Аплаузи за инклузивната танцова претстава „Рефлексија“ со 220 учесника

Инспирирани од (Р)еволуцијата предводени од новите генерации, танцовото студио „Еурека“ четврта година по ред ја доближува инклузијата до сите нас. Новата премиера за сликата на светот низ призма на видувањата на нашите срца, а се случи на сцената на Националната опера и балет.

Брзината на живеењето, модерното родителство во постојана трка со обврските, во која мора да бидеш сè и да имаш сè, освен доволно време поминато со своите деца, како и лесната достапност на дигиталниот свет-интернетот, ја формираа од младината, генерацијата Зет и неминовната отуѓеност од другите во реалноста, отуѓеноста од природата, од себе, како и нетолерантноста, неприфаќањето на различните, што неретко води до затвореност, чувство на неприфатерност, несфатеност, незадоволства, фрустрации, па и ментални проблеми.

Танцовото студио „Еурека“ преку танцот на 220 членови со и без попречености прикажа многу јасна слика на реалноста, на основа на музика на Кирил Џајковски. Пренесе моќна, впечатлива порака, не оставајќи никого рамнодушен, предизвикувајќи силни емоции кај публиката која возвраќаше со аплаузи и овации.
Автор на претставата е Катерина Јолакоска, а кореографијата е авторска на Јана Андрејевиќ Лазарова, Андријана Атанасова, Теодора Јолакоска, Ања Јолакоска, Стефани Кралевска, Елена Чекова и Тамара Богатиновска. За маестралностот светло е задолжен Милчо Александров, а во стручниот тим се дефектологот Јелица Салтирова и педагогот Даниела С.Кочијева.

фотографии: Мирослав Митиќ

Сподели