Во западната филозофија постои темелно и длабоко аргументирање и докажување на теориите, засновано врз логички следства и заклучоци, а во кинеската филозофија тоа е во помал обем и најчесто исказите се повеќе сугестивни
Денешните луѓе, вклучувајќи ги и политичарите, можат многу да научат од филозофот Лаоце. На пример, Лаоце вели дека владетелот не треба да има свои мисли, туку треба да ги има мислите на народот како свои. Иако тој не знаел за демократија, сепак оваа и слични на неа изреки носат во себе демократски дух, вели д-р Александар Стаматов, професор на Универзитетот „Минг Чуан“ во Тајпеј. Таму, на Меѓународниот колеџ го држи курсот по хуманистика. Во интервјуто за Умно.мк, Стаматов раскажува како животот го одвел во Тајван, какви предмети се изучуваат на универзитетот „Минг Чуан“, каков е животот во оваа островска земја на Далечниот Исток.

Проф. д-р Александар Стаматов
Студиравте филозофија во Скопје. Која беше главната причина да ја изберете оваа наука, иако важи за „непривлечна“ професија од аспект на заработувачка во денешно време?
– Во погорните години во средно училиште имавме предмет филозофија. Ми стана веднаш интересен. Јас првично бев голем љубител на филмот и сакав да студирам режија. Но, шансите за тоа беа многу мали. Така, непосредно пред матурирањето се одлучив да одам на филозофија.
Припаѓате на генерација која имаше среќа да учи од професори кои оставија длабока трага во македонското општество, дел од нив филозофи, не само професори по филозофија. Што сметате за најголема придобивка од студирањето во Скопје?
– Се сеќавам, имавме приемен ден и сите професори дојдоа во училницата и стоеја пред нас. Некој ги претставуваше еден по еден, а тие не гледаа со благи насмевки на усните. Како да сакаа да ни оддадат некоја почит за тоа што сме успеале да „влеземе“ во филозофската училница. Всушност, беше повеќе од тоа. Сакаа да ни дадат до знаење дека во наредните неколку години ќе функционираме како една заедница, како еден вид семејство, а не само како релација професор – студент. И тоа навистина беше така. На крајот од студиите не само што се собраа и разменија знаења, туку останаа и добри спомени. Она што мислам дека беше најбитно е што ја разгоруваа желбата, барем кај мене, за потрага по повеќе знаење преку читање на примарната литература.

Секако, покрај професорите кои нè насочуваа да газиме по филозофските патишта, тука беа и колегите студенти со кои заедно чекорев. Било меѓу часови или после часови на чај во турската чаршија, знаевме да развиеме дискусии за тоа што сме го учеле или прочитале. Ваквите размени на искуства беа исто така од голема полза при напорите да се дојде до некој „крај“ на тие патишта. Но, се разбира, најголемата лекција од сето ова е дека не постои таков крај кој би бил еден и ист за сите.
Како се случи да стигнете во Тајван и на што се посветивте во докторските студии?
– Во текот на студиите во Скопје мојот интерес полека се насочуваше кон кинеската филозофија. После дипломирањето веднаш запишав постдипломски студии со намера да пишувам теза за кинеската филозофија. Имав и намера да учам кинески јазик за да можам да ја читам литературата во оригинал, но немав конкретна идеја како да го изведам тоа. Еден ден видов оглас дека тајванската влада дава стипендии за упис во центар за кинески јазик на еден од универзитетите во Тајпеј. Се пријавив и за кратко време веќе се пакував. Тоа беше во далечната 1999 година и останав во Тајван две години. По завршувањето на постдипломските студии во Скопје, почнав да размислувам моите докторски студии по кинеска филозофија да ги работам токму на кинеско тло. Аплицирав на универзитети во Хонгконг, Шангај и Тајван, но судбината изгледа сакала да се вратам повторно тука. Ме примија на Националниот централен универзитет. Тука се изучуваа разни предмети од кинеската и западната филозофија – се разбира јас ги одбирав тие од кинеската. На крајот се искристализира дека имам најголем интерес кон древниот филозоф Лаоце, односно неговата книга Тао Те џинг (Книга за патот и доблеста), зачетникот на филозофското учење познато како таоизам. Тоа кулминираше со докторска дисертација за современото толкување на неговата политичка филозофија.
Западната филозофија прилично се разликува од таа на Истокот. Што ги разделува, а каде наоѓате сличности?
– Од формален аспект, традиционално можеби најголемата разлика е тоа што во западната филозофија постои темелно и длабоко аргументирање и докажување на теориите засновано врз логички следства и заклучоци. Во кинеската филозофија тоа е во помал обем и најчесто исказите се повеќе сугестивни или во облик на аналогија. На пример, Сократ, Платон, Аристотел развиваат долготрајни дискусии во кои ги докажуваат своите или ги побиваат другите теории, додека нивните современици во Кина, како Конфуциј, Менциј, Лаоце, Чуангце итн., своите мисли ги искажуваат во кратки разговори, приказни или стихови во кои заклучокот се изведува по пат на еден вид проникнување во суштината на проблемот, со кое читателот доаѓа до еден вид инстинктивно разбирање на тој проблем, каде што не ретко може да биде проследено со воздишката: Аха! Исто така, може да забележиме дека на Запад филозофите најчесто се изразуваат монолошки, додека во Кина дијалошки. Западните филозофи ги создаваат своите дела, ако може така да се рече, затворени во своите кабинети, додека кинеските филозофи се надвор и во постојан разговор со другите филозофи или своите ученици. Така, во кинеските дела може да се види како на филозофот му се поставува прашање или пак тој прво кажува или прашува нешто па се создава кратка дискусија и на крајот се доаѓа до некаков заклучок.

Од содржински аспект пак, може да видиме дека и едните и другите се занимаваат со слични прашања, како на пример оние за потеклото и постоењето на светот, доброто и правилното однесување, идеалното владеење со државата итн. Но може да видиме и дека некои проблеми ги нема во кинеската филозофија, на пример, прашањето за постоењето на Бог или дали човековата волја е слободна или не. Во секој случај, одговорите на филозофските прашања може да бидат различни, но и слични, што ни дава можност за споредување на одредени филозофи или филозофски правци од западната со кинеската филозофија.
Што работите во моментот и кој е фокусот на Вашиот научен интерес?
– На колеџот има мешани локални и странски студенти. Странските студенти најчесто доаѓаат од Азија, Африка и Јужна Америка, но има и од Европа. На курсот обработуваме теми од практичната филозофија, поточно од етиката и политичката филозофија, во западната и кинеската традиција. Во последните години се обидов да го продлабочам истражувањето на политичката филозофија на Лаоце. Како резултат, објавив неколку текстови во странски стручни списанија и допрва ќе се објави и едно поглавје во книга посветена на филозофијата на Тао Те џинг. Јас се залагам за идеја дека денешните луѓе, вклучувајќи ги и политичарите, можат многу да научат од Лаоце. На пример, Лаоце вели дека владетелот не треба да има свои мисли, туку треба да ги има мислите на народот како свои. Иако Лаоце не знаел за демократија, сепак оваа и слични на неа изреки носат во себе демократски дух. Така, сметам дека политичката филозофија на Лаоце може да има свој придонес и во денешнината.

Но, покрај тоа, се интересирам и за теми од компаративната филозофија. Во врска со тоа, во јуни оваа година ќе презентирам текст на конференција во организација на Меѓународното друштво за кинеска филозофија што ќе се одржи во Шангај. Фокусот на ова мое ново истражување е како од компаративната филозофија може да се дојде до т.н. светска филозофија, односно филозофија која не припаѓа ниту на Западот ниту на Истокот, туку на самиот свет. Во меѓувреме, имам објавено текстови за Лаоце и за легализмот, едно друго древно филозофско движење во Кина, во македонското списание „Филозофска трибина“, а во 2019 ја објавив книгата „Збирка есеи од кинеската филозофија“ во издание на „Азбуки“ од Скопје.
Што најмногу Ви недостига од Скопје? На која културолошка разлика во Тајван најтешко се навикнавте?
– Се разбира, прва работа е семејството, роднините и пријателите. Денешната напредна технологија овозможува да бидеме почесто во контакт. Но од другите работи, би сакал да ги спомнам климатските услови. Тајван се наоѓа на границата на тропскиот појас, односно, северниот повратник поминува низ средината на островот. Така, имаме долги топли и влажни лета. Топлината навечер е речиси иста како и преку ден. Зимите се благи и дождливи, понекогаш има прилично студени денови, но и релативно топли. Ми недостига ако можам да го наречам „нормално“ лето, кога барем навечер се чувствува посвежо. А исто така, ми недостига и нормална зима, вистински студ, пропратен и со снег.

Што се однесува до културолошките разлики, можеби најтешка за навикнување е недостатокот на директноста. Особено ако се изразува несогласување или критикување. Многу пати сум бил во ситуации да добијам долг одговор и на крајот да не знам што сака да ми каже соговорникот. Ми требаше извесно време да научам дека долгиот одговор значи „не“ или дека не му се допаѓа нешто или не се согласува со нешто.
Колкави се можностите за соработка помеѓу Универзитетот во Тајван и УКИМ?
– Универзитетот „Минг Чуан“ е отворен за соработка. Секогаш се обидува да биде во чекор со современата технологија и современите начини на предавање и истражување. Поттикнати од овие времиња на пандемија преку онлајн технологијата се отвораат поголеми можности за соработка. „Минг Чуан“ ги користи тие можности и им овозможува на студенти и професори од целиот свет да бидат во постојан контакт со нив.
Во Скопје бевте дел од „Чиста Околина“, Оркестарот „Пеце Атанасовски“ и етно-составот „Баклава“. Што правите на музичко поле на Далечниот Исток?
– Тамбурата ми е постојан придружник овде. Сум свирел и настапувал во различни бендови и групации свирејќи македонска изворна музика, но понекогаш и разни импровизации. Од сето ова музичко искуство би го спомнал бендот „Ашти“ кој работеше во периодот од 2008 до 2014.

Со овој бенд свиревме и пеевме македонски народни песни и настапувавме на разни места низ Тајван, а во 2014 бевме на турнеја во НР Кина со настапи во Пекинг, Гуанџоу и Џухај. Во текот на нашето постоење издадовме и два албуми. Во последно време не сум многу активен поради зголемениот број домашни и работни обврски, но понекогаш свирам како гостин на еден бенд со досетливо име „Балказар“. Тоа е кавер бенд кој свири балканска народна и поп-рок музика. Кога можностите дозволуваат, јас им се придружувам на кратка сесија со македонска изворна музика.





