Примените испити во скопската гимназија „Орце Николов“ и катастрофалните резултати на тестовите по математика и мајчин јазик повторно го отвораат прашањето за петкашите што завршуваат основно
Пишуваат: Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска
„Ми го зедоа сонот, мирот. Притисоци врз мене, врз семејството, двојката да ја поправам во петка. Од колеги, од соседи, од пријатели на пријатели… Ако останев, ќе се разболев“, вели наставничка по математика која пред многу години направила трансфер од основно училиште во урбана населба во Скопје, во школо во рурална средина. Секој ден патува по 13 километри во еден правец, ама е многу посреќна. И самата вели:
– Порано до работа стигнував пеш, сега секој ден патувам со автобус. Ама раатот нема цена.
Приемните испити во скопската гимназија „Орце Николов“ и катастрофалните резултати на тестовите по математика и мајчин јазик повторно го отвораат прашањето за петкашите што завршуваат основно. Вкупно 292 скроз одлични ученика конкурираа за 285 места во „Орце Николов“. Притисокот е ист секоја година, но под притисок на родители, разговори со министри, секогаш се прогледуваше низ прсти и се примаа сите „вишок“ петкаши, иако правилникот јасно кажува дека во ваква ситуација мора да се спроведе квалификациски тест. Резултатите се катастрофални – ниту еден ученик не ги освои сите 170 поени (100 од тестот по математика и 70 по мајчин јазик), а одвај десетина решиле тестови за петка. Еден ученик освоил само 13 поени, двајца 14, еден 15. Најдобриот освоил 152 поена, следните најдобри се со 147 и 146 поени. Повеќе од 200 ученици, две третини од вкупниот број кандидати освоиле поени како за оценки 3 и 2.
Според Митко Димовски, директор на „Орце Николов“, материјалот на кој полагаа учениците бил од 8 и 9 одделение.
– И сум и не сум изненаден од резултатите од квалификацискиот тест. Од една страна, разбирам дека полуматурантите што полагаа можеби не беа подготовени за овој испит и го доживеаја стресно, се опуштија дека завршија. Но, од друга страна, со оглед на тоа дека веќе неколку години интересот за запишување кај нас е голем, можеби и наставниците во основно, а и родителите треба да ги мотивираат учениците да се подготвуваат за можен квалификациски испит. Во вакви случаи особено е важна и емоционалната интелигенција на децата, како ќе изреагираат на тест. Но, мора и да истакнам дека имаме и ученици кои веќе во втора година кај нас освојуваат медали на државни натпревари и на олимпијади. Нашата цел е на учениците да им обезбедиме квалитетна настава – вели Димовски.
Решив да избегам, што подалеку
Тој е дециден дека ваквите слаби резултати уште еднаш потврдуваат дека можеби е време да се вратат приемните испити во средното образование, особено во гимназиското каде има поголем интерес.
– Искрено, кога веќе ќе се запишат кај нас, ние се трудиме да го надоместиме тоа што е пропуштено во основното образование. Секоја генерација е различна, некогаш тоа е поизразено, некогаш помалку. А има и ученици кои и после првото тримесечје сфаќаат дека нема да можат да го издржат ритамот на учење кај нас. Посебно тешко оди со математиката. Ако таму има големи пропусти во основното, тешко тие деца фаќаат ритам во гимназија – вели Димовски.
Проблемот е комплексен, вели наставничката која напривила трансфер од урбана во рурална средина токму поради притисоците да напише незаслужени петки во свидетелствата. Таа дипломирала наставна математика на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и според дипломата треба да предава во средно училиште.
– Си реков, ајде да ја „фатам“ работата од корен. Чест на исклучоците, но во основното образование има недоволно квалитетен кадар што предава математика, а доаѓа од Педагошкиот факултет – вели таа.
Како многу тежок го опишува периодот кога предавала математика во основно училиште во Скопје поради притисоци двојки да поправи во петки.
– Преписки со колешки, со комшии, по фамилијата почнаа да ми „удираат“. Имав културолошки шок. Ми го зедоа мирот. Деноноќни притисоци, ја изгубив смислата на постоењето. Решив да избегам што подалеку, каде никого не познавам, ниту некој мене ме знае. Верувајте тука и возрасните и децата е поразлични. Почитуваат вредности. Така, низ годините почнав да градам критериуми на оценување и не попуштам никому. За една оценка поправам, за две – нема шанса! Така ако некој научил за 3, може да добие најмногу 4. Ама некој што знае да 2 никогаш нема да добие 5 – вели наставничката.
Пред многу години му оставила 4 по математика на одличен ученик. Се вратил да ѝ каже дека поради нејзината оценка го одбиле од Средното медицинско во Скопје и ќе мора секој ден да патува до Тетово.
– Се почувствував виновна и ми беше многу жал, но му реков дека сам ќе си го изоди патот и ќе стане успешен човек. И навистина порасна во успешен човек. Но, оттогаш го воспоставив правилото на хиерархија. Многупати колешки ме замолиле 3 да поправам во 5. Не попуштам, а така и учениците се трудат повеќе – вели наставничката.
„Мисија“ да се добијат петки по секоја цена
Милена Манчиќ-Пауновска е наставничка по македонски јазик во основното училиште „Вера Јоциќ“ во Скопје. Таа вели дека е лошо кога треба да генерализираме, бидејќи има петки кои навистина се заслужени. За жал, основците во средно образование доаѓаат со просечни, па и потпросечни знаења од предметот Македонски јазик.
– Тоа се должи на непопуларноста на овој предмет меѓу учениците и нивните родители, што значи дека таква е состојбата и на едно пошироко национално ниво. Едноставно многу ретко се препознава потребата од вистинско познавање на мајчиниот јазик. Причина за оваа состојба веројатно е и читачката некултура која владее на сите нивоа, не само кај основците, бидејќи овие навики се стекнуваат во основно училиште и не верувам дека често се случува љубовта кон читањето ненадејно да се појави во повисоките степени на образование. Затоа се соочуваме со милион грешки при правоговорот, правописот, сиромашна лексика и слично – вели Манчиќ-Пауновска.
Според неа, рамките во кој е поставен предметот Македонски јазик некогаш не дозволуваат да се посвети доволно време на важните работи од јазикот – неговата практична примена, односно да се применат сите сознанија за правоговор, правопис и интерпункција за кои теоретски се учи на часовите. Едноставно, потребни се повеќе часови за вежбање и примена на правилата.
– Но конкретно за ситуацијата во гимназијата „Орце Николов“, одговорно тврдам дека се заслужни сите чинители во процесот на образование – и наставниците, родителите, директорите, колегите и сите кои на крајот од годината се во „мисија“ да се добијат петки по секоја цена. Популарно кажано виновни се „врските“ кои се користат да се постигне скроз одличен успех зашто нели станува збор за „наши деца“, чии родители ни се наоѓаат, па им должиме услуга, или нема смисла да остане со две четворки итн. Наставникот сепак има право да стои на својот став за оцената и да не „попушта“, но тоа неминовно предизвикува непријатели во работната средина и ризик за некаков реваншизам. На крајот резултатот е – само 11 деца со одлични познавања на мајчиниот јазик, катастрофа. Поради сето ова изгледа дека во иднина ќе бидат неопходни приемни испити како за средно, така и за високо образование, па секој ученик нека си го најде местото каде што навистина припаѓа според знаењето – вели Манчиќ-Пауновска.
Нејзиниот став го дели и наставничката по математика. Приемен или квалификациски испит заедно со просечниот успех од основно ќе даде реална слика според која може да се рангираат кандидатите. Димовски е дециден дека повеќе фактори влијаат врз резултатите на децата и ова е тема со која треба посериозно да се зафатиме, да анализираме.
– Едно знам со сигурност – дека не е нормално да имаме толку многу петки во основното образование. Мора да сфатиме дека така им правиме само лоша услуга на децата. Мора да бидеме посамокритични како општество. Навистина е поразително што на квалификацискиот испит имавме ученик со вкупно 13 поени по двата предмета! – вели Димовски.