„Во едно недемократско општество, како нашето во Македонија, која и да е партија на власт ќе ја искористи својата моќ за да го затвори медиумот што не работи во нејзина корист. Медиумите секогаш ќе бидат злоупотребувани“. Овој став на Мирче Адамчевски, новинар со долгодишно искуство, со кој апсолутно се согласувам, ќе го земам како појдовна точка за една хронолошка мини-анализа на состојбата со корупцијата во медиумите, поточно во печатот, од аспект на паталец кој помина скоро 18 години во своевремено најтиражниот весник во Македонија. Поради корупција, деновиве се навршуваат пет години откако весникот згасна.
Влегов без врски, во период кога весникот почнуваше нов проект каде се прелеа дел од кадарот, па беше потребна свежа крв што ќе работи во базата. Влегов во време кога весникот веќе беше позициониран како највлијателен во земјава. Моќни приказни, откривање афери, трка за силни, ексклузивни информации поради кои паѓаа директори, министри. Политичките елити (оние со мувата на капата) на трње чекаа колпортерите да излезат на улица. Време кога важеше правилото: ако тој што ти ја дал информацијата ти се заблагодари дека одлично си ја завршил работата, знај дека си „извозен“. Си му направил услуга за да добие нешто.
Никому не верувавме, сè проверувавме на неколку места. Имавме компјутери, немаше интернет, информациите ни стигнуваа на факс. Користевме книги, енциклопедии, печатени билтени, се јавуваме кај експерти за да потврдиме информација. Се натпреварувавме на уредникот да му ја „продадеме“ приказната, обидувајќи се на секој можен начин да му објасниме зошто е важна. Не помислувавме да предадеме текст на уредник без „втора страна“, камоли таква информација да стигне до фаза за печатење. Проблемските анализи не можеа да се замислат без ставови на претставици на партија на власт и на опозиција, од невладини граѓански организации, најмалку двајца експерти од областа. А редактираните, уредени текстови беше невозможно да стигнат до хартија нелекторирани. Паметам времиња со петмина новинари во рубрика култура, по седум-осум во политичка и економија, редакции со по три вработени лектори. Денес лектори работат во неколкуте печатени медиуми, веројатно последните тврдини на професионалното новинарство (се разбира не сите).
Вообичаено пред почетокот на избори беше објавуван кодексот за фер известување во предизборна кампања. Не можеше да се фаворизира ниту еден политички кандидат или партија со еден ред повеќе. Сите добиваа еднакво ист простор. Саморегулацијата и етиката во работењето беше исклучиво наша, на новинарите и уредничките тимови. А кога некоја приказна ќе добиеше епилог, ја чувствуваме моќта да се влијае на обликување на едно општеството. На нашето кревко општество кое на патот на демократизација некаде го изгуби компасот.
Не беше сè романтично, новинарите и тогаш како и денес работеа за смешно ниски плати, сопственици јавно се декларираа како газди, но добра приказна поткрепена со аргументи никогаш не беше повлечена од насловна страница, ниту од печат.
Времињата се сменија, партијата на власт ја искористи својата моќ, стана сопственик во сенка на повеќе медиуми кои работеа во нејзина корист. И на мала врата ја воведе практиката медиуми да бидат гласноговорници на партиски политики, поддршка на нивната сила и моќ, манипулација на гласачкото тело, без разлика дали се позиција или опозиција. Се појавија еден куп онлајн медиуми чија работа генерално не е регулирана (а често не е ни саморегулирана). Нивната дејност е секаква, освен професионална.
И тука доаѓаме до зборот корупција, чија смисла е нечесно, измамничко однесување на оние што се на позиција на моќ, вообичаено проследена со некаков поткуп. Поткуп како поткуп, кај нас одамна не подразбира класично полнење на џебот. Ние коруптивното однесување го донесовме на толку високо ниво, што се граничи со перфекционизам. Услуга за услуга, вработување со партиска книшка за глас(ови) на избори, услуга за да го запишеш детето во градинка, врски за сите петки, па „петкашот“ да стане пратеник или директор кога ќе дипломира со просек 10.00. Партијата праќа соопштенија кои „медиумот“ ги објавува по дифолт, не менува ниту запирка, камоли да преиспита став, да провери информација или да побара второ мислење. Или да исправи печатна грешка!!! Што би рекол Адамчевски, „во едно недемократско општетство медиумите секогаш ќе бидат злоупотребувани.“
Насловна фотографија: Од креативната акција „Корупцијата се гледа од авион“ / Автор: Дарко Андоновски





