Кастингот ми е најомилениот дел од процесот на создавање филм. Во него се отелотворуваат ликовите, карактерите од светот на идеите се преселуваат во телата на актерите и секој актер му дава посебна и различна душа, енергија и лик на секој карактер – вели Николоска.
Веќе 20-ина години Киријана А. Николоска се занимава со многу интересна професија – прави кастинзи или помага во изборот на актери за на филм. Колкумина од вас се запрашале како ли се избира соодветниот актер за една улога? Се разбира дека режисерите го имаат последниот збор, меѓутоа улогата на кастинг директорот, меѓу другото, е и да направи потесна селекција на актери за одредена улога.
Таа е една од основачите на агенцијата за кастинг „Гужва“, која има работено на многу македонски филмови, серии, реклами… Во моментов работи на кастингот на новиот филм на Димитар Оровчанец – „Убиј ги прво децата“. Во последните години има работено на: Сестри, Северен Пол, Зоки Поки, Втора шанса, Наградата, Кога денот немаше име, Ослободување на Скопје, Лазар, Џган и редица други.

Николоска вели дека од многуте работи што ги правела на филм, кастингот и работата со актерите и се омилени.
– Изборот на актери не го правам јас, изборот е секогаш на режисерот/ката или евентуално и на продукцијата. Мојата работа се состои во изнаоѓање и предлагање на најдобри кандидати за улогите и водење и спроведување на процесот на кастинг. Јас можам да сугерирам или дадам мислење, но не го правам изборот. Кастингот ми е најомилениот дел од процесот на создавање филм. Во него се отелотворуваат ликовите, карактерите од светот на идеите се преселуваат во телата на актерите и секој актер му дава посебна и различна душа, енергија и лик на секој карактер – вели Николоска.

„Гужва“ настана од потребата за собирање и систематизација на материјалите од сите кастинзи кои со текот на годините се натрупувале.
– Во еден момент стана невозможно да се пребаруваат фотографии и луѓе доколку не се систематизираат и стават во една база. Неколку колешки кои работевме во тој сектор се договоривме сите да вложуваме во иста база и да ја користиме секој за своите потреби или проекти. Во „Гужва“ се: Биљана Драгичевиќ- Пројковска, Маја Плавевска, Алисија Ферро и јас. Секоја од нас може независно да работи индивидуално на проекти и да ја користи базата на актери и статисти на „Гужва“, а често работиме и заедно на исти проекти. Некогаш јас работам кастинг на улоги за некој филм, а Маја работи кастинг на статисти или пак две или три од нас работат на кастинг и координација на статистите на некој проект. Во принцип за секој проект за кој има потреба од повеќе луѓе заеднички се договараме и секој има слобода да работи, и индивидуално и независно. Правило ни е само дека сите материјали од кастинг секогаш ги ставаме во една база за да можат сите да ги користат и постојано се консултираме и надградуваме една со друга – објаснува Кирјана.

Од снимањето на филмот „Џган“
На прашањето дали некогаш и се случило да си рече дека не направиле добар избор на актери, таа вели:
– Во секој процес постои можност нешто да се направи на поинаков начин кој можеби би бил подобар во некој контекст, но верувам дека тоа што веќе се случило е најдоброто што можело да се случи во тоа време, со тие ресурси и во тој контекст – вели таа.
Не би издвоила филм со кој посебно се гордее.
– Задоволна сум со работата на сите филмови, иако понекогаш поголем предизвик ми е да работам кастинг на натуршчици и деца и некако тие проекти подолго остануваат со мене – додава Киријана.

Кои се најважните особини што професионалец треба да ги има за да се бави со оваа работа?
Кирјана вели: трпение, посветеност, љубопитност и љубов.







