По премиерата на „Прашина“ на Манчевски во 2001 година, ова е прв мнозинско македонски филм што ќе доживее своја премиера во една од официјалните натпреварувачки програми – „Хоризонти“
Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ќе ја доживее својата светска премиера на престижниот Венециски филмски фестивал, што годинава ќе се одржува од 31 август до 10 септември. По премиерата на „Прашина“ на Манчевски во 2001 година, ова е прв мнозинско македонски филм што ќе доживее своја премиера во една од официјалните натпреварувачки програми – „Хоризонти“. Филмот на Стругар Митевска ќе се натпреварува во неколку категории – најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.
Петтиот игран филм на Теона Стругар Митевска е снимен според сценарио на Елма Татарагиќ, а е базиран врз вистинска приказна. За Стругар Митевска голема е честа да се биде дел од „најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање“, рече таа денес на прес-конференција.

– За мене овој филм е како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на 1980-тите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста – вели режисерката.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, 40-годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Македонскиот филм ниже успеси, доказ за тоа се бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат, вели Бојан Лазаревски, директорот на Агенцијата за филм.

– Можам нескромно да кажам дека македонските филмаџии веќе имаат стил што се препознава во светски рамки. Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал е огромен успех, сам по себе. Очекуваме, пред сè, одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект – истакна Лазаревски.
Во меѓувреме, „Сестри и брат Митевски продукција“ ја продолжи соработката со еден од најголемите светски продажни агенти, францускиот „Пирамид“ што застанува зад филмови кои ја одбележуваат врвната европска кинематографија во последните неколку децении.
Имам многу силна сентиментална врска со Венецискиот фестивал. Таму, уште како тинејџерка, прв пат стапнав на црвениот килим и бев неповратно маѓепсана и досега се немав вратено со свој филмски проект и се разбира дека чувствувам неверојатна возбуда од самата помисла дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ме носи повторно на Лидо, на еден од трите најзначајни и најпрестижни фестивали, рече продуцентката Лабина Митевска.

– Овој пат сме поканети во престижната, авторски ориентирана програма „Хоризонти“ и некако ни се потврдува дека истрајноста на Теона да говори со свој филмски јазик е интригантна за најголемите светски филмски собири – изјави Митевска.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.





