„Аудиција СЕГА“ со конкретни предлози на средба со министерката Костадиновска-Стојчевска

Претставници на иницијативата „Аудиција СЕГА“ денеска се сретнаа со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Тие се договорија Mинистерството да формира работна група со претставници од „Аудиција СЕГА“, како и со претставници од држaвните/приватните академии, министерството и националните установи, која ќе работи на стратегија за отворање нови работни места, поголема транспарентност и креирање електронска база на дипломирани театарски работници.

Исто така, беше предложено Mинистерството да отпочне подготовката на документи за националните установи со кои ќе се овозможи ангажирање на минимум еден невработен актер, по пат на отворени кастинзи во секоја претстава (во зависност од обемот на претставата и повеќе), како и минимум по еден невработен режисер во годишните програми на институциите.

Еден од заклучоците е иницијативата да се вклучи во процесот на изготвување на следниот Годишен конкурс во делот на ревидирање на критериумите и приоритетите за бодување и оценување на проектите, како и да стане дел од работните групи што ќе работат на претстојната четиригодишна Стратегија за култура, како и на Законот за јавен интерес во културата.

Сподели