напади, разурнувања. И самиот Марцелин Комес вели дека кога веќе се случил катастрофалниот земјострес, за среќа не настрадало насалението, бидејќи претходоно веќе било побегнато од градот – објаснува Јованова.
Како и денес, така и во минатото земјотресите биле проследени и со поплави, пожари и други деструктивни процеси. Непогодата ќе предизвика разурнување и урнатини, но потоа населението ќе се врати. Тоа се случило и на Скупи. Градбите кои биле многу оштетени најчесто ги уривале сосема, на тој слој ставале насип, го рамнеле, па правеле нова градба.
– Порано се сметаше дека животот во Скупи престанал по катастрофалниот земјотрес во 518 година. Но, животот набрзо бил обновен, продолжил во целиот 6 век и тоа како квалитетно урбано живеење во градот. Не како порано, но тоа било нормално и во сите други градови на Балканот. Се намалил обемот на градовите, се собираат на помала површина, има силно бедемско опкружување и реорганизиација во самиот начин на живот – раскажува Јованова.

Како последица на сите тие процеси, во втората половина на 6 век населението постепено почнало да ги разградува старите објекти, а материјалот го употребувале во новите градби. Животот си продолжил, но кон крајот на 6 век градот веќе го изгубил оној типично урбанистички начин на живеење. Тогаш почнала да се случува уште една голема промена, на почетокот на 7 век, кога привремено или трајно се населуваат новите племиња. Јованова објаснува дека тогаш се случила и пормена на градежните структури, од тоа време е микростанбеното живеење во центарлната градска зона.
– Тогаш се реупотребува материјалот од градбите од империјалниот и од доцноантичкит период. Разградувањето и носењето на Кале е многу подоцна, во 11 и 12 век – вели Јованова.
Фотографии: Од „Римски театар Скупи“, издание на Музеј на град Скопје, Уредник Антонио Јакимовски, автори на фотографии Лилјана Тошева, Владо Кипријаносвки и Станко Неделковски





