Една од позначајните донации е оставнината на проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска која подарила 37 уметнички дела на МСУ
Само осум откупени уметнички дела наспроти 64 донации се евидентирани во Музејот на современата уметност од 2017 до 2021 година. Подарувањето останува примарниот начин на пополнување на колекциите, вели кустосот Ива Димовски, куратор на изложбата „Аквизиции – донации 2017-2021“ која денеска во 12 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје.
Ќе бидат претставени 72 дела од 35 автори од македонската уметничка сцена, изработени во разни медиуми: слики, скулптури, графики, акварели, цртежи, видеа и инсталации. На отворањето публиката ќе може да ужива и во првото пролетно матине, проследено со музика и единствениот поглед кон градот. Кустос соработник на проектот е Бојана Јанева.
Во поставката ќе бидат изложени дела кои музејот ги има добиено по пат на откуп и донација од 2017 година до денес. Од нив, осум се откупени од Министерството за култура, а 64 се донирани на МСУ.
– Примарната функција, односно начинот на збогатување на колекцијата преку откупна политика и понатаму останува ненадминат проблем, но затоа Mузејот изразува огромна почит и благодарност до уметниците и донаторите, кои и понатаму несебично ја збогатуваат колекцијата на МСУ. Поттикот за донирање останува и понатаму како главен адут на проширување на збирката на музејот – вели Димовски.
Oвој принцип на претставување на донирани и откупени делата пред јавноста музејот го негува уште од 1963 година. До 2000 година МСУ организирал две засебни поставки „Подарени дела“ и „Аквизиции“, кои за првпат се спојуваат во една изложба „Донации – аквизиции 1987-2000“.
– Овие „Аквизиции – донации 2022“, како и претходните, продолжуваат со истата идеја – да ги презентираат квалитетот и квантитетот на делата од колекцијата, прикажување на минатото, не поради самата историја, туку и преку рефлектирање на нејзината важност и за сегашноста и иднината, за колекцијата и Музејот.
На поставката ќе можат да се видат и дела од основоположниците на македонската современа ликовна уметност: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници. Тука се и делата од Симон Узуновски (донација од Крсте Џидров), делата кои Министерството за култура коии во 2017 година ги откупи од Кирил Гегоски, Жанета Вангели, Беди Ибрахим, Миле Корубин и други.
– Една од позначајните донации е оставнината на проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска која подари 37 уметнички дела. Понатаму, уметникот Глигор Стефанов ги подари сите негови дела од ретроспективната изложба реализирана пред неколку години во МСУ, како и несебичниот потег на авторката Кристина Пулејкова, која ја подари нејзината самостојна изложба по повод наградата за најдобар млад уметник од Биеналето на млади уметници во 2016 година – велат од МСУ.
Публиката ќе може да ги види делата на: Драгутин Аврамовски-Гуте, Мира Апостоловска, Љубомир Белогаски, Иван Велков, Томо Владимирски, Владимир Георгиевски, Божидар Дамјановски, Катја Ефтимова, Богољуб Ивковиќ, Александар Јанкуловски-Цане, Ристо Калчевски, Киро Караџа, Вангел Коџоман, Зоран Малиновски, Власе Николески, Трајче Николовски, Данчо Ордев, Благоја Попоски, Исмет Рамиќевиќ, Александар Ристески, Ана Темкова, Никола Фидановски, Слободан Филовски, Симон Шемов и Теофил Шулајковски.





