Петкашите во земјата со деградирани вредности

Во скопската гимназија „Орце Николов“ секој јуни, веќе неколку години, се случува истото. Наплив на „петкаши“ – термин што се користи за ученици со сите петки во свидетелствата. Не само во „Орце“, ова се случува и во средните медицински училишта во Скопје и во Битола, и денес и пред ковид-19. Ама веројатно „Орце“ како „јака“ гимназија е поатрактивна за јавноста. На пример, лани во медицинското училиште во Скопје беше спроведен квалификационен испит за насоката медицинска сестра на албански наставен јазик. Ама никој ниту крена џева, ниту ги анализираше бодовите од тестирањето и реалните оценки што ги заслужија учениците.

Деновиве јавноста е шокирана од постигнувањата на „петкашите“. Последен пат ќе го искористам овој термин во коментаров, затоа што гневот на толпата се насочи кон децата, кон невините, нарекувајќи ги „разлигавени, синчиња и ќеркички на богаташи и високи функционери“. Децата не се тие што ја бараат „врската“. Децата не се јавуваат на наставниците да бараат петка за услуга или уцена. Ако има такви, некој дома ги научил така да се однесуваат. А децата на богатите (се разбира, и на не толку богатите) Македонци учат во приватните училишта во земјава и не се замараат со проблемите на јавното образование. Растураат на меѓународни олимпијади и добиваат (најчесто) целосни стипендии од врвни светски универзитети. Од нив, ретко кој се враќа во Македонија. Вакви деца има и во државните училишта. Деца што постигнуваат фантастични успеси. Прекрасни деца.

Образовниот систем во кој влегуваат децата во прво одделение го правиме ние, возрасните. А нашиот е килаво направен. Не е ниту направен, тој е наследен, распаднат, прикрпен, докрпен – килав. Систем во кој вредност има бројката наместо суштинското знаење на учениците, а од бројката зависи каде ќе учиш средно, дали ќе те примат на ФИНКИ итн. Проверка на знаењето за уписи во повеќето средни училишта и факултети одамна нема, па едниствен репер за некаква вредност останува бројката.

И што да очекуваме од ваков систем?! Сите кандидати во „Орце“ да освојат максимални поени, па да играат на пенали?! Самите наставници велат дека не можат глава да кренат од притисоци двојки да поправат во петки, а голем дел од притисоците ги прават нивните колеги. Не едница во двојка, не четворка во петка. Двојка во петка! Зошто? Затоа што направиме систем во кој високото образование треба да е секому достапно, а не на учениците со капацитет да студираат. Се форсираа гимназиите, за сметка на омаловажените стручни училишта. И добивме општество без електричари, водоводџии, плочкари, со 8.500 невработени со високо образование, 667 магистри и 18 доктори на науки што чекаат вработување. Меѓу нив ќе најдете еден куп кадри што пишуваат „незнам“ споено. Исто како што ќе најдете еден куп некадарни што стасале да креираат државни стратегии. Не се тие виновни. Системот е таков – со крупно решето.

Во Македонија образовни реформи се спроведуваат со децении, ниедна не е направена како што треба. „Кембриџ“ недоправен во основото образование, неспроведен во средното. И така со години. Последните темелни“ реформи во основното образование беа најавувани со фанфари, додека повеќето паталци апелираа да не се избрзуваат без добра анализа, план и буџет за да може целосно да се спроведат. За два месеца почнува новата учебна година, абер нема од новите наставни планови и учебниците за (веројатно) второ и петто одделение. Средното образование како „поглавје“ никогаш не беше ни отворено. Сè уште го чекаме новиот закон за средно образование. Пред околу пет години беше донесен Закон за високо образование и тука сè застана. Науката… ќе чека подобри времиња. Во меѓувреме веќе неколку години се форсира средното стручно образование што е за пофалба и покажува резултати – сè повеќе ученици се запишуваат во стручните училишта. Таму не се бараат сите петки, ниту се полагаат квалификациски испити, што не значи дека кадрите што ќе излезат оттаму ќе бидат неквалитетни. Напротив.

И така, во системот кој пука по сите шевови имавме секакви министри за образование – за „Кембриџ“, за реформи во основно, министер за средно стручно. Чекајќи комплетен министер за образование и наука и власт со капацитет и политичка волја за вистински, сеопфатни образовни реформи ќе се чудиме како средниот успех на одличните ученици е слаба тројка.

Што мислите, што се случува во главата на еден ученик што не добил повисока оценка од двојка-тројка по еден предмет, а ќе си види петка во свидетелство? Како очекувате да се однесува кон својот наставник идната година? Со почит?! А како се чувствува оној ученик што секој ден учи, оди на натпревари, вложува во себе кога ќе види дека се исто оценети?! И сите што си останале со заслужените оценки.

Случајот со „Орце“ е само огледало на нашите деградирани вредности. Македонија во мало. Кога последен пат сте седнале со своето дете да решите задача по математика за да му го проверите знаењето? Или сте разговарале со наставникот како му оди, на што да посвети повеќе внимание за да биде подобар ученик? Кога последен пат сте го коригирале дека „неможе“ се два збора? Сетете се на ова следниот пат кога ќе земете телефон во рака за да барате двојката да стане петка. На 10 јуни.

Сподели