На 82 години денес во Скопје пoчина Ѓорѓи Марјановиќ. Марјановиќ беше професор по кривично право, почесен претседател на Лигата за демократија. Професорот беше познат по својот препознатлив начин на предавање и остроумност. Долги години беше колумнист на весникот „Дневник“.
Ѓорѓи Марјановиќ е роден на 6 мај 1939 година во Стара Моравица, Србија. Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: „Правните последици на осудата”. Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата „Правната положба на осуденикот по издржаната казна”.
Сиот работен век го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).
Марјановиќ го преведе цел циклус дела „Во потрага по загубеното време“ од Марсел Пруст од француски на македонски јазик.
Марјановиќ има преведено дела од германски (Карл Маркс „Осумнесеттиот бример на Луј Бонапарта“ и „Откритија за процесот на комунистите во Келн“; Г. Кајзер, „Криминологија“) и француски јазик (Антоан де Сент-Егзипери „Земја на луѓето“).





