„Домот е таму каде што те чекаат, домот е таму каде што боли“ – ќе запише Горан Стефановски. Оваа толку едноставни реченица лебдат во воздухот додека ја гледате претставата My Name is Goran Stefanovski, која деновиве ја имаше својата премиера на сцената која беше најмногу на Горан – таа на Драмскиот театар во Скопје. Актерите, музиката, текстот кој е инспириран од култните драми на Стефановски сите буквално постојат во духот на возвишеноста, во духот на желбата да се оддаде почит кон личноста која толку многу му подари не само на македонскиот, но и на некогашниот југословенски и европски театар. Токму затоа, одлуката режисер (Бранислав Миќуновиќ) и драматург (Бранислава Илиќ) од Црна Гора да ја постават претставата која е вид омаж за Стефановски, е сосема оправдана.

My Name is Goran Stefanovski ја допира публиката со познатите реплики, со препознатливото и безвременско писмо на Стефановски, со музиката која потсетува на антологиските претстави (автор – Влатко Стефановски). Се вели некој е жив дури се зборува за него, така е дефинитивно и во случајот на Горан Стефановски. Сакав да поверувам и би (на голема радост) оваа претстава да биде ново поглавје за Драмски театар. Оваа претстава треба да ги надмине двете години театарски живот во страв, со големи ограничувања и по некоја камерна претстава кои се родија колку да го одржуваат театарот во живот.

Актерската екипа избрана од прв до последен. Од великанот Мето Јовановски, чија актерска појава на сцена е доволна за да ви влее доверба, а со тоа и на своите помлади колеги – до најмалата Саша Димитревска, која дебитираше на голема театарска сцена. Несомнено ѝ беше доверена голема улога, со која таа одлично се снајде.

Миќуновиќ успеа на сцена да ги стави по подолго време заедно Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновскa. Заедно сo Соња Стамболџиоска, Ана Димитриова, Дамјан Цветановски, Златко Митрески, Игор Ангелов, Драган Спасов-Дац и Стефан Вујисиќ создадоа магија. Го вратија театарот на актерот во живот.

Стефан Вујисиќ уште еднаш потврди дека е подготвен за големи актерски залаци, успевајќи да се трансформира од улога во улога и да плени со својата игра.

Режисерот Миќуновиќ рече на прес-конференцијата – на Драмски театар треба да му се врати сјајот, му требаат подобри услови. Да, и тоа под итно! Не личи претстава како My name is Goran Stefanovski да се игра на издрпани столчиња и теписи, во страв таванот да не падне на сцената во секој момент. Време е државата да покаже дека се грижи за своето живо културно наследство и да изгради конечно достоинствена театарска зграда. Театарот мора да е во од со новото време. Убаво е да се градат нови театри таму каде што ги нема, но многу несоодветно е да се остави театар како Драмскиот, во кој е втемелено македонското драмско творештво, театар кој бил страв и трепет на фестивалите во регионот, и по шест децении да биде во привремен објект.

Или Театарот за деца и младинци, кој 32 години се тутка и едвај дише во објект што одамна требаше да го напушти.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.